Спорт
Атаман: Резервирајте билети за Абу Даби, ќе ја освоиме осмата титула
Откако беше казнет со 8.000 евра затоа што доби техничка грешка со влегување во теренот, Ергин Атаман се огласи на социјалните мрежи во свој стил, одлучно и со големи ветувања.
Покрај Атаман, казна доби и најдобриот играч на панатинаикос, Кендрик Нан. Американецот е суспендиран на еден натпревар.
„Ако некој мисли да не спречи со необични казни, мора да знае дека тоа само уште повеќе ме мотивира мене и моите играчи. Ви благодарам“, напиша Атаман на „Инстаграм“ и додаде:
„Навивачи на Панатинаикос, резервирајте ги картите за Абу Даби и подгответе се за осмата ѕвезда“.
„Зелените“ од Атина, досега во својата историја освоија седум европски шампионски титули, па јасно е дека амбициите на Атаман се високи, убеден е дека тој со неговиот тим ќе ја одбрани титулата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Утре ќе бидат извлечени квалификациските групи за пласман на СП 2026
Фудбалската репрезентација на Македонија ќе биде во третиот шешир на ждрепката за СП 2026 што ќе се игра во Канада, САД и Мексико.
На овој Мундијал првпат ќе играат 48 репрезентации. Мексико и Канада ќе имаат по три града домаќини, а САД дури 12.
Пласман на Мундијалот, од европската зона, ќе обезбедат победниците од групите, додека второпласираните ќе одат во бараж со четирите најдобропласирани репрезентации од Лигата на нации кои нема да изборат пласман преку квалификациите.
Македонија е во третиот шешир заедно со: Шкотска, Словенија, Република Ирска, Албанија, Финска, Грузија, Исланд, БиХ, Северна Ирска, Црна Гора и Израел. Македонија со овие репрезентации не може да се сретне во квалификациите.
Во првиот шешир се најдобрите селекции: Франција, Шпанија, Англија, Португалија, Холандија, Белгија, Италија, Германија, Хрватска, Швајцарија, Данска и Австрија.
Противниците од вториот шешир ќе ги чекаат Србија, Украина, Шведска, Турција, Велс, Унгарија, Полска, Романија, Грција, Словачка, Чешка и Норвешка.
Четврти шешир: Бугарија, Луксембург, Белорусија, Ерменија, Косово, Казахстан, Азербејџан, Естонија, Кипар, Латвија, Фарски Острови, Литванија.
Петти шешир: Молдавија, Малта, Андора, Гибралтар, Лихтенштајн, Сан Марино.
Ждрепката за Светското првенство во фудбал ќе се одржи утре во Цирих напладне по средноевропско време.
Спорт
Гвардиола: Најдобри сме, го сакам овој тим
Манчестер сити е во криза, која се продлабочи во Торино. Освојувачот на Лигата на шампионите од пред две години беше поразен по седми пат во последните 10 натпревари.
Јувентус победи со 2:0 со головите на Душан Влаховиќ и Вестон Мекени, а избраниците на Пеп Гвардиола имаат само осум бода по шестиот натпревар во Лигата на шампионите оваа сезона.
Актуелните шампиони во Премиер лигата се на 22. место на табелата, до крајот на првата фаза, во јануари ќе гостуваат кај ПСЖ и ќе го пречекаат Клуб Бриж.
По уште еден лош резултат Гвардиола ја коментираше играта.
„Игравме многу, многу добро. Горд сум на моите играчи. Тие го дадоа својот максимум, се обидовме да победиме. Тешко е во Европа. Игравме навистина добро. Ние сме најдобри, го сакам мојот тим и начинот на кој играме. Резултатите не можат да ме убедат во спротивното“, изјави тренерот на Сити и додаде: „Целта е пласман во втората фаза. Потребни ни се три бода. Пред нас се уште два натпревари. Нема да го заборавиме овој период кога ќе го оставиме зад нас“.
Спорт
(Видео) Атланта и Хјустон ги чекираа билетите за Лас Вегас
Атланта и Хјустон се пласираа на завршниот турнир во НБА купот во Лас Вегас. Претходно истото го направија Оклахома и Милвоки.
Тре Јанг блескаше во Њујорк, ја провоцираше публиката и ја предводеше Атланта до победата над Њујорк 108:100.
Мечот во „Медисон Сквер Гарден“ беше решен во третата четвртина која Хокс ја добија со 18 поени разлика 34:16.
Најефикасен кај победниците беше Хантер со 24 поени, додека Тре Јанг имаше 22 поени со 11 асистенции.
Во последните моменти, Јанг клекна пред логото на Њујорк Никс на средината на теренот и се преправаше дека фрла коцки и на тој начин го прослави пласманот во Лас Вегас.
Во редовите на Никс се истакна Харт со 21 поен, осум скока и шест асистенции. Таунс имаше 19 поени и 19 скока.
Хјустон во дрматична завршница го победи Голден стејт Вориорс со 91:90. Стеф Кари на 11 секунди до крајот промаши отворена тројка при резултат 89:90, а потоа Џејлен Грин на четири секунди до крајот стави точка на натпреварот.
Турчинот Шенгун беше најдобар актер на натпреварот со 26 поени и 11 скока, додека кај гостите од Сан Франциско се истакна Џонатан Куминга со 20 поени и седум скока.