Свет
Луксузните хотели на Флорида потонале од 2 до 8 сантиметри во земјата, покажува студија
Повеќе од 30 луксузни хотели и висококатници по должината на плажите на јужна Флорида тонат на неочекуван начин, покажува новото истражување.
Научниците од Универзитетот во Мајами изјавија дека 35 структури по должина од 20 километри, од Мајами Бич до Сани Ајлс Бич, потонале за два до осум сантиметри. Според студијата, околу половина од тие објекти се стари помалку од една деценија, а во некои случаи потонувањето може да биде поврзано со изградбата во близина.
Не е невообичаено зградите да потонат малку набргу по изградбата, но научниците беа изненадени од нивното откритие бидејќи некои од промените се случија само неколку години по изградбата.
„Откривањето на обемот на жариштата на потонување по должината на јужниот брег на Флорида беше неочекувано“, рече Фарзане Азиз Занјани, главен автор на студијата.
„Студијата ја нагласува потребата за тековно следење и подлабоко разбирање на долгорочните импликации за овие структури“, додаде тој.
Студијата го вклучила и градот Сурфсајд, каде што се урна зграда во 2021 година, при што загинаа 98 луѓе. Се верува дека колапсот е предизвикан од пропаѓањето армиран бетон поради лошо одржување и неисправен дизајн.
Тој инцидент ја истакна потребата за следење на стабилноста, „особено во крајбрежните области со корозивни еколошки услови“, велат научниците. До придвижување може да дојде поради тежината на облакодерите и вибрациите. Струите на плимата исто така играат улога.
Сателитските снимки што се користат за снимање на промените покажуваат дека тонењето е најзабележливо во близина на зградите на Сани Ајлс Бич. Прелиминарните податоци укажуваат и на тонење по плажите на окрузите Бровард и Палм Бич, кои се посеверно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Генетски модифициран свински бубрег и даде нова шанса за живот на жена од Алабама
50-годишна жена од Алабама се чувствува подобро и повеќе не е на дијализа, откако во долга операција минатиот месец и беше трансплантиран генетски модифициран бубрег на свињи, соопшти денеска клиниката Лангон на Универзитетот во Њујорк.
Тована Луна еднаш ѝ донирала бубрег на својата мајка, но во 1999 година се соочила со откажување на преостанатиот бубрег по компликации за време на породувањето и поврзаниот висок крвен притисок.
Клиниката на NYU во соопштението наведе дека помалку од еден процент од донаторите на бубрези имаат проблеми со откажување на бубрезите и дека во такви случаи се ставаат на врвот на приоритетната листа за трансплантација.
Во 2016 година Луна мораше да започне со дијализа, а во 2017 година беше ставена на списокот за трансплантација, но беше невозможно да се најде соодветен донатор поради невообичаено високата пропорција на антитела во нејзината крв, пишуваат медиумите.
По осум години и со сè полоша крвна слика која повеќе не поддржува дијализа, американската ФДА одобри трансплантација на свински црн дроб со десет генетски модификации, која сè уште е во експериментална фаза, поради опасни по живот услови.
Седумчасовната хируршка интервенција беше трета во која свински бубрег беше пресаден во човечко тело, но Луна е единствениот жив човек со овој орган со десет модификации и единствениот жив човек со вграден свински орган, според написите.
Десетте генетски модификации вклучуваа отстранување на три имуногени и отстранување на рецепторот на свинскиот хормон за раст (GHR), како и додавање на шест човечки трансгени, за да се направи бубрегот покомпатибилен и да се намали можноста за отфрлање.
По единаесет дена болничко набљудување, Луна на 6 декември е пуштена дома во Њујорк, но ќе продолжи да доаѓа на редовни прегледи секој ден, се вели во соопштението.
Свет
Четири руски воени авиони полетаа во близина на Алјаска; САД: Подготвени сме да се браниме
Северноамериканската команда за воздушна одбрана (НОРАД) објави дека открила и следела четири руски воени авиони во идентификациската зона на воздушната одбрана на Алјаска (АДИЗ).
Руските авиони останаа во меѓународниот воздушен простор и не влегоа на суверена територија на САД или Канада, објави „Newsweek“.
„АДИЗ“ означува граница надвор од суверен воздушен простор во која сите авиони мора да бидат идентификувани за национална безбедност.
„NORAD“ соопшти дека користи повеќеслоен одбранбен систем кој вклучува сателити, радари од земја и воздух и борбени авиони за откривање и следење на активноста.
Организацијата нагласи дека е подготвена да преземе соодветни мерки за одбрана на Северна Америка, според медиумот.
Свет
Герасимов: Воено-политичката ситуација во светот се влоши поради желбата на Западот да доминира
Командантот на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација, Валериј Герасимов денеска оцени дека воено-политичката ситуација во светот се карактеризира со зголемен број на вооружени конфликти во различни региони, а клучната причина за ваквото влошување на ситуацијата е, како што тврди, желбата на Западот да ја задржи доминацијата.
„Ова придонесе за натамошен пад на регионалната и меѓународната безбедност“, рече тој на брифингот пред воените претставници на странските земји во Русија, пренесе агенцијата Тас.
Според Герасимов, главната причина за тоа е желбата на Западот, на чело со САД, да ја задржи својата глобална доминација. Како што додаде, тензиите во Европа растат бидејќи воената инфраструктура на НАТО се приближува до границите на Русија. Во исто време, Герасимов посочи дека предизвикување конфликти под покровителство на САД може да се види на Блискиот Исток, Европа и Африка. Како што истакна рускиот функционер, светот истовремено станува сè посвесен за потребата да се спротивстави на таквите западни политики.
Тој нагласи и дека учеството на колективниот Запад во конфронтацијата со Русија, преку конфликтот во Украина, создава глобални ризици. Според Герасимов, кога станува збор за моменталната ситуација во Украина, руската армија има иницијатива и напредува по целиот фронт и покрај тоа што Западот му дава огромна помош на Киев, пренесува Танјуг.
Како што истакна, околу 4,5 илјади квадратни километри украинска територија во 2024 година падна под контрола на Русија, а од почетокот на специјалната операција, украинската армија претрпе загуби од околу милион убиени и ранети. Зборувајќи за руската стратегија за нуклеарно одвраќање, Герасимов рече дека таа не се дефинира со меѓународни обврски, туку со потребата да се одврати агресорот, како и да се неутрализираат заканите од потенцијалниот непријател. Според него, САД сакаат да создадат нови, подеструктивни видови оружје и затоа се повлекле од меѓународните договори за контрола на оружјето.
Рускиот воен претставник додаде дека многу земји почнале да размислуваат како адекватно да одговорат на повлекувањето на Вашингтон од тие договори, сфаќајќи ја опасноста од таквите чекори на САД.
Герасимов се осврна и на развојот на руските вооружени сили, додавајќи дека бројот на нивните припадници е зголемен на 1,5 милиони, како и дека меѓу другото е формирана нова формација на Воздухопловните сили и дека формирањето на првиот полк опремен со противвоздушен ракетен систем „С“ е при крај.