Македонија
Кривична за Рамиз Мерко: без оглас, именувал директор на училиште кој немал соодветно образование

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Р. М. (67) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
Тој, во својство на градоначалник на општина Струга, на 30.5.2018 и на 1.4.2024 донел решение со кое А. О. од струшкото село Подгорци од библиотекар го именувал за директор на основното училиште во истото село. Пријавениот Р. М. го направил тоа иако знаел дека А. О. нема соодветно образование и не исполнува повеќе услови од Законот за основното образование, немал најмалку пет години работно искуство во училиштето, не го положил испитот за директор во утврдениот законски рок, немал приправнички стаж и не поседувал соодветен сертификат за познавање англиски јазик.
Овие неправилности биле утврдени при контрола на Државниот просветен инспектор, извршена на 20.6.2024, при што дополнително било констатирано дека пријавениот Р. М., по донесувањето на одлуката на училишниот одбор, не објавил оглас за избор на директор, со што на А. О. противправно му овозможил да добие решение за в.д. директор и остварување парична корист, што му била исплатена по основ на плата и придонеси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.