Спорт
Гвардиола: Не сум доволно добар, морам, а не успевам да најдам решение
Менаџерот на Манчестер сити Пеп Гвардиола имаше кратко обраќање по неверојатниот пораз на неговиот тим во дербито на Манчестер. Сити до 87.минута имаше предност, на крајотГвардиола и неговите фудбалери доживеаја пораз 1:2.
Сити се во голема криза и Гвардиола не успева да најде начин како да излезе од неа. На последните 11 натпревари „граѓаните“ само еднаш победија, забележаа осум порази, пет од нив во Премиер лигата.
„Немам многу да кажам. Беа неверојатно упорни. Не загубивме осум натпревари во последните две сезони. Не можеме да се одбраниме. Им ги подаривме головите, дојдоа по нашите грешки. Резултатите не се добри, играта не е добра. Не сум доволно добар. Јас сум шефот. Морам да најдам решение и досега не успеав да го направам тоа. Тоа е реалноста. Мораме да играме подобро, да создаваме шанси. Но, тоа не е можно во овој момент“, рече Гвардиола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Лопетеги повеќе не е тренер на Вест Хем, доаѓа Потер
По неколкудневните преговори со нов кандидат, Вест Хем се сети да му го врачи отказот на сегашниот тренер, Хулен Лопетеги.
Она што се најавуваше некое време сега стана и официјално. Клубот од источен Лондон објави дека Лопетеги повеќе не е селектор на премиерлигашот, но се’ уште не го официјализирал доаѓањето на нов тренер.
„Чеканите“ се најдоа во незавидна ситуација на табелата. Моментално се само 14-ти со само 23 бода, што не беше ни блиску до очекуваното на почетокот на сезоната. Лопетеги не ги оправда очекувањата ниту на навивачите, ниту на управата, па челниците на лондонскиот клуб решија да бараат друг тренер. Тоа го направија многу транспарентно.
Додека Лопетеги официјално беше на клупата на Вест Хем, се појавија фотографии од челниците на лондонскиот тим како седат со поранешниот тренер на Челзи, Грем Потер.
Англискиот стручњак ќе биде новиот шеф на стручниот штаб на Вест Хем, само се чека на официјализирање на соработката.
Следниот натпревар „Чеканите“ ќе го одиграат против Астон Вила во ФА Купот во петок од 21:00 часот.
Спорт
Куп на кралот – Барса и Реал се домаќини на Бетис и Селта, Атлетико гостува кај второлигаш
Барселона во осминафиналето на Купот на кралот ќе се соочи со Бетис, додека Реал Мадрид на домашен терен ќе игра со Селта Виго, беше одличено денес со ждрепка.
Бранителот на титулата, екипата Атлетик Билбао во осминафиналето ќе ја пречека Осасуна од Памплона, додека Атлетико Мадрид ќе игра против второлигашот Елче.
Во останатите натпревари третолигашот Оренсе ја пречекува Валенсија, четвртолигашот Понтеведра на домашен терен игра против Хетафе, второлигашот Алмерија го пречекува Леганес, а осминафиналето го заокружува натпреварот помеѓу Реал Сосиедад и Рајо Ваљекано.
Натпреварите од осминафиналето се закажани за 14 до 16 јануари.
Спорт
Илон Маск сака да го купи Ливерпул за седум милијарди евра
Илон Маск, контроверзниот милијардер, наводно размислува да го купи Ливерпул, за кој е подготвен да издвои повеќе од седум милијарди евра. Ова го потврди неговиот татко Ерол во интервју за Радио Тајмс.
Маск постариот првично одби да ги коментира гласините бидејќи тоа може да ја зголеми цената на клубот од „Енфилд“, но на инсистирање на водителот призна дека Илон навистина сака да го купи славниот фудбалски клуб, а објасни и зошто токму Ливерпул.
„Точно е дека Илон изрази желба да го купи Ливерпул, но тоа не значи дека тој навистина ќе го направи тоа. Дали тој сака да го направи тоа? „Секако, кој не би сакал, би сакал и јас да го направам тоа“, изјави Ерол Маск. „Баба му е родена во тој град, таму имаме роднини, а Битлси пораснаа со некои од моето семејство“, објасни Ерол за мотивацијата на неговиот син, кој се поврзал со градот кога татко му го однел во Ливерпул како момче.
Теоријата за интересот на Илон Маск за купување ја лансираше Weekend Sport, според кој цената би била 7,2 милијарди евра, што е помалку од два отсто од богатството на Маск, кое се проценува на 400 милијарди евра.
Маск е сопственик на поранешниот Твитер, сега познат како платформа Х, како и фабриката за автомобили Тесла.