Македонија
(Видео) Дали бегството на Артан Груби е договорено меѓу ДПМНЕ и ДУИ, прашува Костоски
Деновиве сме сведоци на нов случај поврзан со непречено бегство на лица преку северната граница со Косово и целосно потфрлање на МВР и министерот Тошковски. Денес СДСМ ќе открие детали од бегството на Артан Груби за кои Тошковски и МВР не ја информираат јавноста, кажа на прес-конференција Мартин Костоски.
Според него, Министерството за внатрешни работи ќе мора да даде јасен одговор: како е можно Артан Груби да избега на Косово само еден ден пред акцијата, односно самиот ден на акцијата.
„Според информации со кои располагаме и ги добивме од свиркачи, МВР имала поставено полициска контрола на кружниот тек пред Блаце на денот кога Груби ја напуштил државата. Контролата била таму најмалку три дена пред настанот. Ова јасно укажува дека тие се сомневале дека може да избега. Но според нашите информации, самата полициска контрола, мобилната единица на МВР, не знаеле кого треба да очекува или кога треба да стопира. Тие добиле информација дури откако Груби ја напуштил државата“, вели тој.
Ова, како што оценува, јасно потврдува две можни сценарија: Или биле целосно неспособни да го спречат, или пак второ и поверојатно, намерно не го спречиле.
Костоски праѓува дали Тошковски ќе каже искрено, која е причината што Груби дента кога требало да се обелодени истрагата слободно си ја напушта земјата а акцијата на МВР за негово спречување е целосно неуспешна.
„Кој ќе одговара за тоа ако Груби не се врати во земјата?
Дали МВР сега ќе преземе мерки против оние кои му помогнале во бегството, оние кои потфрлиле во обидот да го спречат во рамки на МВР и дали ќе бидат истражени сите околности под кои обвинетите го напуштиле државниот терен?
Дали ова е уште еден случај ист како оној летото кога со потерница баран меѓународен терорист слободно ја напушти државата во организација и со поддршка на структури на МВР“.
Според него, премногу пропусти се случиле и премногу индикации има дека зад овој случај има нешто друго, односно политички договор.
„Дали ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за овој случај се договорени и дали ова можеби не е цената за поддршката што ДУИ им ја даваше на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието? Дали е ова дел од сите очигледно договорени сценарија меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за постојано јавно напаѓање и фиктивна дестабилизација, состојба која политички им одговара на двете партии? Го прашуваме Тошковски, до кога северната граница со Косово ќе биде злоупотребувана? Се потврдуваат сомнежите на СДСМ уште од ова лето кога јасно укажавме за се’ што се случува на македонско-косовската граница“.
СДСМ, додава Костоски и тогаш се сомневаше на политички договори кои сега ги гледаме на дело. Јавноста очекува одговори.
СДСМ останува доследен во ставот дека секој кој прекршил закон мора да одговара. Ги охрабруваме истражните органи да работат пофесионално транспарентно и за секој кој ќе докаже дека се огрешил да одговара пред законот, нагласува Костоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На предлог на Филипче, оставки поднесе раководството и сите членови на Извршниот одбор во СДСМ
На денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, на предлог на претседателот Венко Филипче, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари, како и сите членови на Извршниот одбор поднесоа оставки.
Оставките се поднесени до Централниот одбор на партијата и до претседателот Филипче, кој го води процесот на внатрешни реформи во СДСМ.
„Со овој одговорен и морален чекор раководството на СДСМ отвори простор за ново поглавје. Следува период на кадровско освежување и зајакнување, вклучување и на нови лица, организациска поставеност, внатрешна мобилизација, за нова сила и нова енергија на СДСМ“, велат од партијата
На една од наредните седници на Централниот одбор, претседателот Филипче ќе предложи избор за членови за органите на партијата а за функциите, како што велат од СДСМ, ќе се бираат најкомпетентни личности.
Македонија
Полицијата од Охрид учествуваше на вежба за авион со запален мотор на охридскиот аеродром
Полициски службеници од СВР Охрид и граничната полиција при Регионалниот центар „Запад“ денеска учествуваа на симулирана показна вежба „Воздухоплов со запален мотор на полетување“, која се одржа на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Полициските службеници ги вежбаа и ги спроведоа предвидените мерки согласно безбедносните протоколи и постапија по планот за реакција и поддршка при безбедносни инциденти на воздухоплов. Целта на вежбата беше подигнување на степенот на оперативност и ефикасност на сите служби, ажурирање на координативните мерки и унапредување на меѓусебната комуникација во услови на авионски инцидент.
Во вежбата учество зедоа ТАВ „Аеродром“ – Охрид, АКЛ, противпожарни екипи од ТАВ и ТППЕ Охрид и Струга, медицински тимови од ТАВ, амбулантите во Охрид и Струга и Црвениот Крст.
Вежбата заврши успешно, со покажана висока ефективност во реализацијата на предвидените безбедносни мерки, велат од СВР Охрид.
Македонија
Карпош: Советот ја продолжи суспензијата на дел од ДУП за Градска четврт З 08 за уште шест месеци
Советниците од Карпош едногласно ја поддржаа Одлуката за продолжување на суспензијата на одредени делови од Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Станува збор за градежните парцели 1.39, 1.48, 1.49, 1.53 и 2.1 од гореспоменатиот ДУП, кои се наоѓаат на потегот меѓу бул. Илинден, ул. Франклин Рузвелт, бул. Партизански Одреди и бул. 8-ми Септември.
На овој начин всушност продолжува времетраењето на суспензијата, но не подолго од шест месеци од денот на стапување на сила на оваа Одлука. Во случајов, продолжувањето на суспензијата се врши бидејќи не е завршена постапката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Како што е прецизирано во Член 4, оваа Одлука престанува да важи по истекот на шест месеци од денот кога започнала да се применува, освен ако претходно не биде донесен изменетиот и дополнетиот Детален урбанистички план.
Советниците од Карпош постигнаа консензус околу Предлог – Решенијата за именување, поточно за верификација на членови од Советот за формирање на Комисите за доделување на еднократна парична помош и за доделување на финансиска поддршка на проекти од областа на детска, социјална и здравствена заштита за 2025 година. Со истата динамика беше изгласано Предлог – Решението за именување и верификација на членови на општинскиот Совет, во Комисијатаод областа на образованието за 2025 година.
Советот даде „зелено светло“ и за двете Предлог – Одлуки со кои основните училишта „Владо Тасевски“ и „Војдан Чернодрински“ ќе прифатат движни ствари на трајно користење без надомест, кои им ги доделува Министерството за образование и наука. Имено, двете основни училишта од Карпош ќе добијат на користење интернет поставки (инсталации), кои ќе бидат искористени за нивните потреби. Со одлука на Советот, поддршка доби и Одлуката за прифаќање донација од Трговско друштво за проектирање, инженеринг и консалтинг ПРИМА ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ – Скопје. Донацијата е во вид на изработка на Елаборат за отстранување на постојна градба – (Детската градинка „Пролет 2“ во населбата Козле), а висината на донацијата изнесува 30.000 денари.
Советниците ја поништија Одлуката за давање согласност за учество на Општина Карпош во проектот „Oпштините како двигатели за одржливиот развој“ на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

