Економија
Светската банка препорача зголемување на границата на пензионирање и на стапката на ДДВ
Северна Македонија има пензиски дефицит и без реформа, тој уште повеќе би се зголемил, оценува Светската банка во новиот извештај „Преглед на јавни финансии на Северна Македонија: Обезбедување стабилност и зајакнување на отпорноста“.
За справување со овие предизвици, се предлагаат повеќе политики за намалување на пензискиот дефицит во услови на општество што се повеќе старее.
Тие опфаќаат укинување на неодамна воведениот модел на индексирање според цените и платите (т.н Швајцарски модел) и враќање на претходното индексирање согласно индексот на цени на мало, постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот, се вели во извештајот, што го пренесе Радио Слободна Европа.
Неодамна Фискалниот совет до Собранието достави Мислење со кое бара во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија на 67 години за мажи и жени. Фискалниот совет смета дека буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е голема, а линеарните зголемувања од 2500 денари ќе придонесат Фондот на долг период да не биде одржлив.
Во делот на даноците, Светската банка предлага зголемување на стапката на ДДВ од сегашните 18 на 19 проценти и отстранување на повластената стапка за сите стоки, освен за основните производи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Турција ѝ нуди помош на Европа, 10 милијарди кубни метри гас годишно преку балканскиот гасовод
Турскиот министер за енергетика, Алпарслан Бајрактар, изјави дека Турција е подготвена да и испорачува на Европа до 10 милијарди кубни метри природен гас годишно преку балканскиот гасовод, но само доколку европските земји покажат политичка волја и вложат во потребните инфраструктурни врски.
„Турција е подготвена да придонесе повеќе за енергетската безбедност на Европа. Доколку Европа покаже политичка волја и посветеност, и се направат дополнителни инвестиции во меѓусебните врски, ќе можеме да извезуваме до 10 милијарди кубни метри гас годишно во Централна и Источна Европа преку балканскиот гасовод“, истакна Бајрактар во интервју за јапонското економско издание „Никеи“.
Изјавата на турскиот министер доаѓа по прекинот на транзитот на рускиот гас преку Украина, кој беше значаен дел од снабдувањето на Европа.
Транзитниот договор меѓу Русија и Украина истече на 1 јануари годинава, а Киев одби да преговара за продолжување на договорот поради тековната воена агресија на Русија врз Украина. Ова предизвика сериозни прашања за идното снабдување со природен гас во Европа и можноста Турција да стане клучен играч во енергетската стабилност на регионот.
Економија
(Фото) Грин Машинс на БРАКО ќе ги чисти Бермудите
Машините за чистење Грин Машинс на БРАКО станаа дел од флотата за одржување урбана хигиена на тропската држава Бермуди.
Од компанијата велат дека клиентот од Бермудите го избрал моделот 414 rs на Грин Машинс, со кој истовремено можат да се чистат и улици и тротоари, може да се управува рачно, но нуди можност и за седење на операторот.
„Нашиот тим од Обединетото Кралство беше на Бермуди, каде одржа обука за користење на нашите машини, и горди сме што македонски производи ќе придонесат за чисти улици и ќе бидат присутни на оваа британска островска територија, која е светскa туристичка дестинација“, велат од БРАКО.
Економија
Македонците од ова лето ќе плаќаат повеќе, Грција ги зголеми туристичките такси
Грција од оваа година ќе ги зголеми таксите за туристите, со цел да генерира средства за подобрување на инфраструктурата и промоција на одржлив туризам. Според информации објавени на порталот „Шенген њуз“, туристите кои ќе посетат Грција ќе плаќаат дневен данок од 2 евра, што претставува значително зголемување во однос на досегашните 0,5 евра. Во периодот од април до октомври, во текот на ударната туристичка сезона, таксата ќе се зголеми на 8 евра.
Зголемување на таксите се очекува и за сместувањето. Така, за хотелите со една и две ѕвезди, како и за изнајмување соби, ќе се плаќа 2 евра, наместо досегашните 1,5 евра. Во хотелите со три ѕвезди ќе се плаќаат 2 евра повеќе, додека госите во хотелите со четири ѕвезди ќе платат 10 евра наместо 7. Најголемо поскапување ќе биде за хотелите со пет ѕвезди и вилите, каде што таксата ќе порасне од 10 на 15 евра.
Исто така сместувањето преку „Airbnb“ ќе биде поскапено, со такса од 2 евра во зимските месеци и 8 евра во летните месеци, се очекува и зголемување на таксите за туристите кои ќе одлучат да патуваат со крстарење. Прогнозите велат дека Грција ќе биде домаќин на 8 милиони туристи во 2025 година.
Како дел од новите такси, посетителите на Санторини и Миконос ќе треба да плаќаат по 20 евра, додека за останатите острови, вклучувајќи ја и Атина, таксата ќе изнесува 5 евра на ден. За споредба, иако Миконос има само 12.000 жители, секој ден го посетуваат до 20.000 туристи, што го прави островот едно од најпопуларните дестинации.
Промените беа најавени во септември од страна на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој истакна дека се очекува приходот од зголемените такси да изнесува 600 милиони евра. Овие средства ќе бидат насочени кон фондот за санација на штетите предизвикани од климатските промени.