Македонија
Притвор од 30 дена за четворицата осомничени за тероризам
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонењев организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство против 4 лица, осомничени за кривичното дело терористичка организација од чл. 394 – а од КЗ, донесе решенија со кои го прифати предлогот на ОЈО ГОКК и на сите четири лица, кои утрово беа спроведени во судот, им определи мерка притвор во траење од 30 дена.
„Во согласност со решенијата за притвор, постојат основани сомненија од чл. 165 ст. 1 т. 1 и т. 2, односно опасност дека осомничените може да се дадат во бегство и опасност тие да ја попречат истрагата со влијание на сведоци, па поради тоа и е определена мерката притвор.
Против овие решенија странките имаат правно на жалба пред Кривичниот совет“, соопшти Кирвичниот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинителството бара притвор за Груби и Бајрами поради проневера во Државна лотарија, двајцата не се во државата
Обвинителството бара притвор за директорот на Државна лотарија, Прпарим Бајрами и поранешниот вицепремиер, Артан Груби, поради проневера во Државна лотарија. Според информациите од Обвинителството, барањето е со цел, притворската мерка да започне да се спроведува веднаш по пронаоѓањето на двајцата осомничени кои во моментот не се во државата и нивно приведување.
Од Обвинителството велат дека oд прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија“ лани, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво.
Првоосомничениот, претседател на Управниот одбор – Генерален директор на „Државна лотарија” на 9 мај 2023 година електронски до Владата, во својство на Собрание на акционери на друштвото доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, при што било предложено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ терминали и нивно имплементирање.
Проценетата вредност на таквата набавка изнесувала 42 отсто од сметководствената вредност на друштвото определена со последните финансиски извештаи, односно станува збор за голема зделка за која согласно Закон е предвидена постапка за одобрување од Управниот и Надзорниот одбор на “Државна лотарија”, а не од Собранието на акционери. Предлогот бил даден иако осомничениот знаел дека набавката е беспредметна и непотребна, бидејќи АД “Државна лотарија” согласно Законот за игри на среќа нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, бидејќи уште во 2013 година тоа право го има вложено во Државната видеолотарија – “Касинос Аустрија” ДОО Скопје како непаричен влог во вредност од 6.244.898 евра за што “Државната лотарија” се стекнала со удел од 51% во основната главнина на друштвото формирано со “Касинос Аустрија“.
Второосомничениот, иако исто така знаел дека барањето за конкретната јавна набавка е противзаконско и дека “Државната лотарија” нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, на 6 јуни 2023 година како вицепремиер претседавал со седница на Влада во својство на Собрание на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка.
На седницата била усвоена информацијата и „Државната лотарија” била задолжена да ги преземе активностите за да започне самостојно да приредува електронски игри на среќа и да ги набави потребните видеолотариски терминали. Потоа првоосомничениот ги донел потребните одлуки, биле спроведени јавни набавки и се склучиле договори со кои е преземена обврска во вкупен износ од 501.319.119 денари за набавка на видеолотариски терминали кои согласно закон воопшто не смееле да се употребат за приредување електронски игри на среќа. И покрај набавката, тие никогаш не биле ниту ставени во употреба.
Останатите четворица се осомничени во својство на претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици и за нив постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и спровеле јавни повици за пренесување на право за приредување на електронски и интернет игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови. По спроведените постапки изготвиле извештаи со кои констатирале дека четири понудувачи ги исполнуваат условите за склучување на Договори за заедничко вложување, иако наведените понудувачи не ги исполнувале законските услови односно не биле приредувачи на игри на среќа. За четворицата осомничени од комисијата во “Државната лотарија”, надлежниот јавен обвинител до Судот ќе поднесе предлог за определување мерки на претпазливост.
Македонија
Галетановски најави тужби, вели дека документацијата му била отворена незаконски без управен одбор
Ѓорѓи Галетановски, кој беше единствениот пријавен на конкурсот за директор на ЗOO Скопје, најави кривична пријава за зоолошката и Град Скопје, бидејќи не биле испочитувани роковите, а документацијата не му била вратена.
„По поднесување на целокупна документација од моја страна и по оглас кој е отворен до 14.08.2024 година, jaс сеуште немав официјален одговор. Законот вели дека доколку не се се спроведе огласот, како што беше случај, документацијата доставена не смее да биде отворена, туку веднаш вратена до мене“, вели Галетановски.
Тој во реакција до медиумите наведе дека еднаш отишол на лице место за да си ги побара назад документите, но не сакале да му ги вратат и му рекле дека не смеат да ги отворат и ќе го известат преку електронска пошта. После месец дена, вели Галетановски, сепак ги отвориле на своја рака и го известиле дека му ги испратиле назад, наместо да го повикаат да си ги подигне.
„Ми ги испратиле по пошта, а до денес документите не ми се стигнати, односно не знам дали се испратени и каде ми се сите оригинални документи. Бидејќи мојата документација е отворена, неовластено и незаконски без управен одбор и воедно моите лични податоци се злоупотребени, прво ќе пријавам во ДЗЛП, а по нивен одговор, ќе поднесам кривична пријава до ЗОО и до вработените во администрација кои ги отвориле документите“, вели поранешниот директор.
Најави дека ќе пушти тужба и за надомест на штета, поради повреда на правото на заштита на личните податоци, губење на документи и злоупотреба на лични податоци од неовластени лица, имајќи во предвид дека и Град Скопје и ЗОО се одговорни при спроведување на постапка за избор и доколку ја добие, средствата ќе ги донира на сметката на вработените на ЗОО Скопје.
Македонија
За отстранување на ѓубрето, Комунална ќе му испрати фактура на Курто Дудуш: „Локациите што ги објавува не се наша, туку негова надлежност“
Јавното претпријатие Комунална хигиена- Скопје соопшти дека ќе го отстрани сметот и срамот на градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, но јавноста треба да знае дека за ова ќе и биде доставена фактура на општината.
Имено, фотографиите кои ги објавува Курто Дудуш, како што тврди Комунална, се од контејнери и локации за кои одговорна е општината со која Дудуш управува. Од тука уверуваат дека контејнерите што се во нивна надлежност редовно се чистат и дезинфицираат, што за жал не е случај и со општинските садови и дивите локации во неговата општина на кои се фрла отпад.
„Дополнително, Курто Дудуш се задолжи со мандатна казна за формирање на дива депонија на територија на општина Шуто Оризари, а во тек се и останатите постапки покренати против Дудуш за дела спротивни на законот за кои очекуваме разврски, што всушност е и причината за неговото однесување и напади кон градот и јавното претпријатие Комунална хигиена- Скопје“, велат од Комунална хигиена, која е под надлежност на Градот Скопје.
Курто Дудуш претходно реагираше за ѓубрето во општината, обвинувајќи ја Арсовска дека им се одмаздува на граѓаните на општина Шуто Оризари поради протестот пред нејзината канцеларија.
Градоначалникот кој сподели фотографии на социјалните мрежи се закани дека ако отпадот не биде собран во рок од 48 часа, ќе и го однесе со механизација на Арсовска пред нејзината канцеларија.