Македонија
Се работат многу случаи за криминал на поранешни високи функционери од ДУИ, Мицкоски уверува дека јавноста набргу ќе слушне за нив
Актуелното раководство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) повеќе се грижи да го заштити капиталот за кој постаојат сомневања дека е криминално стекнат отколку што се грижело за она што требало да се грижат, рече денес премиерот Христијан Мицкоски на поставувањето камен-темелник на нова фабрика за електронски батерии во Кичево. Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот Мицкоски рече дека претставниците на ДУИ се обидуваат да дефокусираат оти се работат многу случаи поврзани со високи функционери на на ДУИ за кои јавноста набргу ќе дознае.
„Стигнуваат потврдите за криминално однесување на оваа политичка структура и гарнитура во изминатите дваесетина години. Многу случаи се работат поврзани со високи поранешни функционери на ДУИ и јавноста многу бргу ќе види кој е во суштина вистинскиот мотив на актуелното раководство на ДУИ, дека најмалку се грижат за она што требало да се грижат. Повеќе се грижат би рекол за да го заштитат оној капитал за кој постои основано сомневање дека е криминално стекнат“, рече премиерот Мицкоски.
Иако најави дека многу бргу јавноста ќе дознае за кои функционери од ДУИ се работи, Мицкоски и денес повтори дека од случаите на кои се работи нема да дозволи да се прави естрада. Во моментот, спореед него, се работи на десетици случаи, како оние во РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“.
„Нема да се случува како што беше во минатото на полноќ или наутро да влегуваат специјалните единици вооружени до заби во домовите на лицата што се осомничени и сето тоа камера да го снима и да правиме естрада од тоа. Нема да биде така ќе биде вака, преку соопштенија, а потоа преку еден фер и транспарентен судски процес очекувам секој да ја докажува својата вина или невиност. Во периодот што следува, од информациите што ги имам, ќе има десетици вакви случаи“, рече премиерот Мицкоски.
За вчерашниот претрес во Судскиот совет, премиерот Мицкоски објасни дека бил направен со цел да се потврди основано сомневање за фалсификување записници од работата на Судскиот совет преку кој се манипулирале волјата и мислењето на Судскиот совет од страна на поединци. Очекува многу бргу денеска, како што рече, и тоа да биде расчистено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.

