Македонија
Кузеска: СДСМ бара Обвинителството и ДКСК да кажат до каде се предметите за скандалот поврзан со Христовски во АНБ
Додека гледаме како партиски инсталираниот Директор на киднапирана Агенција за национална безбедност, Бојан Христовски е назначен и за асистент на Факултет, за скандалот околу неговиот избор молчат и Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата. Што се чека? До каде е предметот што го оформи Јавното обвинителство? Зошто молчи Државната комисија за спречување на корупција?, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Поминаа два месеци откако изби скандалот. Доказите, фактите и аргументите кои се објавија и веќе се јавно достапни. Се оспоруваат условите за именување на Директор на АНБ, сомнежи има за работниот стаж, образованието, искуството и јазичниот сертификат од Бугарија од непостоечка агенција. Прашањето е дали воопшто ги исполнува условите да биде на оваа висока позиција. Како што јавно соопшти ДКСК предметот за Христовски е отворен на 22-ри октомври. Еве го сме декември, речиси два месеци поминаа а разрешница нема. Побара ли ДКСК од Просветниот инспекторат информации за факултетската диплома на Христовски од Универзитетот за менаџмент и туризам? Бидејќи законскиот рок од 15 дена за одговор е поминат јавноста очекува ДКСК да ги соопшти сите наоди и сите детали за овој скандал. Не сакаме да веруваме дека се прават обиди да се заташка овој случај. Јавното обвинителство пак на 1 ноември соопшти дека отворило предмет за Христовски. Помина повеќе од од еден месец, нема никаква информација. Да не треба некој како Мицкоски да ги прозива обвинителите дека добиваат главоболка, покачена температура, грчеви во стомак, дијареа?“, вели Кузеска и додава:
„СДСМ бара од Јавното обвинителство и од Државната комисија за спречување на корупцијата да ја информираат јавноста за предметите за овој скандал. Клучната безбедносна агенција стана партиска испотава на ДПМНЕ кога наместо професионалец власта ја киднапираше АНБ со поставување претседател на Градскиот комитет за директор. Јавноста чека разрешница за лажните сертификати за познавање англиски јазик, за стажот, за образованието, дали е сторено кривично дело, кој ќе понесе одговорност? Обвинителство и ДКСК должат одговор на клучното прашање: Дали воопшто Христовски ги исполнува условите пропушани со закон за да биде на оваа позиција? Ги повикуваме Јавното обвинителство ДКСК да излезат пред јавноста и да соопштат што досега е преземено и до каде е случајот за скандалот со Христовски“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

