Македонија
Мицкоски на самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел: во фокусот понатамошната интеграција на регионот
Денеска премиерот Христијан Мицкоски ќе престојува во дводневна работна посета на Брисел.
Во рамки на посетата Мицкоски ќе оствари средба со високиот претставник/потпретседател на Европската Комисија, Каја Калас, средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез, како и средба со премиерот на Полска, Доналд Туск.
Воедно, во рамки на посетата претседателот на Владата Мицкоски заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани ќе присуствуваат на ЕУ Самитот на Западен Балкан во Брисел на кој за прв пат ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
На ЕУ Самитот ќе се разговара за понатамошната интеграција на регионот преку Планот за раст, како и за надворешни, безбедносни и миграциски прашања.
Исто така, претседателот на Владата Мицкоски ќе учествува на Самитот на Европската народна партија, информираат владините служби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР со детали за акцијата во Арачиново: пронајдено оружје
Утрово околу 01.30 часот од страна на полициски службеници од Единицата за брзо распоредување и Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје на локален пат од с.Орланци во правец кон с.Никуштак, во атарот на општина Арачиново, биле пронајдени еден пушкомитралез, девет автоматски пушки, повеќе празни рамки за автоматска пушка и реденик за пушкомитралез, две рамки за автоматска пушка со куршуми, една тегла со муниција, ранец и други предмети, соопшти МВР.
Пронајденото, како што појаснија надлежните, е предадено на вештачење во Одделот за форензички испитувања и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Тошковски свесно направи конфузија за Ковачевски – мора да се почитува пресумција на невиност, оценуваат од СДСМ
Сакам да изразам крајно разочарување од тоа каква конфузија се направи во јавноста во однос на екс премиерот Ковачевски кој беше осуден од јавноста и медиумите, додека во реалноста Јавното Обивинителство се уште нема оформено предмет. Според она што досега го дознавме од ЈО се уште нема постапка туку само кривична пријава која допрва ќе видиме дали е основана. Според ЈО станува збор за сосема друг период и друг случај кој очигледно е различен од овој на Груби и Бајрами. Тошковски со своите изјави очигледно намерно се обиде да го вметне и Ковачевски со Груби и Бајрами во истиот предмет. Тоа е она што го прави ВМРО-ДПМНЕ, политичко етикетирање преку институциите на прогонот, истакна на прес-конференција Мартин Костоски од СДСМ.
„Но ова не треба да не чуди затоа што ВМРО-ДПМНЕ подготвува терен за политички реаншизам од првиот ден. Се врши страшна партизација на клучните безбедносни и правосудни институции. За само шест месеци имаме целосно поклопување и преземање на АНБ, масовна партизација во полицијата и назначување на партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ во независниот граѓански надзор на комуникациите. Имаме поставување на судија во судскиот совет која е сопруга на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и уште еден кој е братучед на Изет Меџити. Ова јасно укажува дека ВМРО-ДПМНЕ со оваа партизација ќе води и партиски истраги и хајки против поранешни функционери“, оценува Костоски.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како што рече, јасно и принципиелно кажа дека ги поддржува сите независни и професионални истраги против било кои поранешни и сегашни функционери.
„Бараме надлежните институции да ги извршат своите обврски непристрасно и темелно, со што ќе се открие вистината. Потсетуваме дека секој функционер, без разлика на својата позиција или партиска припадност, има право на правична постапка и се смета за невин сè додека не се докаже спротивното. Секој обид за политизација или предвремена јавна осуда за лицата опфатени во истрагите ги поткопува принципите на правдата и одговорноста. Ги повикуваме сите засегнати страни, вклучително и медиумите, да го почитуваат истражниот процес и пресумпцијата на невиност“, истакна Костоски.
Македонија
Апликациите за субвенции се обработуваат со забрзана динамика се со цел земјоделците и сточарите да имаат доволно средства во ек на сезоната, велат од МЗШВ
Извршени се директни плаќања во износ од 32.732.971,00 денари за производен и продаден домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација за житни, фуражни, индустриски, градинарски култури. Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства запишани во Регистарот на снабдувачи на семенски материјал кои имаат производен и продаден семенски материјал во 2023 година или користен за сопствени потреби согласно Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија и имаат добиено сертификат за конечно сертифицирано семе, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Исплатени се 7.781.950,00 денари за производство на предосновен и основен семенски материјал за житни култури исто така се исплатени. Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства запишани во Регистарот на снабдувачи на семенски материјал кои имаат производен и продаден предосновен и основен семенски материјал за житни култури во 2023 година согласно Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија.
Апликациите за субвенции се обработуваат со забрзана динамика се со цел земјоделците и сточарите да имаат доволно средства во ек на сезоната и пред почетокот на сеидбата, додаваат од МЗШВ.