Македонија
Стоилковиќ – Памер: Економијата не е само предизвик, туку и една од најважните точки клучна за напредок
Потпретседателот на Владата на РСМ и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ денес оствари работна средба со делегација од Амбасадата на Република Австрија во Скопје, предводена од амбасадорот, Мартин Памер.
На средбата беа разменети мислења и ставови за актуелните политички и економски прашања во двете земји, со фокус на односите меѓу етничките заедници кои живеат во земјата, а Стоилковиќ и Памер изразија уверување дека пријателските односи меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат и во иднина.
Стоилковиќ меѓу другото го запозна амбасадорот Памер и со функционирањето на Министерството за односи меѓу заедниците, како и фактот дека истото треба да прерасне во институција која ќе работи во корист на сите етнички заедници во земјава, но и со проектите на кои работи како заменик-претседател во Владата на РС Македонија. Во таа насока, тема на разговор беа и можностите за проширување на економската соработка меѓу двете земји, а двајцата соговорници се согласија дека економијата не е само предизвик, туку и една од најважните точки и клучна за напредок. Акцент беше ставен и на подобрувањето на економската размена меѓу двете земји и подигнување на нејзиното ниво.
На крајот од средбата двајцата соговорници се согласија дека соработката меѓу двете земји е од исклучително значење, а особено клучна е поддршката што нашата земја ја добива од Австрија кога станува збор за реформските процеси поврзани со евроинтеграциите, кои, како што беше нагласено, мора да останат на агендата и во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Илинден: Се гради нов плочест мост и сервисна улица во Марино
Интензивно се вршат градежните активности на терен за реализација на проектот за изградба на нов плочест мост и сервисна улица „500“ во населеното место Марино, соопштија од Општината Илинден.
Со проектот, како што појаснуваат, ќе се реализира изградба на нов плочест мост со коловоз широк 6 метри и тротоари од по 1,5 метар од двете страни, со што ќе се обезбеди безбедно и непречено движење на пешаците и возилата. „Покрај мостот, интензивно се работи на терен и изградбата на новата сервисна улица во должина од 260 метри, со коловоз широк 5,5 метри и тротоари со широчина од 1,5 метри од двете страни на улицата.
Дополнително, во рамки на проектот се поставува и систем за собирање и одведување на фекални отпадни води, односно фекална канализација за објектите што гравитираат кон оваа улица – што претставува значаен придонес кон подобрување на инфраструктурата и условите за живот во овој дел од општината“.
Увид во градежните работи изврши градоначалникот на општината Алекснадар Георгиевски, кој истакна дека ова е еден од ветените проекти кој го бараа граѓаните. Изградбата на новиот мост и улицата ќе направи спојување на веќе изградената улица „119“ во населбата Јака, со што оваа населба со над 330 домаќинства ќе се поврзе со централниот дел на општина Илинден, односно со н.м Марино. Исто така, значително ќе се подобри и сообраќајната поврзаност, како и квалитот на живот на граѓаните. Средствата за реализација на овие проекти се 70% финансирани од Владата на РМ, а 30% од Буџетот на Општина Илинден.
Македонија
„Заштитата на Преспанското Езеро треба да биде највисок приоритет“: Сиљановска-Давкова во посета на Ресен
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска е во работна посета на Општина Ресен. Во рамки на посетата, таа оствари средби со градоначалникот Јован Тозиевски, членовите на Советот на општината и со граѓаните на Ресен.
Тие ја запознаа со локалните проблеми, а особено беше нагласено прашањето за миграцијата и одливот на младите од Ресен и Преспанскиот регион. Се акцентираше и важноста на проектот „ЕУ за Преспа“, преку кој се вложуваат значителни средства за развој на Ресен, една од општините којашто има најголем бенефит од европските фондови.
Во непосредниот разговор со граѓаните, Сиљановска-Давкова ги сослуша забелешките и предлозите за секојдневните економски, инфраструктурни и социјални прашања, потенцирајќи дека активниот дијалог со граѓаните претставува темел на одговорното и транспарентно владеење.
Претседателката ќе посети и неколку културни институции, како и производствениот погон Свисслион Агроплод – Ресен. Со тоа се нагласува значењето на културната традиција и поттикнувањето на економската активност како двигател на локалниот развој.
Попладневниот дел е посветен на дебата со претставници на невладини организации, на локални и национални институции, со фокус на еколошките предизвици и зачувувањето на Преспанското Езеро како природно и национално богатство.
Македонија
СДС лаже, ИПАРД 3 го запре Владата, потврди и делегацијата на ЕУ, велат од ВМРО-ДПМНЕ
За прв пат во историјата на државата, институциите преземаат мерки за корупција за кој главен осомничен е актуелен директор без притоа тие да постапуваат по претходен голем притисок на медиумите и јавноста, како што беше во време на СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владатa, како што додаваат, го санкционира коруптивното поведение на актуелни функционери без затоа да има јавен скандал.
„Во време на СДС, свиркачи и медиуми вадеа документи, видеа и аудио снимки од криминали за тогашни функционери, а Заев, Ковачевски и Филипче не само што не ги менуваат, туку и ги штитеа и вршеа притисок врз институциите да не отворат постапки“.
Во делот на манипулациите на СДС дека министерот Трипуновски треба да сноси одговорност, од владејачката партија нотираат дека станува збор за посебна институција која во своето менаџирање е самостојна.
„Во делот на лагите дека ИПАРД е блокирана од ЕУ, нема поголем демант од ставот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, кои наведоа:
“Ја поздравуваме одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД 3 додека не се разјаснат околностите. Со оглед на тоа дека во моментов во тек е истрага, не би можеле да дадеме дополнителни коментари – велат од Делегацијата.”
По ова, секој нареден прес на СДС може да се земе единствено како димна бомба за сокривање од партиските превирања и несогласувања во СДС и се посилните барања за оставка на Филипче“.

