Македонија
Во завршна фаза проектната документација за изградба на нова полициска станица во Кисела Вода
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес оствари нова средба со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, со цел подетално разгледување на проектот за изградба на нова полициска станица во населбата Кисела Вода.
Имено, Општина Кисела Вода е во завршна фаза со подготовката на проектна документација што ќе овозможи реализација на овој проект кој е приоритет за унапредување на безбедноста во општината, се истакнува во соопштението.
Состанокот беше фокусиран на дефинирање на конкретните активности потребни за изградба на новата полициска станица, која е предвидена со Деталниот урбанистички план (ДУП) во близина на кружниот тек помеѓу Кисела Вода и Припор.
Беше направена анализа на предложената локација, која е стратешки избрана за да одговори на потребите на населението од овој дел на општината. Во моментов на територија на општина Кисела Вода функционираат две полициски станици, а во општината живеат околу 70 000 жители. Едната полициска станица ја покрива цела централна Кисела Вода се до Пинтија, додека ПСОН Драчево покрај селото и населбата Драчево ги покрива и Студеничани, Батинци, Зелениково и Морани. Отворањето на трета полициска станица е несомнено потреба и би овозможило поголема присутност на полицајците на терен, но и побрза реакција, беше заклучокот од овој денешен работен состанок.
– Со министерот Тошковски детално ги разгледавме следните чекори за реализација на ова значајно безбедносно прашање. Отворањето на трета полициска станица во овој дел од градот ќе значи побрза и поефективна реакција на полицијата во ситуации кога е загрозена безбедноста на нашите жители, како и зголемена присутност на полицијата на терен. Исто така, во новиот објект ќе има и административни служби за вадење на документи, а предложеното решение ќе ги растерети и постојните полициски станици „Беко“ и „Пролет“. Проблемите со недостаток на простор и ограничен паркинг, кои се особено изразени во овие станици, ќе бидат значително олеснети со реализацијата на новата станица во Кисела Вода. Го информирав министерот дека ние, како општина сме во завршна фаза со подготовката на потребната проектна документација и заеднички ги дискутиравме оперативните и техничките детали, како и следните чекори за реализација. Верувам дека со оваа соработка ќе успееме да реализираме еден значаен проект што ќе донесе долгорочни придобивки за граѓаните, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.

