Македонија
Кривична за директорот на ГТЦ-Скопје и три други лица: направиле штета од околу 500.000 евра

Денеска Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал криминал до ОЈО Скопје заради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 3 во врска со став 1 од КЗ во врска со член 22 „соизвршителство“ од КЗ поднесе кривична пријава против Ѓ.Т. (49) од Скопје, извршен директор на А.Д. Градски трговски центар – Скопје во временскиот период 2017 – 2024 година, Г.И. (48) од Скопје, вработен во А.Д. Градски трговски центар – Скопје, Д.С. (48) во Скопје, вработен во А.Д. Градски трговски центар – Скопје и С.Т. (50) во Скопје, вработен во А.Д. Градски трговски центар – Скопје.
Имено, лицата делото го сториле така што второпријавениот Г.И. во својство на претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, заедно со третопријавениот и четвртопријавениот Д.С. и С.Т., членови на Комисијата за спроведување на јавна набавка, во текот на 2020 година со неизвршување на својата службена должност постапиле спротивно на одредбите на законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка за потребите на А.Д. Градски трговски центар – Скопје во која неосновано ја отфрлиле понудата на економски оператор од Скопје, иако согласно бараните критериуми во тендерската документација не постоеле услови за отфрлање, при што од двајца понудувачи, како единствена понуда за евалуација останала понудата од друг економски оператор од Скопје, која била речиси двојно поскапа. По ова, истите изготвиле извештај за спроведена постапка во кој дале предлог за најповолна понуда да се одбере двојно поскапата понуда.
Првопријавениот Ѓ.Т. во својство на извршен директор на А.Д. Градски трговски центар – Скопје, ја злоупотребил својата службена положба со неизвршување на својата службена должност така што постапил спротивно на одредбите на законот за јавни набавки и иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно законот за јавни набавки истиот донел одлука за избор на најповолен понудувач и во име на А.Д. Градски трговски центар – Скопје со правното лице од Скопје склучил рамковна спогодба за јавна набавка за стоки и услуги, со вкупна вредност на спогодбата од 31.000.000 денари, без ДДВ и времетраење на спогодбата од една година, по која што рамковна спогодба и склучени договори кон истата на правното лице од Скопје му биле исплатени вкупно 30.999.325 денари.
Со ваквите инкриминирани дејствија и со непостапување согласно своите службени овластувања пријавените го сториле делото „злоупотреба на службена положба и овластување“ предвидено и казниво по член 353 став 3 во врска со став 1 од КЗ во врска со член 22 „соизвршителство“ од КЗ., со што овозможиле на правното лице од Скопје да се стекне со противправна имотна корист од 30.999.325 денари (околу 500.000 евра).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието не ги донесе измените и дополнувањата на Изборниот законик

Собранието денеска во рамки на 66. седница не ги донесе измените и дополнувањата на Изборниот законик со кои требаше да се регулира колкав процент потписи од вкупниот број избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ) треба да соберат независните кандидати за учество на локалните избори.
Предлог измените и дополнувањата добија поддршка од мнозинството пратеници, но со оглед дека санува збор за решение кое се однесува на локалните избори, потребно беше да се гласа и по Бадентер. За предложените измени и дополнувања 18 од пратениците од помалите етнички заедници беа против, а 11 гласаа „за“.
Во текот на седницата прв за збор се јави Скендер Реџепи од движењето „Попули“, коалиција Европски фронт, кој оцени дека одлуката за поднесените измени е антиевропска и спротивна на Уставот и постоечките закони, додека Владата која е предлагач е моноетничка.
-Пред нас е Предлог-закон кој е во интерес на власта, а не и во интерес на граѓаните.
Претпладнево измените беа ставени на дневен ред на собраниската седница за да бидат донесени по скратена постапка. Потоа за нив расправаа матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија. Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците ги проследи на натамошна постапка во Собранието, усвојувајќи го амандманот од Левица – кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи, да биде потребно да се соберат најмалку 0,5 проценти потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ), наместо првично предложеното решение кое предвидуваше собирање потписи 0,95 проценти од запишаните избирачи.
Македонија
Во првото полугодие од годинава бројот на туристи во Македонија е зголемен, вели Мицкоски

Во првото полугодие од 2025 година бројот на туристи во Македонија е поголем за 13,5 отсто споредено со истиот период 2024 година. Бројот на странските туристи е поголем за 19,7 отсто во 2025 година споредено со истиот период 2024 година. Бројот на домашните туристи е помал за 2,5 отсто споредено со истиот период 2024 година, објави македонскиот премиер Христијан Мицкоски на својот профил на Фејсбук.
Тој пишува дека во истиот период од 2025 година има за 8,5 отсто повеќе реализирани ноќевања споредено со првата половина од 2024 година.
-Нашата Македонија е преубава, ако бројот на странските туристи се зголемува со ниво од 20 отсто годишно и наоѓаат причина да ги посетат македонските градови и села, македонските езера и планини, да уживаат во прекрасната македонска традиционална кујна и вина, тогаш тоа е доволна причина сите ние заедно да уживаме во убавините на Македонија, пишува премиерот Мицкоски на Фејсбук.
Македонија
Утре попладне дожд и грмежи

Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, утре во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Во понеделник се очекува на повеќе места да биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни со услови за невреме со пообилен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Како што информират од Управата за хидометеоролошки работи, во вторник ќе има услови за изолирана појава на нестабилност, а од среда ќе преовладува претежно стабилно време со постепен пораст на дневната температура.
Во Скопје, во понеделник времето ќе биде променливо облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Од УХМР апелираат во случај на појава на електрични празнења гражаните да бидат повнимателни, да не престојуваат на отворен простор и под осамени дрвја.