Македонија
Инспекции го тресат Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, се истражува смртта на седуммесечното бебе на Детската клиника

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денес е во вонредна контрола на работењето на Клиниката за детски болести во Скопје откако во неделата почина седуммесечно бебе. Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов, финален резултат од вонредниот надзор најави за утре.
„Во текот на денешниот ден од моја страна беше издаден налог за вонреден инспекциски надзор на Клиниката за детски болести со сознанија за починато седуммесечно бебе, кое, по искажување на директорот, било донесено со тешки оштетувања на повеќе органи. По утврдување на фактичката состојба во делот на приемот, во делот на укажување здравствена заштита, како и евидентирање, ние претпоставувам дека во текот на утрешниот ден ќе излеземе со поконкретни финални податоци“, рече директорот Лазов.
Родителите на седуммесечното бебе за медиумите рекоа дека првиот пат кога побарале помош оти бебето имало црвенило на лицето и нозете, по направената лабораторија, ги прошетале клиниките во „Мајка Тереза“, завршиле на Детската клиника, од каде што ги одбиле за хоспитализација. Но, по два дена, му се влошила состојбата на бебето, се вратиле на Детската клиника и бебето било хоспитализирано, но за пет дена починало.
Министерството за здравство извести дека бебето починало од сериозен синдром, кој зафатил повеќе органи. Телото на бебето е дадено на обдукција.
Ова е последен од низата смртни случаи на Детската клиника за кои ДСЗИ прави вонредни инспекциски надзори. Директорот Лазов вели дека за смртта на петгодишното девојче, кое на почетокот на минатиот месец почина на Детската клиника откога беше примено со силна главоболка, Клиниката не ги почитувала целосно мерките дадени од Инспекторатот.
„По наложените мерки, направивме контролен инспекциски надзор. Утврдивме дека делумно е постапено во делот на организацијата, како и во делот на привремените лиценци и факсимили за специјализантите. Издаден беше платен прекршочен налог, роковите течат, меѓутоа она што можам да го кажам е дека во периодот што следуива ние ќе направиме повторно контролен и инспекциски надзор, вонреден, не само на Клиниката за детски болести туку и во моментот се вршат вонредни инспекциски надзори на другите клиники во кампусот ‘Мајка Тереза’“.
Петгодишното девојче почина од мозочен удар по две недели лекување на Детската клиника.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотресот на Света Гора почувствуван и во Македонија

Силниот земјотрес на Света Гора почувствуван и во југоисточниот дел на Македонија.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес 7 јуни 2025 година регистрираа серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од соседна Република Грција.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, почувствуван е земјотресот во 14 часот и 46 минути чиј епицентар се наоѓа 290 km југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда M L 5.2.
Земјотресот беше почувствуван во југоисточниот дел на Републиката со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, известија од Сеизмолошката опсерваторија.
Македонија
АХВ го одбележа 7 Јуни – Светски ден на безбедна храна

Aгенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се приклучи и ја поддржува глобалната иницијатива и го одбележа 7 јуни, Светски ден на безбедна храна. Со едукативен и спортско рекреативен настан наменет за граѓаните и децата, денес, во паркот Авионче во скопската населба Ново Лисиче на присутните им беа поделени едукативни флаери за безбедноста на храната, а за најмалите се одржаа спортско-рекреативни игри преку кои се афирмираше безбедноста на храната и нејзиното значење.
На 10 јуни, во вторник, со поддршка и во соработка со Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе одржи настан за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната на која ќе учествуваат реномирани претстставници од EFSA, од научните и други институции поврзани со прашпања кои се однесуваат на производството на храна и нејзината безбедност.
Годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – 7 јуни е „Науката во акција“ и тоа денес не потсетува на важноста на науката како основна алка од синџирот на безбедна храна. Едноставно, тоа е дел без кој не се може и кој ги создава основите за креирање на политиките за безбедност на храната од страна на институциите, како што е и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Преку едукативниот спортско рекреативен настан кој се одржа денес и настанот кој во соработка со EFSA ќе се одржи во вторник, АХВ и годинава активно работи на подигнување на свеста на граѓаните за важноста на безбедноста на храната и за превенирање и управување со ризиците со цел унапредување на нивното здравје.
Македонија
(Видео) Василевски: Нула нови градинки за 4 години во Аеродром, околу 700 деца чекаат за запишување секоја година

Изминаа речиси 4 години откако ВМРО-ДПМНЕ ја освои локалната власт. И По 4 години, ВМРО-ДПМНЕ во Општина Аеродром не изгради ниту една од ветените 4 нови градинки, рече денеска на прес-конференција Бојан Василевски, ОО СДСМ Аеродром.
„Овиe градинки беа првиот од 7-те топ приоритети на Муцунски и Митески во програмата со кои ја освоија довербата на нашите сограѓани од Аеродром. Митески и Муцунски ветија целосно нови градинки во Острово, Мичурин, Лисиче и Долно Лисиче, но еве, четири години подоцна, ниту една од овие ветени градинки до денес не е ни започната со градба“, вели Василевски.
Според него, околу 700 дечиња годишно се на листа за чекање за упис во градинка, заради недостатокот на места во градинките во Аеродром.
„ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром покажа целосна незаинтересираност за решавање на овој проблем. Единствениот објект на градинка кој се гради во моментов во Стар Аеродром е со 70.000.000 денари, средства обезбедени од Владата на СДСМ во 2024 година. Само за споредба, кога со Општина Аеродром управуваше СДСМ се изградија 2 нови градинки со вкупен капацитет од 400 деца. Целосно нов објект Црвенкапа во Стар Аеродром со капацитет од 200 деца и целосно нов објект Буба Мара во Ново Лисиче со капацитет од исто така 200 деца“, кажа Василевски.