Економија
Средба на Ангеловска-Бежоска со ИФЦ по повод проектот за дигитални финансии
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, заедно со вицегувернерката Емилија Нацевска, остварија средба со претставници на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) предводени од претставникот на Канцеларијата на ИФЦ во земјава, Висар Перани, по повод презентацијата на проектот на ИФЦ којшто се однесува на унапредување на дигиталните финансиски услуги и промовирање на финансиската вклученост во регионот, во рамките на нивните стратегиски определби за создавање напреден и одржлив дигитален екосистем. Иницијативата има за цел да ги поддржи иновациите, да помогне во градењето на капацитетите помеѓу давателите на финансиските услуги и да поттикне конкурентна и инклузивна финансиска околина.
На средбата беше истакнато дека Народната банка е институција којашто преку регулативата и активностите коишто ги спроведува значително придонесува кон дигиталната трансформација во финансискиот систем, што е впрочем и една од нејзините стратегиски цели. Притоа, беше нагласено дека новата правна рамка во платежната сфера овозможи либерализација и отворање на пазарот за нови даватели на платежни услуги, а со тоа и поттикнување на иновациите коишто ги носат финтек-фирмите.
На состанокот ИФЦ ѝ понуди поддршка на Народната банка во повеќе области. Притоа, гувернерката посочи дека особено значајна би била поддршката за давателите на платежни услуги за оперативна подготовка за пристапување до платните системи во Европската Унија и ефективно искористување на можностите коишто ги нуди членството во СЕПА (коешто се очекува на почетокот на наредната година), во сферата на инстант плаќањата, како и при подготовката на новата среднорочната Стратегија за развој на платниот систем на земјата.
Претставниците на ИФЦ ја истакнаа важноста од усогласувањето на регулативните рамки со меѓународните стандарди, овозможувајќи интероперабилност на платните системи и поттикнување партнерства помеѓу банките, финтек-фирмите и останатите засегнати страни од приватниот сектор. Состанокот го означи првиот чекор во истражувањето на можностите за заедничка соработка за зајакнување на финансискиот екосистем на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Алкалоид“ АД Скопје со четири признанија: најтранспарентно котирано друштво по избор на медиумите и по избор на пазарните учесници, акција на годината и добри ESG-практики
На свечената церемонија по повод доделувањето на годишните награди на Македонската берза за 2024 година, која се одржа на 16 декември 2024 година, АЛКАЛОИД АД Скопје ги доби престижните награди за Најтранспарентно котирано акционерско друштво по избор на медиумите, Најтранспарентно котирано акционерско друштво по избор на пазарните учесници, Акција на годината врз основа на резултатите од гласовите на пошироката јавност од заедничката анкета на Македонската берза и на порталот „Фактор“ и наградата за Добри ESG-практики доделена од Македонската берза во соработка со Американската стопанска комора во Северна Македонија.
Признание за Најтранспарентно котирано акционерско друштво компанијата освојува по 12-ти пат и со тоа ја потврдува посветеноста на АЛКАЛОИД АД Скопје кон највисоките стандарди на корпоративно управување. Транспарентноста во работењето и квалитетната комуникација со сите засегнати страни – инвеститорите, институциите, медиумите и јавноста – се основните вредности кои доследно ги негува компанијата.
Наградите ја одразуваат решителноста на АЛКАЛОИД за одговорно работење, како и успешната имплементација на моделот за одржлив раст и развој. Наградата за добри ESG-практики е значајно признание за успешната имплементација на ESG-стандардите во работењето и за нивната интеграција во деловните стратегии, како и доказ за довербата која ја имаат сите засегнати страни во компанијата, а која ја мотивира да продолжи со постигнување врвни резултати и со создавање долгорочна вредност за инвеститорите, заедницата и за идните генерации.
Посветен на јасна предвидливост и на високи перформанси АЛКАЛОИД АД Скопје ќе продолжи да ги зајакнува овие принципи во годините што следуваат, останувајќи лидер во деловната етика и во корпоративната одговорност.
ПР
Економија
Азески на средба во Солун: Продлабочувањето на соработката со Грција предуслов за регионален напредок
Синоќа во Солун беше остварена средба меѓу претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и претседателот на Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Јоанис Масутис.
На средбата се апострофираа неколку клучни точки кои се приоритети во соработката меѓу двете земји, а кои се однесуваат пред сè на продлабочување на соработката преку подобра инфраструктура и пофункционално вмрежување на компаниите од двете земји. Беше подвлечено и дека Солунското пристаниште е точка на спојување на бизнисите и Грција сноси огромна одговорност за негово нормално функционирање.
На состанокот со Масутис, освен за продлабочување на соработката меѓу Грција и Северна Македонија, претседателот Азески разговараше и за актуелните прашања од економското опкружување на земјите од Балканот вклучувајќи ги и перспективите на балканските земји за приклучување кон Европската Унија, како и прашањето за трговската и економската интеграција на земјите од регионот.
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески е претседател и домаќин на Асоцијацијата на балканските комори (АБК) за тековнава година. Во таа насока на почетокот од 2025 година во Скопје ќе се одржи работна средба на АБК на која ќе се разговара за развојот на инфраструктурата на Балканот во функција на развој на бизнисот, особено за железницата која е рак рана на транспортот како важна алатка во нашето работење. Во овој контекст претседателите на двете комори на средбата во Солун ги акцентираа главните прашања кои ќе бидат предмет на дискусија и на преземање конкретни чекори на состанокот на АБК кој ќе се одржи набргу во Скопје.
Економија
Народната банка подготви насоки за банките и брошура за лицата со оштетен вид
жжжНародната банка ги зајакнува активностите за подобрување на животот на лицата со попреченост преку олеснување на пристапот до финансиски услуги. За таа цел централната банка изработи Насоки за поголемо вклучување на лицата со попреченост како потрошувачи во банкарскиот сектор, коишто опфаќаат поголемо олеснување на физичкиот пристап до локациите и инсталирање дигитални платформи, вклученост при осмислувањето на банкарските производи, како и подобра информираност на овие корисници на банкарски услуги. Народната банка изработи и испечати и Брошура наменета за лицата со оштетен вид, којашто би придонесла за нивна поголема финансиска едукација и подобро информирање за нивните права.
На презентацијата на Насоките и Брошурата во Народната банка којашто се одржа пред претставниците на банките и надлежните институции, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска упати порака до институциите и банките заеднички да обезбедат интеграција и поддршка за лицата со попреченост во сите аспекти од животот, вклучително и во економската сфера и финансиите.
„Иако банките ја препознаваат потребата да ги приспособат начините на користење на услугите од страна на лицата со попреченост, сепак анкетата спроведена од Народната банка од почетокот на 2024 година, утврди дека се потребни поголем број шалтери и банкомати приспособени за лицата со попреченост, како и рампи за пристап до банкарските објекти. Потребно е да се унапредува и правната рамка во оваа област, односно да се подготват интерни акти со кои ќе се обезбеди подобра пристапност до финансиските услуги за лицата со попреченост. Според доставените одговори на анкетата, банките многу ретко обезбедуваат рекламни материјали за лицата со попреченост, специфично кредитирање осмислено за оваа група граѓани, како и специјални програми за финансиска едукација на лицата со попреченост. Овие податоци покажуваат дека ова претставува област во која мораме да работиме заедно“, порача гувернерката Ангеловска-Бежоска, повикувајќи ги банките да ги земат предвид Насоките и активно да работат на подобрување на пристапноста на своите услуги за лицата со попреченост.
Презентирајќи ги Насоките и Брошурата, директорката на Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација во Народната банка, Елизабета Недановска, нагласи дека со олеснување на пристапот на лицата со попреченост до финансиски услуги значително ќе се зголеми нивниот потенцијал за економска независност и социјална интеграција.
„Во рамките на МБА, спроведовме анкета за пристапноста до финансиските услуги за лицата со попреченост од која добивме увид во состојбата во секторот и оттука произлегоа препораките и насоките за делување коишто секоја од институциите индивидуално ќе ги спроведува. Покрај тоа, во МБА е формиран и Комитетот за едукација, којшто предвидува обуки за вработените за примена на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и зајакнување на нивните комуникациски вештини“, истакна заменик-претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Бојан Стојаноски.
„Вклучувањето на лицата со попреченост во банкарскиот сектор не е само обврска, туку и можност за банкарските институции да покажат дека се предводници во иновациите и општествената одговорност и вклученост. Преку ваквите чекори, можеме да создадеме поинклузивно општество каде што секој ќе има еднаков пристап до финансиски услуги. Да ги направиме нашите банки достапни за сите – затоа што сите заслужуваат да бидат дел од економскиот живот“, нагласи претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Лимко Бејзароски.
Според податоците од Светската здравствена организација, околу 15% од светската популација страдаат од одреден вид попреченост и овие луѓе често се борат со сиромаштија и невработеност. Оттаму, Народната банка во изминативе години презема активности за подобрување на пристапноста до финансиските услуги на лицата со попреченост, што како потреба е предвидено и во документите донесени од Народната банка, и тоа Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија и Циркуларот за заштита на потрошувачите корисници на финансиски услуги. Заложбите се однесуваат на вклученост на лицата со попреченост, следејќи ги меѓународните стандарди и регулативи, како Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации.