Спорт
Мудрик, како и Шарапова, падна на мелдониум
Украинскиот фудбалер Микаило Мудрик падна на допинг тест, поради што се соочува со ригорозна казна од УЕФА.
Како што се испостави, фудбалерот на Челзи бил позитивен на мелдониум.
Светот слушна за оваа супстанца кога руската тенисерка Марија Шарапова објави дека била позитивна при допинг контрола.
Секако, се чека конечниот исход и реакцијата на УЕФА, како и резултатот на уште еден тест, нареченм Б тест. Доколку и овој тест биде позитивен Мудрик ќе добие четиригодишна суспензија.
Мудрик не е на теренот од 1 декември, од натпреварот против Астон Вила, додека последниот натпревар против Саутемптон го пропушти поради болест.
Менаџерот на „сините“ Енцо Мареска, пред мечот со Тотенхем, изјави дека Мудирк е болен. Но во тој момент во клубот знаеле дека Мудрик паднал на допинг тестот.
Украинецот проговори за овој инцидент, изјави дека никогаш свесно не земал нелегални супстанци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Лапорта откри како клубот ќе го регистрира Дани Олмо
Претседателот на Барселона, Џоан Лапорта, повторно ќе ги искористи „дупките“ во правилата и на тој начин клубот ќе го регистрира Дани Олмо за вториот дел од сезоната.
Да потсетиме, шпанските медиуми тврдеа дека на Олмо му се заканува опасност да не биде пријавен за продолжението од сезоната во Ла Лига. Поранешниот фудбалер на Динамо и Лајпциг беше пријавен само за воведниот дел од сезоната, откако Барселона го искористи правилото кое им овозможи да додаваат нови играчи во ростерот поради повреди на други фудбалери.
Покрај ова, клубот можеше да искористи 80 отсто од износот одреден за платите на повредените Роналд Араухо и Андреас Кристенсен. Бидејќи ист играч не може да биде пријавен за ист клуб двапати во една сезона, Олмо се соочува со ризик да не игра во втората половина од сезоната поради правилата во Ла Лига.
Лапорта откри можно сценарио: „Поставивме некои барања. но без да бидеме саркастични, бидејќи сакаме да ги покриеме сите опции. Се повикуваме на фактот дека маржата за плата што ни ја остава Тер Штеген ќе служи за Дани и Пау (Виктор)“.
Да потсетиме, Тер Штеген на крајот на септември заработи тешка повреда на коленото, поради која ја заврши сезоната.
Доколку разликата во платата на Тер Штеген не е доволна за да се оправда регистрацијата на Олмо, Лапорта наведува дека постои и можност за потпишување на нов профитабилен договор со спонзорот Најки кој би овозможил книгите на Барселона да бидат во согласност со финансискиот фер-плеј. Понатаму, тој наведува дека клубот размислува и за други операции кои би помогнале во пријавувањето на играчите.
Олмо минатото лето пристигна во Барселона од Лајпциг во трансфер вреден 55 милиони евра. Во договорот вметнал клаузула која гарантира раскинување на договорот доколку има проблеми со регистрацијата. Олмо не можеше да игра во првите две кола од Ла Лига бидејќи не беше пријавен. За Барселона досега одигра 14 натпревари, повеќето како офанзивен играч за врска, а постигна шест гола и една асистенција.
Спорт
Нејмар подготвен за преселба во Мајами
Поради повредата што ја заработи на мечот во средината на ноември, бразилскиот напаѓач Нејмар (32) годинава нема да се врати на терените. Некогаш еден од најдобрите фудбалери во светот, од Светското првенство во 2022 година одигра само 20 натпревари.
Швајцарскиот „Скај Спорт“, тврди дека Нејмар ги информирал раководството и соиграчите дека го напушта Ал Хилал и дека негов нов клуб ќе биде Интер Мајами.
Нејмар сака уште еднаш да игра со Лионел Меси и Луис Суарез и со тоа повторно да го формира напаѓачкото трио МСН, кое доминираше во Барселона. Нејмар неодамна купил плац во Мајами и таму ќе гради вила.
Кошмарот на Нејмар почна по Катар и Светското првенство во 2022 година. Тој беше надвор од терените 131 ден поради операција на скочниот зглоб, 30 дена поради повреда на мускулот, потоа ги скина вкрстените лигаменти поради што отсуствуваше 366 дена, а од ноември има повреда на мускулот на десната нога.
Повредата ја заработи на натпревар од Лигата на шампионите во Азија во кој Ал Хилал на домашен терен го совлада Естеглал со 3-0. Бразилската ѕвезда влезе во игра во 58. минута од натпреварот и ја напушти во 86. минута. Нејмар оваа сезона одигра само 13 минути против Ал Аин и 29 минути против Естеглал.
За Ал Хилал, клуб од Саудиска Арабија кој му плаќа околу 120 милиони евра по сезона, тој има одиграно само седум натпревари од неговото доаѓање минатото лето. Постигна еден гол и забележа три асистенции.
Во текот на кариерата играше и за Сантос, Барселона и ПСЖ, а официјално е најскапиот фудбалер на светот. ПСЖ за него и плати на Барселона 222 милиони евра во август 2017 година.
Спорт
Мбапе би можел да заигра во вечерашното финале против Пачука
Реал Мадрид, вечерва од 18 часот во Доха ќе игра против мексиканската Пачука во финалето на Интерконтиненталниот куп.
Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти откри дека Килијан Мбапе би можел да биде во тимот против Пачука.
„Килијан тренираше вчера и се чувствуваше добро. Ќе види како ќе се чувствува. Ако се чувствува добро, ќе игра, но ако постои некаков ризик, нема да игра. Сè изгледаше добро вчера и ние сме оптимисти“, изјави Анчелоти во Доха.
Мбапе се опоравува од повредата на бутниот мускул на левата нога, поради која го пропушти натпреварот против Рајо Ваљекано (3:3) во шпанската лига.
Реал Мадрид е во финалето и покрај тоа што не одигра ниту еден натпревар, бидејќи е привилегиран како европски шампион, а Пачука на патот до фиалето ги победи Ал Ахли и Ботафого.
Анчелоти нема да може да смета на повредените Дани Карвахал, Едер Милитао, Давид Алаба и Ферланд Менди, па повика неколку играчи од младинскиот тим, а на голот најверојатно ќе биде Тибо Куртоа.
Реал Мадрид го освои Интерконтиненталниот куп три пати во 1960, 1998 и 2002 година, пред Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) да го смени форматот и натпреварувањето да го нарече Светското клупско првенство, кое „кралскиот клуб“ го освои во 2014, 2016, 2017, 2018 и 2022 година.
Пачука заврши на третото место на Светското клупско првенство во 2017 година.