Македонија
Приберете си ги министрите, второто полувреме може да заврши со автогол за иднината на сите, порачува ДУИ

Уште еднаш ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да престане со инструментализацијата на државните институции и злоупотребата на фактот дека Албанците денес немаат легитимни претставници во Владата, туку само неколку корумпирани политичари, кои вие самите ги избравте за да ја играат улогата на претставници на Албанците, реагираат од ДУИ.
„Користењето на оваа националистичка хистерија за да ја играте онаа што вие во вашите состаноци го нарекувате второ полувреме против Албанците е крајно опасно. Труењето на јавниот простор со антиалбанска пропаганда и ширењето омраза преку вашите медиуми го нарушуваат соживотот на непоправлив начин. Искористувањето на чувствата на оние што не се подготвени за соживот и кои секојдневно врескаат во медиумите ‘кој сака албански, нека оди во Албанија’ е многу ризичен авантуризам“, велат од партијата на Ахмети.
Овој пристап, како што велат, најпрвин ќе ве гони вас, кои мислите дека можете да го нахраните вашето его и да добиете гласови преку одмазда во второто полувреме против Албанците.
Од ДУИ порачуваат дека соживотот е сè што имаме.
„Затоа, ве советуваме да ги запрете овие активности што ја поткопуваат заедничката стабилност.
Приберете си ги вашите министри и претставници затоа што второто полувреме може да заврши со тежок автогол – не само за вас туку за сите нас како граѓани и за нашето општество“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Трубарево гори и пластичен отпад, Ангелов рече дека пожарот е подметнат и нема повредени лица

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека големиот пожар кој денеска избувна во фабриката „Ф – Групација“ во Скопје, каде што се складира електронски отпад, е намерно подметнат и претставува хибриден напад врз државата.
Ангелов објасни дека пожарот зафатил два производствени погони во кои имало и пластика. Огнот делумно се проширил и кон уште два соседни објекти каде што е складирана поголема количина на пластичен отпад.
„Пластиката дава густ и црн, а верувам и токсичен чад“, рече Ангелов.
Директорот на ДЗС соопшти дека нема повредени, а побарана е помош од соседните противпожарни единици. Дел од пожарникарите се во црниот чад со заштитни маски.
Рече дека сите ресурси се насочени кон овој пожар, на терен дејствува ер-тракторот, хеликоптерите на МВР и АРМ, хермелин, пожарникари…
Тој нагласи дека пожар од ваков обем не може лесно да се запали и дека не е случаен:
„Ова е хибриден напад врз државата, бидејќи во краток временски период се случија повеќе тешки пожари што предизвикуваат огромно загадување на воздухот во Скопје – Вардариште, Дрисла, депонијата во Шуто Оризари и денес оваа фабрика. Мета сме на хибриден напад, а за мотивите можеме само да погодуваме.“
Ангелов додаде дека Министерството за внатрешни работи работи на откривање на сторителите и упати апел до граѓаните: „Секое сомнително однесување, лица со туби, особено околу вакви објекти, веднаш пријавете ги на бројот 112 или во најблиската полициска станица.“
Македонија
(Видео) Големиот пожар во Трубарево се гасне и со хермелини

Специјализирани возила со хермелини, ер трактор, хеликоптери на МВР и АРМ, екипи на скопската противпожарна бригада го гаснат големиот пожат што избувна во Трубарево во складиштето за електронски отпад.
Видеата во прилог го прикажуваат гаснењето на огнот.
Македонија
Ѓорѓиевски: Пожарите се подметнати за создавање вештачка криза, скопјани се жртви на политички игри

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска порача дека споделува загриженост со скопјани за пожарите кои деновиве ја зафатија околината на главниот град, оценувајќи дека постојат сомнежи за нивно намерно подметнување.
„Не само што некој си игра со трпението, туку си игра и со здравјето на илјадници граѓани во Скопје! Го повикувам Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да ги превземат сите неопходни мерки за откривање на сите кои се замешани во свесното и намерно потпалување на сите депонии околу главниот град Скопје. И ги повикувам да постапат брзо,“ истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека институциите мора да делуваат за да го заштитат здравјето на граѓаните, посочувајќи дека „основани и отворени се сомнежите дека поголем дел од пожарите кои се случуваат овие денови се подметнати со цел создавање на вештачка криза во општеството во очи на претстојните локални избори“.
„Никогаш во последните неколку децении не ни се случувало ова – да се палат ридови и сите ѓубришта во радиус од 20 километри околу главниот град. Овие пожари се со цел да се предизвикаат политички пожари. За жал, граѓаните и ние скопјани сме жртви. На ова мора да му се стави крај,“ нагласи Ѓорѓиевски.
Тој најави дека по одржувањето на локалните избори прва и основна задача ќе му биде создавање на систем во кој „нема да има пожари, Скопје ќе биде чисто, а депониите нема да бидат проблем, туку решение“.
„Имам План за чисто и здраво Скопје. Имаме комунални претпријатија со илјадници вработени, а немаме кој да се грижи за комуналниот ред. На овој напад против животната средина и против здравјето на граѓаните мора да му се стави крај,“ додаде Ѓорѓиевски.