Свет
Ердоган: Веруваме дека сириската влада ќе преземе исправни чекори

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека земјата очекува привремената влада во Сирија да преземе исправни чекори и дека нема да има закана за нејзините соседи.
Ердоган телефонски разговараше со претседавачот на Суверениот совет на Судан, Абдел Фатах ал-Бурхан, за билатералните односи, регионалните и глобалните процеси, пренесе „Риа њуз“.
Тој рече дека сирискиот народ е дојден до фазата на одредување на својата иднина по 13-годишната хуманитарна криза.
Според него, Турција ќе обезбеди поддршка за да се осигури дека привремената влада ќе ги преземе вистинските чекори за да му служи на сирискиот народ и да не претставува закана за нејзините соседи, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Почва од Фукушима ќе заврши во цветна градина пред канцеларијата на премиерот

Јапонија објави дека планира да искористи дел од почвата отстранета од близина на нуклеарната централа Фукушима Даичи во цветните леи пред канцеларијата на премиерот Шигеру Ишиба. Целта е да се покаже дека радиоактивната почва е безбедна за повторна употреба.
Почвата беше отстранета како дел од работата за деконтаминација по нуклеарната катастрофа во 2011 година и оттогаш е во привремено складирање. Дел од почвата оттогаш достигна ниво доволно безбедно за повторна употреба, велат официјалните лица.
Владата соопшти дека планира да ја користи почвата од Фукушима за цветни градини и други цели на земјиште на владини агенции. Планот е базиран на упатства усвоени од Министерството за заштита на животната средина во март и одобрени од Меѓународната агенција за атомска енергија.
Катастрофата во Фукушима резултираше со ослободување на големи количини радиоактивни материјали од електраната, предизвикувајќи загадување во околните области.
За време на работата за деконтаминација, собрани се големи количини почва, дрвја и друг отпад. Просторниот објект, кој се протега помеѓу градовите Футаба и Окума, во близина на нуклеарната централа Фукушима, складира 14 милиони кубни метри почва и други материјали.
Јапонската влада има за цел да пронајде депонии за почвата до 2045 година, а официјалните лица сугерираат дека материјалот со низок ризик би можел да се користи за изградба на патишта и во други проекти за јавни работи низ целата земја.
Министерството за заштита на животната средина објасни дека почвата ќе се користи како основен материјал и ќе биде покриена со горен слој почва доволно дебел за да се одржи зрачењето на занемарливо ниво. Сепак, постои голема загриженост кај јавноста.
Владата веќе беше принудена да го запре планот за употреба на радиоактивна почва во цветните леи во неколку јавни паркови во и околу Токио по протестите.
Свет
Трамп: Путин не сфаќа дека ако не бев јас, многу лоши работи ќе ѝ се случеа на Русија

Американскиот претседател, Доналд Трамп, повторно го критикуваше рускиот претседател, Владимир Путин.
„Она што Владимир Путин не го сфаќа е дека ако не бев јас, многу лоши работи веќе ќе ѝ се случеа на Русија, мислам навистина лоши. Тој си игра со оган“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social.
Ставовите на Трамп кон Путин се менуваа од почетокот на неговиот мандат. Иако повремено упатуваше остри критики и размислуваше за санкции, тој зборуваше и за можностите за намалување на трговските бариери и привлекување американски инвестиции во Русија.
Но, во неделата, тој беше невообичаено остар. „Го познавам долго време, отсекогаш сме имале добри односи, но сега тој испраќа ракети врз градови и убива луѓе, а тоа воопшто не ми се допаѓа. Додека разговараме, тој испраќа ракети врз Киев и други градови. Тоа воопшто не ми се допаѓа“, рече Трамп.
„Волстрит џурнал“, повикувајќи се на извори блиски до Трамп, објави дека Трамп размислува за воведување нови санкции врз Русија, бидејќи е сè повеќе фрустриран од континуираните напади на Русија врз Украина и бавниот напредок на мировните преговори.
Според еден извор, санкциите веројатно нема да вклучуваат нови мерки против банките, но се разгледуваат други опции за да се изврши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на отстапки, вклучително и 30-дневен прекин на огнот поддржан од Украина, што Русија досега цврсто го отфрла.
Според истите извори, Трамп го губи трпението со мировниот процес и размислува целосно да го напушти доколку последниот обид не успее – ненадеен пресврт за претседател кој водеше кампања со ветување дека ќе ја заврши војната уште на првиот ден на функцијата. Не е јасно што би се случило ако САД се повлечат од преговорите или дали Трамп ќе продолжи да ѝ обезбедува воена помош на Украина.
„Претседателот Трамп е јасен – тој сака договор за мир преку преговори. Исто така, мудро е да ги држи сите опции отворени“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, во изјава за „Волстрит џурнал“.
Свет
Путин: Русија нема да може да постои ако не е суверена

Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека Русија нема да може да постои ако не е суверена.
„Русија воопшто нема да може да постои ако не е суверена. За да го направиме ова, треба да ја поддржиме страста во општеството – тоа е исклучително важно“, рече рускиот лидер на состанокот на Надзорниот одбор на платформата „Русија – земја на можности“.
Тој рече дека внатрешната мобилизација на секој поединец и општество е најважната задача во сегашната ситуација.
„Најважното нешто во ситуацијата во која се наоѓаме, во земјата, е внатрешната мобилизација на секоја индивидуа и на општеството како целина“, рече Путин.
Во својот говор, тој оцени и дека владејачките елити во некои западни земји ја претвораат слободата, демократијата и човековите права во декор. „Обична сценографија, практично игнорирајќи го мислењето на општеството“, рече Путин.
Рускиот претседател нагласи дека многумина ја гледаат Русија како олицетворение на традиционалните вредности и дека овие идеи се усвојуваат во многу земји, што, како што рече, е охрабрувачко.