Регион
(Видео) Инцидент на протестите во Белград, возач „покосил“ неколку студенти
За време на оддавањето почит на жртвите во Нови Сад пред Земјоделскиот факултет во Земун, се случи инцидент кога возач на приватен автомобил покосил неколку граѓани.
Како што може да се види на видеото, автомобилот доаѓа од правец на улица Немањина до раскрсницата со Авијатичарски трг, каде траеше петнаесетминутната блокада, при што граѓаните им оддадоа почит на жртвите од падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Откако граѓаните одбиле да се движат, возачот на автомобилот згазнал на педалот за гас и „понел“ неколку учесници во блокадата на хаубата од својот автомобил. Граѓаните гласно протестираа и удраа во автомобилот кој со голема брзина се оддалечи местото.
View this post on Instagram
„Денешните блокади се протест против нееднаквоста и правдата која отсутствува“, изјави еден од студентските организатори. „Нашата борба продолжува, се додека не се постигне одговорност.“
Полицијата и властите во Белград продолжуваат со истрагата во врска со инцидентот, а јавноста останува со прашање кога ќе биде одговорено за трагичните настани во Нови Сад и дали ќе се преземат конкретни мерки за безбедноста на железничкиот транспорт.
Инаку во Белград денеска продолжија протестите по повод трагедијата што се случи на железничката станица во Нови Сад, при која загинаа 15 лица. Протестите беа организирани од страна на Зелениот левичарски фронт (ЗЛФ) и студентските организации, кои изразија незадоволство поради недостигот на одговорност и правда.
Во знак на солидарност со жртвите, активистите на ЗЛФ поставија блокада на Северниот булевар во Белград, која траеше 15 минути. Тие истакнаа дека не се повлекуваат од своите барања за одговорност, истакнувајќи дека „ако нема правда за народот, нека нема мир за власта“. Блокадата беше поддржана од бројни граѓани, а социјалните мрежи беа преплавени со фотографии и пораки кои ја поддржуваат нивната борба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Десетици илјади излегоа на улиците во Бугарија против корупцијата
Десетици илјади Бугари се собраа синоќа за да протестираат против малцинската влада во земјата и, како што велат, нејзиниот неуспех да се справи со корупцијата. Голем број западни медиуми, вклучувајќи ги „Вашингтон пост“ , „Ројтерс“ и „Ју-Ес њуз“, ги објавија масовните протести во земјата.
Протестите во главниот град Софија и десетици други градови се најновите во низата долготрајни демонстрации и доаѓаат во време кога Бугарија се подготвува да го усвои еврото на 1 јануари. Демонстрантите користеа ласери за да ги проектираат зборовите „Оставка“, „Мафијата надвор“ и „За фер избори“ врз зградата на парламентот во центарот на Софија.
„Мислам дека енергијата на луѓето постепено ќе ги принуди (владата) да поднесат оставка затоа што се потребни многу реформи“, рече Добри Лаков (64), жител на Софија.
„Прво на сите, судска реформа. Ако судскиот систем се поправи, сè друго ќе си дојде на свое место, апсолутно сè.“
Бугарскиот парламент во четврток ќе одржи гласање за недоверба на владата на премиерот Росен Жељазков , шесто такво гласање откако таа ја презеде функцијата на 15 јануари оваа година.
Минатата недела, владата го повлече својот буџет за 2026 година, првиот составен во евра, поради масовните протести. Опозициските партии и други групи изјавија дека протестираат против плановите за зголемување на придонесите за социјално осигурување и даноците на дивиденди за финансирање на повисоките државни трошоци.
И покрај повлекувањето на владата од буџетскиот план, протестите продолжуваат со полна сила во земјата која одржа седум национални избори во последните четири години – најновите во октомври 2024 година – во услови на длабоки политички и социјални поделби.
„Конечно е време Бугарија да се врати во нормалноста и да се ослободи од олигархијата, мафијата и силите што ги претставуваат“, рече Ангелин Бахчеванов, специјалист за информатичка технологија.
Бојко Борисов , поранешен премиер и лидер на владејачката партија ГЕРБ, изјави дека партнерите во владејачката коалиција се согласиле да не поднесуваат оставки пред Бугарија да се приклучи на еврозоната на 1 јануари. Сепак, Асен Василев од реформистичката опозициска партија „Продолжуваме со промената“, која беше меѓу организаторите на протестот во среда, рече: „Ќе влеземе во еврозоната дури и ако владата поднесе оставка“.
Фото: илустрација
Регион
Црногорскиот премиер рече дека ќе влезе во ЕУ пред Србија, Вучиќ: Прво скокни, па кажи оп
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера во Брисел ја коментираше реакцијата на црногорскиот премиер Милојко Спајиќ на неговата идеја земјите од Западен Балкан да бидат примени во Европската Унија истовремено, пренесува Анадолија.
Велејќи дека го презентирал својот предлог на европските лидери Урсула фон дер Лајен и Антонио Коста, Вучиќ додаде дека имал „најдобри намери“ и дека не гледа рационални аргументи во реакцијата на Спајиќ.
„Го кажав тоа од рационални причини, не ирационални, не политички, бидејќи некој ќе влезе пред нас. Прво скокнете, па кажете оп. Го кажав тоа бидејќи мислам дека е најдоброто решение. Да речеме дека Србија влезе, и нема да ве прашам сега со која територија, а Приштина никаде ја нема.
Како ќе го решиме овој проблем, бидејќи некој мора да размисли за тоа? И што ќе правиме, на пример, со БиХ во тој случај? Тогаш Бошњаците од Пазар ќе имаат три пати поголеми тешкотии при преминувањето на границата за да стигнат до Сараево и обратно. А Србите од Бијелина, Бања Лука, Требиње, Зворник и секое друго место би морале да ја преминат границата три пати потешко отколку денес, наместо да имаме отворени граници како што предлагам“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека имало непотребна „итност и брзање“ во реагирањето на нешто во кое „немало лоша или злонамерна намера“.
Црногорскиот премиер одговори на идејата на Вучиќ во вторник со објава на социјалната мрежа Икс: „Се согласувам дека ЕУ треба да биде крајната дестинација за целиот Западен Балкан. Сепак, ние ќе ве чекаме таму од 2028 година и ве охрабруваме навистина да побрзате и да ги забрзате другите кандидати од регионот.“
фото: Depositphotos
Регион
Земјоделците во цела Грција ги засилуваат блокадите
Протестите на земјоделците во цела Грција влегуваат во нова фаза, со најавени нови блокади на клучна инфраструктура и патишта, објавува денес весникот „Катимерини“.
Најголемите сообраќајни барикади беа поставени по должината на централната патна мрежа, вклучувајќи делови од националниот пат Атина – Солун, автопатите Егнација, Јонија и Олимпија, како и на граничните премини Евзони и Ники кон Северна Македонија, како и Промахонас и Егзохио кон Бугарија, според написите.
Врховниот суд наложи поведување кривична постапка по службена должност против организаторите на нелегалните дејства за време на протестот, со можност за апсење на самото место.
В сабота, во Никеја, во близина на Лариса, ќе се одржи национален состанок на претставници на блокадите, каде што ќе се разгледаат следните чекори и усогласувањето на листата со барања.
Денес, се очекува фокусот на протестот да биде товарниот терминал на пристаништето Волос, каде што земјоделците од Тесалија планираат блокада.
На мостот „Рио-Антирио“ земјоделците од Аитолоакарнанија и Ахаја подготвуваат протести, вклучително и отворање наплатни пунктови за неколку часа.
Блокадите продолжуваат на автопатот Антирио – Јанина, како и на мостовите „Морнос“ и „Евинос“ и на патот Амвраки.
Во регионот на Ахаја,ж барикади се поставени на неколку точки вклучувајќи ги и автопатите Патра – Пиргус и Патра – Коринт поради што сообраќајот е пренасочен кон локалните патишта.
Слични блокади има и во Илија.
Националниот автопат Атина – Ламија е сè уште затворен на четири клучни точки, што предизвикува големи пренасочувања кон регионалните и кон старите патни правци во должина од неколку десетици километри.
Блокадите се зајакнуваат и во северна Евија, а земјоделците се собираат во Халкида за да ги координираат понатамошните активности, пренесува медиумот.
Во Тесалија протестите продолжуваат на постојните контролни пунктови на автопатот Е65, во близина на Кардика и Трикала, со секојдневно зголемување на бројот на трактори и поддршка од локалните организации.
Во областа на Солун земјоделците остануваат на блокадата во Малгари и покрај интервенцијата на обвинителот.
На Крит демонстрантите трет ден по ред ја држат зградата на Децентрализираната администрација во Ираклион, каде што земјоделците од неколку области престојуваат во текот на ноќта, со најава за нови одлуки на координативниот комитет за продолжување на протестот.
Протестите и блокадите ќе продолжат во целата земја, а земјоделците најавуваат понатамошно интензивирање на своите активности, пишува гореспоменатиот весник.
Главните барања на земјоделците се обесштетување, намалување на трошоците за производство и поевтина нафта, како и земјоделски субвенции.
Незадоволството расте поради долгогодишното фалсификување на податоците за земјиштето и бројот на добиток со цел да се добијат европски средства, што беше посочено од европските обвинители оваа година, пренесува „Танјуг“.

