Свет
Башар ал-Асад зборуваше за првпат по падот: Сирија сега е во рацете на терористите

Соборениот сириски претседател, Башар ал Асад, за првпат проговори откако бунтовниците го урнаа неговото владеење и тој побегна во Москва.
Асад објави јавна изјава на официјалниот профил на „Телеграм“ на сириското претседателство, велејќи дека одлучил да се изјасни за да „реагира на поплавата од дезинформации и наративи што се појавија“.
Во својата изјава тој вели вели, бидејќи сирискиот главен град Дамаск паднал во рацете на бунтовниците, отишол во руската воена база во провинцијата Латакија „да ги следи борбените операции“, по што видел дека неговите сили ги напуштиле своите позиции.
И базата Хмејмим била под засилени напади со беспилотни летала, објави Асад, додавајќи дека Русите одлучиле да го однесат во Москва и дека Сирија сега е во рацете на терористите.
„Моето заминување од Сирија не беше планирано ниту се случи во последните часови од битките, како што тврдат некои. Напротив, останав во Дамаск, извршувајќи ги своите обврски, до раните утрински часови во неделата, 8 декември 2024 година. “, објави тој.
„Во ниту еден момент од овие настани не размислував за повлекување или барање засолниште, ниту пак размислував за таков предлог од некој поединец или партија. Мојот единствен начин на дејствување беше да ја продолжам борбата против терористичкиот напад“, изјави поранешниот сириски претседател, чие семејство владееше со Сирија во изминатите 53 години. Асад се смета за одговорен за повеќе од половина милион смртни случаи и милиони раселени Сиријци за време на граѓанската војна која трае повеќе од 10 години.
Во пораката, тој се опиша себеси како посветен лидер и семеен човек кој останал во Сирија за време на граѓанската војна „со својот народ“.
„Никогаш не барав лична корист, но секогаш се сметав себеси за чувар на националниот проект, поддржан од верата на сирискиот народ, кој веруваше во таа визија“, рече тој.
Асад ја заврши својата изјава велејќи дека е „исполнет со надеж дека Сирија повторно ќе биде слободна и независна“.
Повикувајќи се на неколку високи сириски функционери, медиумите изминатиот викенд објавија дека неколку часа пред падот на Дамаск на 8 декември, Асад побегнал без да ги предупреди членовите на неговото семејство и најблиските соработници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел денеска ги врати телата на 15 Палестинци во Газа

Израел денеска ги врати телата на 15 Палестинци во Газа, со што вкупниот број на вратени лица се искачи на 135, соопшти денеска Министерството за здравство на Појасот управуван од Хамас.
Според договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, Израел требаше да ги врати телата на 15 Палестинци за секој вратен починат израелски заложник, објави „Тајмс оф Израел“.
Претходно денеска, канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Хамас мора да го почитува договорот и да ги врати останките од преостанатите 18 убиени заложници кои сè уште се наоѓаат во Појасот Газа.
Израелската војска (ИДФ) претходно го информираше семејството на убиениот Елијаху Маргалит дека Хамас го вратил неговото тело во Израел синоќа.
ИДФ соопшти дека, според разузнавачките информации, Елијаху (75) бил убиен на 7 октомври 2023 година, а неговото тело подоцна било однесено во Појасот Газа од кибуцот Нир Оз.
Смртта на Елијаху Маргалит беше потврдена од израелската војска во декември 2023 година.
Свет
Милиони Американци би можеле да останат без купони за храна

Околу 42 милиони Американци би можеле да останат без купони за храна во ноември поради тековниот прекин на работата на федералната влада, предупреди министерката за земјоделство Брук Ролинс.
Програмата за дополнителна помош во исхраната (SNAP), позната и како купони за храна, е дел од клучната национална мрежа за безбедност на храната и обезбедува просечен месечен надомест од 188 долари по лице, пишува Си-Ен-Ен.
Ролинс рече дека средствата за програмата ќе бидат исцрпени во рок од две недели и ги обвини демократите за блокадата на финансирањето.
Свет
Десетици илјади евакуирани на Филипините, се приближува ураган

Десетици илјади луѓе на Филипините се евакуирани денеска од своите домови на брегот на Пацификот поради опасност од поплави во момент кога тропската бура „Феншен“ го зафати регионот, јавија светските агенции.
Бурата попладнево со брзина на ветрот до 80 км на час ја погоди општина Губат, на југоисточниот врв на главниот остров Лузон, соопшти државната метеоролошка служба.
Откако жителите беа евакуирани од крајбрежните и другите ризични области, локалните власти соопштија дека нема извештаи за сериозни штети или жртви.
„Имаше обилни дождови и силни налети на ветер, иако не толку силни“, изјави Рајан Естреладо, спасувач во Губат.
Ураганот вечер треба да помине во близина на островот Катандуанес, кој има население од 270.000 жители, со брзина на ветер до 90 км/ч. Се очекува „Феншен“ да се засили пред да стигне до копното по втор пат во централен Лузон, соопшти националната метеоролошка служба.