Економија
НБРМ: Водењето внимателни макроекономски политики ќе биде приоритет и во иднина
Вчера се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше оценето дека најновите услови во економијата овозможуваат да се продолжи со постепеното нормализирање на поставеноста на монетарната политика. Оттука, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 п.п., на нивото од 5,55%. На седницата беше донесена одлука за намалување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
Со ваквата промена на каматните стапки се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, што е условено од натамошното присуство на ризиците поврзани со надворешното окружување, но и со домашните фактори коишто влијаат врз агрегатната побарувачка. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, се истакнува во соопштението.
Одлуката за монетарната политика е заснована на оцените за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар. Годишната стапка на инфлација очекувано забрза во ноември и изнесува 4,3% (3,5% во октомври), заради цените на храната. Ова во голем дел се објаснува со пониската споредбена основа од истиот период минатата година, заради мерките преземени тогаш за привремено ограничување на растот на цените. Притоа, базичната инфлација бележи забавување на годишна основа, а има и натамошен пад на цените кај енергетската компонента. Ефектите од споредбената основа кај цените на храната ќе имаат продолжено влијание, односно до крајот на годината се очекува задржување на годишната стапка на инфлација близу до минатомесечното ниво. И покрај ваквите движења, во просек за целата 2024 година се очекува дека инфлацијата ќе изнесува 3,5%, односно во рамките на проектираната стапка, според октомврискиот циклус проекции. Во анкетите на ЕК за очекувањата на потрошувачите и натаму преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на берзанските цени на примарните производи, според најновите прогнози тие се ревидирани надолу, во согласност со намалената глобална побарувачка.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на ноември изнесува 4.920 милиони евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во согласност со поволните движења на девизниот пазар, Народната банка од почетокот на годината интервенира со нето-откуп на девизи, што придонесе и за подобри остварувања кај девизните резерви од очекувањата. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во октомври 2024 година засега е понизок во споредба со очекувањата за четвртиот квартал од октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со крајот на ноември се во согласност со проектираните нето-приливи од приватните трансфери. Остварениот суфицит во тековната сметка на билансот на плаќања во третиот квартал од 2024 година е речиси на нивото од октомвриската проекција, при остварени нето-финансиски одливи во согласност со очекуваните.
Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), како фактор којшто Народната банка исто така го има предвид, на последната седница во декември по четврти пат оваа година беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за 0,25 п.п.
Економскиот раст во третиот квартал на 2024 година умерено забрза и достигна 3%, што е блиску до проекциите на Народната банка. Растот остварен во првите три квартали од годината изнесува 2,6% и е малку повисок од очекуваниот, при нагорни ревизии во податоците за првата половина на годината. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот и динамиката на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст и движењата засега се подобри од очекувањата за последниот квартал од годината.
Општо земено, најновите остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека, создадоа простор за натамошно нормализирање на монетарната политика. Ризиците поврзани со надворешното окружување и понатаму постојат, а со внимателност се следат и потенцијалните ризици од домашните фактори коишто би можеле да влијаат на побарувачката и на цените во следниот период. Оттука, водењето внимателни макроекономски политики ќе биде приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

