Македонија
Претпладне магла, во текот на денот променливо облачно со сончеви периоди
Претпладне по котлините ќе има појава на магла и ниска облачност. Во текот на денот променливо облачно со сончеви периоди. Вдолж Повардарието ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 5 до 14 степени.
Во Скопје претпладне ќе има појава на магла и ниска облачност, а преку денот ќе преовладува променливо облачно време со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 10 степени.
До сабота во утринските часови по одделни котлини ќе има појава на магла или ниска облачност. Во сабота попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има повремени врнежи од дожд. На планините, а во недела и на некои од повисоките места врнежите ќе бидат од снег. Во недела попладне и во понеделник ќе дува засилен северен ветер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица со кривична против Велјановски
Левица поднесе кривична пријава за Александар Велјановски од ДПМНЕ за кривично дело – Несовесно работење во службата, казниво по чл. 353 – в, од Кривичниот законик. Причината е тоа што насилникот Велјановски го прекрши Деловникот на Собранието и го прекрши уставното и законско право на говор на пратениците на Левица во однос на расправата за Законот за царинска управа, извести Левица.
„Ова се случи кого мнозинството поднесе измени на Законот за царинска управа, со кои се предвидува уште дополнително заменик-директорско место, коешто требаше да ги задоволи апетитите на коалицијата. Односно, покрај директорското место договорено за ДПМНЕ и заменик-директорското за ВРЕДИ, да се обезбеди уште една ваква позиција за да се задоволат апетитите на ЗНАМ.
Левица тогаш поднесе 2673 амандмани. Согласно Деловникот, матичната комисија и Законодавно-правната комисија, пратениците имаат рок за расправа од по три дена од отворањето на расправата. Но, спротивно на Деловникот, претседателот на Законодавно-правната комисија од ДПМНЕ Велјановски, кој воедно е и човекот кој во Собранието имаше обид физички да се пресмета со Димитар Апасиев, одлучи расправата да трае само петнаесет минути.
И покрај тоа што со новиот Деловник, практично е невозможно да се блокираат штетните закони од коалицијата на власт, насилникот Велјановски одлучи да го ускрати дури и правото на пратениците од опозицијата да го искажат своето мислење и образложат амандманите. Очекуваме институциите да се одважат по оваа пријава, затоа што во спротивно, ова би било поддршка за насилничкото носење на закони од власта, без никаква политичка или институционална контрола“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Македонија
Општините и министерствата заедно трошат за адвокатски услуги повеќе од 2 милиони евра годишно, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за исплатите за адвокатски услуги од буџетите на општините и на министерствата.
Истражувањето покажа дека:
Општините и министерствата немаат пишани внатрешни правила за ангажирање адвокати, имајќи предвид дека набавката на услуги од адвокат е исклучена од Законот за јавни набавки.
Меѓу одговорите од општините има најразлични објаснувања за начинот на избор на адвокат и тоа: „Врз основа на нивниот углед и искуство во поглед на природата на предметите“; „Лесно достапни до општината, кои имаат канцеларија во истата општина“; „Врз основа на сознанија за стручноста и компетенциите на адвокатите и врз основа на добиени препораки за нивната досегашна работа“; „Со непосредна спогодба“; „По слободен избор“; „Го избрал градоначалникот“ и „Од именикот на адвокати“.
„Само општините и Град Скопје лани потрошиле 67.269.053 денари или 1,1 милион евра за исплати на адвокати.
Министерствата, на адвокати им исплатиле 62.428.934 денари или 1 милион евра.
Парите што министерствата и општините заедно ги плаќаат на адвокати се две третини од вкупните пари што за оваа намена ги исплаќаат сите буџетски институции заедно. 40-тина проценти од исплатените 1,1 милион евра е за адвокати кои општините сами ги ангажирале, додека останатите 60 % се за исплатени адвокатски услуги по други основи.
Од општините, адвокати ангажирале 72 од 81 единица на локална самоуправа. Една четвртина од општините исплаќаат месечен паушал на некој адвокат.
Од министерствата, само две имаат ангажирано адвокати, додека другите исплати се на адвокати по други основи, односно за судски и извршни решенија, и камати.
Од општините, Град Скопје и Гази Баба предничат во исплатените суми за адвокати, додека кај министерствата тоа се Финансии (за функции на државата), па Правда и Труд.
Поединечно најмногу пари му се исплатени на адвокат Влатко Ристовски кому само Општина Гази Баба му исплатила повеќе од 6 милиони денари во 2023 година“, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Македонија
Земјотресите во Косово почувствувани и во Македонија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, рано утринава, 12.12.2024 година во 01 часот и 46 минути и 03 часот и 59 минути, регистрираа земјотреси чии епицентри се наоѓаат во Република Косово.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата: епицентарот на првиот земјотрес е 76 км северозападно од Скопје со локална Рихтерова магнитуда МL4.0, a е почувствуван во северозападниот дел на државата со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала, епицентарот на вториот земјотрес е 66 км северозападно од Скопје со локална Рихтерова магнитуда МL3.3 а е почувствуван само во западниот дел на државата со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.