Македонија
Бројот на производи во новогодишната кошница достигна 1.036, Пазарниот инспекторат ќе утврдува злоупотреби
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши соопшти дека откако вчера почна мерката новогодишна кошничка, бројката на производи кои што се опфатени со неа се зголемил на 1.036. Со мерката, како што претходно беше најавено од страна на Владата, граѓаните ќе може да набавуваат поевтини производи за 10 %.
Според Дурмиши, во акцијата досега се приклучиле над 90 производители и дистрибутери на производи.
Новогодишната кошничка почна вчера и, според најавите на надлежните, ќе трае до 15 јануари 2025 година. Дурмиши оценува дека со мерката ќе може директно да им се помогне на граѓаните преку подобрување на животниот стандард и празниците да ги поминат во пристојни услови.
Производите што се опфатени со акцијата се обележани на рафтовите со посебна ознака, појасни Дурмиши.
Листата на производи, како што нагласи, не е затворена, а Државниот пазарен инспекторат ќе врши контроли на терен со цел утврдување злоупотреби на мерката и доколку тие бидат регистрирани, како што најави, ќе се пишуваат казни.
На рафтовите, како што истакна, треба да биде истакнати и новата и старата цена на производот.
Дурмиши апелира до компаниите доследно да ја почитуваат акцијата што сами тие ја имаат креирано, а доколку граѓаните имаат забелешки, да ги пријават на бесплатниот телефонски број 191 или на веб-страницата на Инспекторатот.
Директорот на Пазарниот инспекторат, Влатко Стојкоски, без прецизен одговор дали трговците ги зголемиле цените 30 дена пред да почне новогодишната кошничка и дали Владата е изиграна.
„Постапуваме според Законот за заштита на потрошувачите. Кога е акциска продажба, се утврдуваат цените во изминатите 30 дена“.
На забелешката дека инфлацијата во ноември пораснала токму во делот на храната и пијалаците и дека тоа покажува дека некој во ноември ги зголемувал цените во тој дел, тој укажа дека законот е јасен.
„Конкретно за оваа иницијатива на трговците, цените се утврдуваат за изминатите 30 дена, а за другото формално правно имаме механизам да ги провериме уште еден месец наназад, но според Закон на потрошувачите ние ги контролираме овие 30 дена. Треба да видиме на што се должат тие зголемувања, некаде имаме и берзански производи, а потоа да излеземе со коментар. Во секој случај тоа треба да го провериме“.
На прашањето за можни казни доколку имало злоупотреба, тој рече дека Законот за потрошувачите е јасен.
„Се надевам дека трговците, ова е нивна иницијатива, и се надевам дека ќе ја почитуваат и се надевам дека на дело ќе ја изразат својата општествена одговорност, а пред сè, тука се граѓаните да судат. Втор ден е од акцијата, ние вчера бевме на терен, генерално, имаме ситни забелешки, но денеска имаме информација дека се отстранети“.
Надлежните порачаа дека сите неправилности што ќе бидат утврдени во однос на изигрување на цените да бидат навремено пријавени до пазарната инспекција. Ќе има, како што беше речено на прес-конференцијата, првин опомени, а постојат и казнени одредби за што надлежните оценуваат дека нема да има простор бидејќи мерката треба да има влијание за заштеда на семејниот буџет на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски за Денот на наставата на турски јазик: Образованието на мајчин јазик е педагошка потреба
Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати честитка по повод Денот на наставата на турски јазик, посочувајќи дека овој ден нè потсетува дека образованието на мајчин јазик е педагошка потреба, но и длабока цивилизациска вредност и уставна определба.
-Преку јазикот се пренесуваат знаењето, културната меморија и чувството на припадност, а преку училиштето тие вредности се претвораат во заедничко богатство на државата, наведе Мицкоски.
Премиерот посочува дека наставата на турски јазик е дел од нашето историско и општествено наследство и придонесува кон градење образовен систем заснован на почит, еднаквост и меѓусебно разбирање.
-Како Влада, ја разбираме одговорноста да обезбедиме услови во кои секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, без разлика на мајчиниот јазик. Инвестирањето во образованието и во наставата на мајчин јазик е инвестирање во довербата, во заедништвото и во иднината на државата. Честит Ден на наставата на турски јазик, додава премиерот во објава на Фејсбук.
Македонија
МВР апелира до возачите да внимаваат поради маглата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел до сите учесници во сообраќајот крајно внимателно да ги управуваат своите возила во услови на намалена видливост, како и воопшто да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол на предновогодишни забави и семејни веселби.
Оттаму информираат дека на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје во периодот од 15 до 20 декември биле констатирани 53 сообраќајни несреќи и дека сообраќајните контроли на полицијата продолжуваат со несмален интензитет.„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, велат од МВР.
Од Министерството се осврнуваат и на активностите што се преземаат против употребата на пиротехнички средства. Мерките, велат, се спроведуваат со засилена динамика, имајќи го предвид фактот дека употребата на овие опасни средства е карактеристична за периодот околу Нова година.
Целта, додаваат оттаму, е да се зголеми свеста кај младите, но и кај нивните родители, дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето.
Македонија
Кисела Вода со прочистувачи ќе го чисти воздухот во градинките
Во градинките на територијата на општина Кисела Вода се поставуваат прочистувачи за воздух. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, ја посети градинката „Синоличка“ при ЈДГ „Весели цветови“, една од градинките каде што веќе се поставени прочистувачи.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, при посетата, таа разговарала со вработените за значењето на оваа мерка, која директно придонесува за подобрување на условите за престој, како и за заштита на здравјето и благосостојбата на најмладите.
Покрај во градинките, прочистувачи за воздух се поставени и во спортската сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, како и во ПОУ „Кузман Јосифовски – Питу“.

-Оваа активност е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за создавање почиста и поздравa животна средина, особено во објектите каде што секојдневно престојуваат деца и млади. Општина Кисела Вода и претходно презеде низа конкретни чекори во оваа насока, посочуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека прочистувачи за воздух биле поставени во сите училници во сите основни училишта на територијата на општината, како и во поголемите паркови, со цел да се подобрат условите за престој и секојдневно функционирање на граѓаните.
-Грижата за здравјето на нашите најмлади е еден од нашите највисоки приоритети. Со поставувањето на пречистувачи за воздух во градинките, училиштата и спортските објекти, создаваме поздрави услови за престој и развој на децата. Ова е дел од стрстегијата на Општина Кисела Вода за почиста животна средина и за подобар квалитет на живот за сите наши сограѓани, заложба од која нема да отстапиме, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

