Македонија
Вреди: Студентите не заслужуваат да учат од личност како Груби
Новиот извештај на американскиот Стејт департмент, кој го објави Артан Груби како личност вмешана во корупција во контекст на спасувањето на Сашо Мијалков, предизвика бурни реакции во јавноста. Коалицијата Вреди повика дека личност како Груби нема место меѓу студентите.
„Студентите се сегашноста и иднината на оваа земја. Тие имаат право да се образуваат од личности кои се пример за чесност, професионалност и интегритет“, велат од коалицијата.
Според нив, Артан Груби, кој неодамна беше ставен на црната листа, не е личност која треба да биде пример за младите во државата.
„Последниот лик на црната листа, Артан Груби, не може да биде амнестиран со статус на Фејсбук, каде што изјави дека се повлекува од јавниот живот. Ова е недозволиво и Универзитетот во Тетово треба да се сеќава на својата генеза и да не му дозволи на слуга на Сашо Мијалков да предава“, додаваат од коалицијата.
Од Вреди јавно го поставуваат прашањето: „Дали Артан Груби ќе се повлече од Универзитетот во Тетово? Младите не можат да се образуваат под влијание на личност која е вмешана во судски постапки и корупција.“
Во оваа контекст, Вреди ја потсетува јавноста на важноста на зачувување на моралот и етиката во образованието: „Универзитетот во Тетово треба да го оддалечи Артан Груби и да ги заштити студентите од оваа личност на црната листа, која злоупотребила јавна функција и стана слуга на Мијалков“.
„Вреди е повеќе од политичка коалиција, тоа е будење на нацијата! Ние јасно и гласно кажавме: Албанците можат да бидат мирни, бидејќи нема да дозволиме некои изнудувачи и редовни криминалци да ја уништат иднината на народот, особено иднината на младите“, заклучуваат од коалицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

