Европа
Трамп: Ќе разговарам со Путин за крајот на војната во Украина
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави на прес-конференција во неговата резиденција во Мар-а-Лаго, Флорида дека има намера да стапи во контакт и да разговара со Владимир Путин, како дел од напорите да се запре војната во Украина.
Тој посочи дека и Володимир Зеленски треба да се подготви за склучување мировен договор.
Трамп вели и дека бројот на жртви од двете страни е многу поголем отколку што се тврди во јавноста.
„Луѓето се убиваат на ниво што никој досега не го видел. Тоа се многу рамни области и единственото нешто што може да го запре куршумот е тело, човечко тело. Бројот на војници кои умираат од двете страни е астрономски“, изјави Доналд Трамп, новоизбраниот американски претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Унгарија: Сакаа да воведат санкции за патријархот Кирил, ставивме вето
Патријархот на Руската православна црква Кирил, постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации Василиј Небензја, Рускиот олимписки комитет и два фудбалски клуба не беа вклучени во 15-тиот пакет антируски санкции на Европската унија благодарение на напорите на Унгарија, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Според шефот на унгарската дипломатија, предлозите изнесени во врска со овој пакет санкции не биле ништо помалку од „луди“. Тој тврди дека некои предложиле санкциите го вклучуваат патријархот Кирил, рускиот претставник во ОН, рускиот олимписки комитет и „двајца руски прволигаши“.
„Ние ставивме вето. Едноставно рековме дека нема да поддржиме такви санкции“, им рече Сијарто на унгарските новинари. Сепак, според него, Унгарија го поддржала 15-тиот пакет санкции бидејќи има исклучоци за унгарската нафтена компанија МОЛ, која ќе може да продолжи да извезува нафтени деривати произведени во нејзините фабрики со руска нафта.
Вчера Европската унија усвои нов пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина, вклучувајќи построги мерки против кинеските субјекти и повеќе бродови од таканаречената руска флота во сенка, објави денеска Европската комисија во соопштение.
Комисијата подготвува 16-ти пакет санкции за јануари, кој би можел да вклучи пошироки мерки како што се рускиот течен природен гас и извозните ограничувања на подружниците на компаниите од ЕУ во трети земји, изјавија извори за Ројтерс.
Европа
Полскиот министер: Москва треба да биде принудена на мировни преговори, а не Киев
Полскиот министер за надворешни работи изјави дека Русија, а не Украина, треба да биде принудена на мировни преговори. Тој ги повика ЕУ и САД да и помогнат на Украина за да постигне подобра преговарачка позиција. „Москва, а не Киев, треба да биде принудена на мировни преговори, бидејќи Кремљ е тој што не сака мир“, изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, а пренесува Дојче веле.
Поделбата на задачите треба да биде таква што и САД и Европската унија и помагаат на Украина да постигне подобра преговарачка позиција за потенцијалните идни преговори, кои треба да бидат поттикнати и принудени од агресорот, а не од жртвата, нагласи политичарот.
Според него, Европската унија треба „да се мобилизира уште повеќе“ во светлината на претстојната администрација на Доналд Трамп.
Идниот американски специјален претставник за Украина, Кит Келог, смета дека Доналд Трамп би можел да да ги покани украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин на преговори во Вашингтон по неговата инаугурација и е убеден дека е можно решение за украинско-руското прашање „во следните неколку месеци“.
Европа
Медведев: Киев ќе се соочи со неизбежна одмазда за убиството на рускиот генерал
Дмитриј Медведев, заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, изјави дека украинското раководство ќе се соочи со неизбежна одмазда за убиството на високиот руски генерал, пренесе агенцијата РИА.
„Сфаќајќи ја неизбежноста на сопствениот воен пораз, започнуваат одвратни кукавички напади во мирните градови“, рече тој.
Генерал-полковник Игор Кирилов, шеф на силите за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана, е убиен од експлозивна направа поставена во електричен тротинет пред станбена зграда на околу 7 километри југоисточно од Кремљ, соопшти рускиот истражен комитет. Во експлозијата загина и неговиот помошник, додаде комитетот, опишувајќи го како „терористички чин“.
Атентатот се случи еден ден откако украинското обвинителство го обвини Кирилов за употреба на забрането хемиско оружје во војната против Украина.