Македонија
ЛДП: Преку измени на Законот за основното образование до вработување на неопределено време за сите образовни асистенти
Либерално-демократската партија (ЛДП) во наредниот период ќе предложи измени на Законот за основно образование со цел вработување на образовните асистенти за децата со попреченост на неопределено работно време.
Околу 1300 ученици со попреченост во земјата наставата во основното образование ја следат со поддршка од образовна асистенција. Затоа, Министерството за образование и наука секоја година, преку петте основни училишта со ресурсен центар, вработува околу 1000 образовни асистенити кои имаат завршено високо образовани од областа на педагошките науки. Овие образовни асистенти се вработуваат на определено време до крајот на училишната година, а пред почетокот на наредната училишна година се објавуваат нови огласи.
„Ваквиот начин на ангажирање на овој многу потребен кадар во училиштата предизвикува низа проблеми, како што се случи и оваа учебна година, кога децата со попреченост не беа во можност да ја започнат навремено училишната година поради прекинатите договори на образовните асистенти. Понатаму, во текот на училишната година често се случува некои од образовните асистенти да ја напуштат работата поради нерешен статус, што влијае негативно на децата, кои веќе се навикнале на својот асистент“, велат од ЛДП.
За трајно решавање на овој проблем, партијата најави дека ќе предложи амандман за измени на Членот 10 од Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование, со кој се дефинираат измените на член 19 став 7, кој ќе гласи „Образовните асистенти се вработуваат на определено или неопределене време во основните училишта со ресурсен центар. Средствата за образовните асистенти се обезбедуваат од Буџетот на Министерството“.
На овој начин, како што додаваат од партијата, ќе се овозможи образовните асистенти кои се истакнале во својата работа да се вработат на неопределено време, со што ќе се зголеми мотивацијата на истите и ќе се подобри квалитетот на услугите кои ги даваат, истовремено намалувајќи го оптоварувањето на основните училишта со ресурсен центар, кои секоја година во летниот период објавуваат огласи за вработување на повеќе од 200 образовни асистенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски со претставници на Европската Комисија: бара изнаоѓање на долгорочни решенија за превозниците
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со министерот за внатреши работи, Панче Тошковски и заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков, денеска одржаа конференциски состанок со претставници на Европската Комисија како и директорката на Директоратот за проширување, Валентина Суперти. Исто така на состанокот беа вклучени и ресорните министри за транспорт, внатрешни работи и евроинтеграции од земјите од Западен Блакан, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија.
На состанок се разговараше за надминување на проблемите со кои се соочуваат транспортерите во земјите на Шенген зоната како и изнаоѓање на долгорочни решенија за превозниците.
Николоски ја поздрави иницијативата на ЕК за надминување на проблемот и преку аргументирани факти го истакна ставот на Владата преку кој се бара соодветно решение за овие категории на работници поради потребата од извршување на работните обврски во рамки на земјите од Шенген зоната.
Во очекување на трајно решение, Николоски додаде дека е потребно Европската Комисија реално да го идентифицира проблемот со транспортниот сектор и непречениот транспортен тек и во најскоро време да импелментира соодветни мерки кои ќе обезбедат предвидливост и непречена работа на транспортните компании кои работат во меѓународниот патен сообраќај.
Претставниците на Европската Комисија ја потврдија новата визна стратегија на ЕУ во која превозниците се прифатени како професионалци и беше истакнато дека ја разгледуваат можноста оваа категорија на работници да биде третирана исто како и пилотите и машиновозачите.
На состанокот беше потврдено дека биометриската евиденција преку електронскиот систем за влез и излез од/во земјите од Шенген зоната, наместо од почетокот од април, се одложува до септември оваа година.
Во меѓувреме се формира работна група на експертско ниво која веќе следната недела треба да се состане и да ги материјализира заклучоците од денешниот состанок на високо ниво.
На состанокот ЕК ја потенцираа важноста на транспортниот сектор и влијанието врз целокупната економија и најавија целосна посветеност во изнаоѓање на трајно прифатливо решенија кое е во интерес на сите засегнати страни.
Исто така на состанокот беше потенцирано дека ова е многу важна тема за Европската Унија и во наредниот период ќе се продолжи комуникацијата меѓу сите засегнати страни.
Од министерството информираат дека Владата веќе изрази целосна подршка на превозниците и во насока на изнаоѓање на прифатливо решение за истите ги презема сите мерки што и стојат на располагање со цел да се овозможи непречена работа во рамки на меѓународниот патен сообраќај.
Македонија
Секој живот е приказна: Mozzart верна поддршка на кампањата за ретки болести
Февруари е месецот на ретките болести – месец во кој се потсетуваме дека секој живот е вреден и секоја приказна заслужува да биде слушната.
Годинава, кампањата „Запознајте ги ретките болести“ во организација на Здружението „Ретко е да си редок“ се реализира по осми пат. И повторно, зад неа стои поддршката на компанијата Mozzart, која со својата општествена одговорност покажува дека добрината не е ретка – туку секогаш присутна кога е најпотребна.

Претседателката на Здружението, Гордана Лолеска истакна: Вистинското партнерство се мери со годините на лојалност и подготвеноста да се подаде рака таму каде што е најпотребно. Упатуваме огромна благодарност до компанијата Mozzart што препознаа вредност во нашата кауза и што продолжуваат да бидат нашиот ветар во грб. Заедно, го правиме светот малку подобро место за оние на кои поддршката им е најнеопходна. Ви благодариме што не ги заборавате ретките“.

Првиот Ден на ретки болести беше одбележан во 2008 година, на 29 февруари – ден кој сам по себе е редок. Од тогаш, секоја година на последниот ден од февруари светот се обединува во поддршка и солидарност.
„Трета година сме со Здружението “Ретко е да си редок” и со кампањата “Запознајте ги ретките болести”. Успешната соработка, со радост ја продолжуваме и оваа година. Заедно ќе придонесеме да се слушне гласот на лицата со ретки болести и да се запознаат нивните приказни,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.

Она што навистина не е ретко – се добрите дела. Mozzart, препознатлив како компанија со најголема општествена одговорност, повторно ја докажува својата мисија: да подава рака, да помага и да биде таму каде што поддршката е најпотребна.
ПР
Македонија
Eвроинтеграцијата на Балканот e стратешка потреба за безбедноста на Европа, рече Давкова на средбата со претседателот на Естонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на учеството на Светскиот самит на Владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Република Естонија, Алар Карис, на којашто беа потврдени пријателските односи и естонската поддршка за македонските евроинтеграции.
Сиљановска-Давкова се заблагодари за активната улога на Естонија во групата „Пријатели на проширувањето“ и искажа интерес за јакнење на билатералната соработка со балтичката земја и склучување договори во областите од заемен интерес.
Претседателката нагласи дека остануваме целосно посветени на членството во ЕУ и стопроцентно усогласени со заедничката безбедносна и надворешна политика на Унијата. Таа го реафирмираше ставот дека евроинтеграцијата на Балканот e стратешка потреба за стабилноста и безбедноста на Европа.
На средбата, беше поздравена соработката во областа на дигитализацијата, реализирана во партнерство со Центарот за меѓународен развој на Естонија, соработката со Балтичкиот колеџ за одбрана во Тарту, како и со Центарот за сајбер одбрана на НАТО во Талин.
Укажувајќи дека постојат неискористени потенцијали во економијата, Сиљановска-Давкова изрази очекување за развој на нови заеднички проекти и поголемо присуство на естонските инвеститори во земјава.
Соговорниците разменија мислења за актуелните глобални предизвици.

