Економија
Народната банка: Насочени сме кон зајакнување на регулаторните, известувачките и супервизорските практики во управувањето со климатските ризици

Народната банка навреме ги препозна ризиците од климатските промени и зазеде проактивен став вклучувајќи ги климатските ризици и придонесот кон зелената одржлива економија во своите стратегиски цели. Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и Амра Омерагиќ и Славен Поповиќ, претставници на „Финансии во движење“, кои се советници на „Инвестицискиот фонд за зелен раст“.
„Преку низа активности, Народната банка придонесува кон поттикнувањето на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки. Зелените кредити бележат постојан раст во портфолијата на банките и во третиот квартал од годинава растот на зелените кредити, во однос на истиот период лани, изнесува 1,4 милијарди денари или 7,4%. Уделот на зелените во вкупните кредити сѐ уште е на релативно ниско ниво, но од крајот на 2019 година, заклучно со третото тримесечје од 2024 година, се забележува промена од 2,2 % на 4,4 %“, нагласи гувернерката Ангеловска-Бежоска.
На средбата беше искажана поддршка за досегашната успешна соработка, а се разговараше и за идните заеднички активности, во чии рамки во Народната банка, под покровителство на „Инвестицискиот фонд за зелен раст“, во соработка со „Финансии во движење“, и експерти од „Ернст и Јанг“, се одржа втората работилница за градење капацитети за ЕСГ, на тема „Управување со влијанието на еколошките, социјалните и управувачките фактори (ЕСГ), ризици и можности“. Целта на работилницата е да се зајакнат капацитетите на централната банка за повеќеслојните влијанија на ЕСГ, при што се стави акцент на регулаторните, известувачките и супервизорските практики во управувањето со климатските ризици. Факторите на ЕСГ, за кои некогаш се сметаше дека имаат споредно значење, добиваат централна улога во процесот на донесување одлуки и управувањето со ризиците. Институциите коишто се приспособуваат кон промените и кон новото окружување можат да ја подобрат отпорноста, да поттикнат одржлив раст и да ја зајакнат довербата во своите операции.
„Инвестицискиот фонд за зелен раст“ е горд партнер на Народната банка на Северна Македонија во залагањето за зелени и одржливи финансии и позелена економија во Северна Македонија. Нашето партнерство е посветено на постигнување на еколошките цели за ублажување на климатските промени преку поставување јасни стратегиски цели, зајакнување на внатрешните капацитети и подигање на свеста во секторот. Овие иницијативи нè носат чекор поблизу кон усогласувањето на финансискиот систем со глобалните приоритети за одржлив раст и затворањето на јазот во зеленото финансирање“, изјави Амра Омерагиќ, инвестициски менаџер од „Финансии во движење“.
На работилницата се потврди значајната улога на централните банки и финансиските супервизори во зајакнувањето на отпорноста на финансискиот систем на климатските ризици, преку поддршка и поттикнување на преминот кон одржлива економија. Во текот на изминатите години, сѐ поголем број централни банки ги вклучија климатските промени како стратегиски приоритет и усвоија стратегии за управување со климатските ризици. Активностите на Народната банка поврзани со климатските ризици се врамени во Среднорочниот план на Народната банка за управување со ризиците поврзани со климатските промени во периодот 2023 − 2025 година, којшто содржи јасни патокази за преземање конкретни активности.
„Инвестицискиот фонд за зелен раст“ се залага за управување со климатските промени и за одржлив економски раст, пред сè преку инвестирање во мерки со коишто се намалува потрошувачката на енергија, употребата на ресурси и јаглеродните емисии. Фондот го насочува финансирањето кон деловните претпријатија и домаќинствата преку техничка помош, знаења и техничка експертиза за да се осигури дека инвестициите се успешно спроведени и со високи меѓународни стандарди. Фондот работи на 19 пазари низ Југоисточна Европа, вклучувајќи ги и Турција, Европскиот источен соседски регион и Блискиот Исток и Северна Африка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Гувернерот Славески: Финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни во услови на зголемени ризици и дигитализација

На годишниот состанок на регионалниот проект за техничка помош во областа на финансиската едукација, поддржан од ОЕЦД и Министерството за финансии на Холандија, што се одржува во Сараево во организација на Централната банка на Босна и Херцеговина, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, истакна дека во услови на зголемени економски ризици и брза дигитализација, финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни за користење на предностите од финансиските услуги и за обезбедување сеопфатен раст.
„Во време кога инфлацијата расте и кога има зголемени каматни стапки и широка достапност на дигиталните финансиски услуги, се јавува нужна потреба од јакнење на финансиската и дигиталната писменост. Дигитализацијата носи нови можности, како поефикасни и поевтини финансиски услуги, но истовремено создава и нови ризици – од онлајн измами, прекумерно задолжување, до загрозување на личните податоци“, порача гувернерот.
Тој зборуваше на панел-дискусијата на тема „Унапредување на финансиската едукација за посилен раст“, на која учествуваа гувенерите на централните банки на Босна и Херцеговина и Молдавија, заменик-гувернерката на Грузија и вицегувернерот на Хрватска. Разговорот беше насочен кон улогата на финансиската едукација во зајакнувањето на економскиот раст, како и во справувањето со новите ризици предизвикани од дигитализацијата на финансиските услуги.
Гувернерот Славески нагласи дека посебно внимание треба да им се посвети на младите и на потрошувачите со ограничено финансиско искуство. „Зголемувањето на финансиската и дигиталната писменост е од огромна важност за граѓаните и за претприемачите за да можат да ги препознаат придобивките, но и ризиците од новите дигитални финансиски производи и услуги. Само така можеме да ја искористиме дигитализацијата како алатка за поголема вклученост и стабилен економски раст“, додаде тој.
Во рамките на зголемувањето на вклученоста, Народната банка ги спроведува и активностите на иницијативата „Кодекс за финансирање на жените претприемачи“ (WeFi Code), како национален координатор, заради намалување на родовиот јаз во пристапот до финансии и поддршка на женското претприемаштво. Во оваа иницијатива, покрај Народната банка, се вклучени 18 институции од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, меѓу кои шест банки и две штедилници.
Народната банка со своето учество ја потврди својата заложба за унапредување на финансиската едукација, дигиталната писменост и вклученоста, во услови на брзи економски и технолошки промени.
Економија
Божиновска на средба со Плаколм и раководството на ЕВН Македонија: Компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност и дигитализација на енергетскиот систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и со раководството на ЕВН Македонија, во рамки на работната посета што австриската делегација ја реализираше во земјава.
На средбата присуствуваше и Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, заедно со претставници од австриската амбасада.
Фокусот на разговорите беше насочен кон успешната соработка меѓу Министерството за енергетика и компанијата ЕВН Македонија, како пример за одговорно и партнерско делување меѓу државата и енергетскиот сектор.
Божиновска истакна дека ЕВН Македонија е значаен партнер во енергетската транзиција на земјата, посочувајќи дека примерот на компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност, модернизација и дигитализација на енергетскиот систем.
„ЕВН Македонија е пример како странски инвеститор може да соработува со државните институции на начин што создава додадена вредност – не само за економијата, туку и за општеството“, нагласи Божиновска.
Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае со технолошките и организациските достигнувања на компанијата, меѓу кои и современиот диспечерски центар за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.
Австриската министерка Клаудија Плаколм изрази задоволство од постигнатото ниво на енергетска соработка меѓу двете земји и од синергијата меѓу јавниот и приватниот сектор во Северна Македонија, истакнувајќи дека таа соработка е позитивен пример за поширокиот регион.
Двете министерки потврдија дека постои заеднички интерес за продолжување на размената на искуства и добри практики, со фокус на одржлив енергетски развој и зелена транзиција.
Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.