Свет
Папата Франциско откри дека бил цел на обид за самоубиствен напад за време на посетата на Ирак
Папата Франциско откри дека бил цел на самоубиствен напад за време на посетата на Ирак пред три години, прва папска посета на земјата.
Во извадоци од неговата автобиографија, објавени денеска, папата рече дека ирачките власти го информирале по неговото пристигнување во Багдад во март 2021 година, дека најмалку двајца познати бомбаши самоубијци нападнале еден од неговите планирани настани, објави „Ројтерс“.
„Жена полна со експлозиви беше на пат кон Мосул со намера да се самоубие за време на посетата на папата“, напиша папата во дел од својата книга објавена во италијанскиот весник „Кориере дела сера“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Дванаесетгодишно девојче е обвинето за убиство на старец: бил нападнат додека го шетал своето куче во Британија
Дванаесетгодишно девојче од Британија е обвинето за убиство од небрежност поради смртта на 80-годишен старец.
Бхим Коли починал од сериозни повреди откако бил нападнат од група деца, меѓу кои и неименувано 12-годишно девојче, пишува Sky News.
Тој бил нападнат додека го шетал своето куче во паркот Френклин, во близина на неговиот дом во Браунстоун Таун, Лестершир. Четири деца од таа група биле сослушани и пуштени, а петнаесетгодишно момче претходно е обвинето.
Бхим Коли почина на 1 септември, ден откако беше нападнат, во медицинскиот центар во Нотингем.
Девојчето, чиј идентитет не е објавен од правни причини, се појави во Младинскиот суд во Лестер во понеделникот. По кратко сослушување, таа била пуштена со кауција. Судот и нареди повторно да се појави на 3 февруари. 15-годишното момче, исто така, се очекува да се појави во судот на Лестер подоцна оваа недела. Почетокот на судењето е закажан за февруари следната година.
„Бхим беше љубезен сопруг, татко и дедо. Тој исто така беше син, брат и вујко. Една од неговите најголеми страсти беше неговата градина. Исто така, уживаше да шета во семејната градина, беше многу среќен и зборлив, секогаш сакаше да не надмудрува со насмевка на лицето. Нашите срца се целосно скршени“, се вели во соопштението на семејството објавено од полицијата во Лестершир.
Свет
Училиште затворено откако е откриен нов вид на мајмунски сипаници кај деца во Германија
Училиште во близина на Келн, во западна Германија, беше затворено како мерка на претпазливост откако кај двајца ученици беше откриена нова варијанта на вирусот на мајмунски сипаници.
Учениците на училиштето за деца со посебни потреби во Росрат ќе се префрлат на онлајн настава до петок, соопшти окружната управа на областа Рајниш-Бергиш, пренесе агенцијата ДПА.
Четири членови на едно семејство што живее во областа, меѓу кои и две деца, биле заразени со таканаречениот вирус на мајмунски сипаници клад 1б. Според информациите од округот, семејството е во карантин, а симптомите засега се благи.
Одделението за здравство и училишната управа ја донесоа оваа превентивна мерка по интензивни консултации со германскиот институт за контрола на болести, „Роберт Кох“ и други специјализирани институции, поради децата на кои им е потребна посебна заштита.
Училишните простории ќе останат затворени со цел да се спречи близок контакт меѓу учениците и со тоа дополнително можно пренесување на вирусот mpoks. Петок е последниот училишен ден пред божиќните празници. Се претпоставува дека инфекцијата потекнува од патувањето на член на семејството во Африка.
Засега не се откриени дополнителни инфекции, рече портпаролката на областа. Симптомите на вирусот mpoks вклучуваат карактеристичен осип на кожата, а општите симптоми на болеста како треска, главоболка и мускулна болка често се присутни. Фаталните исходи се ретки.
Вирусот, порано познат како мајмунски сипаници, не е многу заразен.
„Неопходен е близок физички контакт за пренос на вирусот, велат од Институтот „Роберт Кох“.
Вирусот главно се пренесува преку контакт кожа на кожа, како што се сексуален однос, гушкање, масажа или бакнување. Во август, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи „вонредна состојба од меѓународна загриженост“ поради новата варијанта на вирусот и зголемувањето на бројот на случаи на мали сипаници во Африка.
Природните домаќини на вирусот се глодари од Западна и Централна Африка. Патогените микроорганизми се помалку прилагодени на мајмуните и луѓето.
Од летото 2023 година, бројот на заболени се пријавува континуирано, но на ниско ниво во едноцифрена или ниско двоцифрена месечна основа. Досега нема регистрирано смртни случаи во Германија.
Регион
(Видео) Димна бомба на седницата на Уставниот комитет на Парламентот на Црна Гора
Димна бомба е фрлена на седницата на Уставниот комитет на Парламентот на Црна Гора.
Ова уследи откако потпретседателот на Комитетот и пратеник на Демократската партија на социјалистите, Нермин Абдиќ изјави дека тој и неговите колеги нема да дозволат седницата да продолжи, пренесе „Вијести“.
И покрај фрлањето димна бомба, седницата продолжи и беа донесени заклучоци да се објави оглас за избор на двајца судии на Уставниот суд избрани од Собранието и да се разговара со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, за тој да објави оглас за избор на уште двајца судии на Уставниот суд за кои одговара, пренесува медиумот.
Не се знае кој ја активирал димната бомба, а на видеото се гледа дека во делот од салата каде седат дел од пратениците на ДПС почнал да излегува чад. Во еден момент пратеникот на таа партија Абаз Диздаревиќ зел запалена димна бомба и ја ставил на масата.
На дневен ред на седницата беше „разгледување на прашања поврзани со објавувањето на јавен повик за избор на судии на Уставниот суд на Црна Гора“.