Свет
Ловец во САД загина кога застрелана мечка паднала врз него од дрво
Човек од Вирџинија настрадал откако мечка паднала врз него од дрво кога била застрелана од еден од неговите партнери во лов, јавува Асошиетед прес.
Инцидентот се случил на 9 декември во округот Луненбург, кој е помеѓу Ричмонд и Денвил, според соопштението на Одделот за диви животни во Вирџинија. Група ловци следеле мечка која се качила на дрво. Додека ловците се оддалечувале од дрвото, еден од нив ја застрелал мечката.
Животното паднало врз друг ловџија кој стоел на оддалеченост од околу 3 метри од стеблото. Жртвата е идентификувана како 58-годишниот Лестер Ц. Харви од Феникс, Вирџинија. Еден од ловците укажал прва помош пред Харви да биде однесен во болница, каде што починал на 13 декември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Генетски модифициран свински бубрег и даде нова шанса за живот на жена од Алабама
50-годишна жена од Алабама се чувствува подобро и повеќе не е на дијализа, откако во долга операција минатиот месец и беше трансплантиран генетски модифициран бубрег на свињи, соопшти денеска клиниката Лангон на Универзитетот во Њујорк.
Тована Луна еднаш ѝ донирала бубрег на својата мајка, но во 1999 година се соочила со откажување на преостанатиот бубрег по компликации за време на породувањето и поврзаниот висок крвен притисок.
Клиниката на NYU во соопштението наведе дека помалку од еден процент од донаторите на бубрези имаат проблеми со откажување на бубрезите и дека во такви случаи се ставаат на врвот на приоритетната листа за трансплантација.
Во 2016 година Луна мораше да започне со дијализа, а во 2017 година беше ставена на списокот за трансплантација, но беше невозможно да се најде соодветен донатор поради невообичаено високата пропорција на антитела во нејзината крв, пишуваат медиумите.
По осум години и со сè полоша крвна слика која повеќе не поддржува дијализа, американската ФДА одобри трансплантација на свински црн дроб со десет генетски модификации, која сè уште е во експериментална фаза, поради опасни по живот услови.
Седумчасовната хируршка интервенција беше трета во која свински бубрег беше пресаден во човечко тело, но Луна е единствениот жив човек со овој орган со десет модификации и единствениот жив човек со вграден свински орган, според написите.
Десетте генетски модификации вклучуваа отстранување на три имуногени и отстранување на рецепторот на свинскиот хормон за раст (GHR), како и додавање на шест човечки трансгени, за да се направи бубрегот покомпатибилен и да се намали можноста за отфрлање.
По единаесет дена болничко набљудување, Луна на 6 декември е пуштена дома во Њујорк, но ќе продолжи да доаѓа на редовни прегледи секој ден, се вели во соопштението.
Свет
Четири руски воени авиони полетаа во близина на Алјаска; САД: Подготвени сме да се браниме
Северноамериканската команда за воздушна одбрана (НОРАД) објави дека открила и следела четири руски воени авиони во идентификациската зона на воздушната одбрана на Алјаска (АДИЗ).
Руските авиони останаа во меѓународниот воздушен простор и не влегоа на суверена територија на САД или Канада, објави „Newsweek“.
„АДИЗ“ означува граница надвор од суверен воздушен простор во која сите авиони мора да бидат идентификувани за национална безбедност.
„NORAD“ соопшти дека користи повеќеслоен одбранбен систем кој вклучува сателити, радари од земја и воздух и борбени авиони за откривање и следење на активноста.
Организацијата нагласи дека е подготвена да преземе соодветни мерки за одбрана на Северна Америка, според медиумот.
Свет
Герасимов: Воено-политичката ситуација во светот се влоши поради желбата на Западот да доминира
Командантот на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација, Валериј Герасимов денеска оцени дека воено-политичката ситуација во светот се карактеризира со зголемен број на вооружени конфликти во различни региони, а клучната причина за ваквото влошување на ситуацијата е, како што тврди, желбата на Западот да ја задржи доминацијата.
„Ова придонесе за натамошен пад на регионалната и меѓународната безбедност“, рече тој на брифингот пред воените претставници на странските земји во Русија, пренесе агенцијата Тас.
Според Герасимов, главната причина за тоа е желбата на Западот, на чело со САД, да ја задржи својата глобална доминација. Како што додаде, тензиите во Европа растат бидејќи воената инфраструктура на НАТО се приближува до границите на Русија. Во исто време, Герасимов посочи дека предизвикување конфликти под покровителство на САД може да се види на Блискиот Исток, Европа и Африка. Како што истакна рускиот функционер, светот истовремено станува сè посвесен за потребата да се спротивстави на таквите западни политики.
Тој нагласи и дека учеството на колективниот Запад во конфронтацијата со Русија, преку конфликтот во Украина, создава глобални ризици. Според Герасимов, кога станува збор за моменталната ситуација во Украина, руската армија има иницијатива и напредува по целиот фронт и покрај тоа што Западот му дава огромна помош на Киев, пренесува Танјуг.
Како што истакна, околу 4,5 илјади квадратни километри украинска територија во 2024 година падна под контрола на Русија, а од почетокот на специјалната операција, украинската армија претрпе загуби од околу милион убиени и ранети. Зборувајќи за руската стратегија за нуклеарно одвраќање, Герасимов рече дека таа не се дефинира со меѓународни обврски, туку со потребата да се одврати агресорот, како и да се неутрализираат заканите од потенцијалниот непријател. Според него, САД сакаат да создадат нови, подеструктивни видови оружје и затоа се повлекле од меѓународните договори за контрола на оружјето.
Рускиот воен претставник додаде дека многу земји почнале да размислуваат како адекватно да одговорат на повлекувањето на Вашингтон од тие договори, сфаќајќи ја опасноста од таквите чекори на САД.
Герасимов се осврна и на развојот на руските вооружени сили, додавајќи дека бројот на нивните припадници е зголемен на 1,5 милиони, како и дека меѓу другото е формирана нова формација на Воздухопловните сили и дека формирањето на првиот полк опремен со противвоздушен ракетен систем „С“ е при крај.