Македонија
Сиљановска-Давкова имаше работен ручек со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во земјата
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчера имаше работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Европската Унија во земјава, организиран од унгарскиот амбасадор, Андраш Клајн.
Во пријателска атмосфера се дискутираше за актуелни домашни, регионални, европски и светски настани и процеси.

Акцентот беше ставен на македонските проблеми и препреки во евроинтеграцијата и на потребата од креативно решение за надминување на бугарско-македонскиот спор во духот на пријателството и добрососедските односи, со почитување на фундаменталните вредности и принципи на ЕУ.
Претседателката ја реафирмираше својата длабока верба, посветеност и решеност за спроведување на реформската агенда во согласност со копенхагенските критериуми, со активно партнерство со ЕУ.

Исто така, таа укажа дека билатерализацијата и преседаните се реална опасност за проширувањето.
Според неа, во амбиент на воени конфликти, проширувањето на ЕУ со државите од Западен Балкан, кои природно и припаѓаат на Европа: географски, историски и културно и водат заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ е од заеднички интерес и го јакнее нивниот имунитет кон заканите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

