Економија
Дурмиши: Исплатена финансиската поддршка за малите и средните претпријатија и занаетчиите

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска ги додели решенијата за субвенции за мали и средни претпријатија и занаетчии врз основа на објавените јавни повици по мерките од Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и средните претпријатија за 2024 година.
„Еден од приоритетите на Министерството за економија и труд е развојот и поддршката на микро, малите и средни претпријатија и занаетчии, па во таа насока континуирано се планираат и реализираат мерки со кои се потпомага нивниот раст и се подобрува нивната конкурентност. И оваа година, Министерството за економија и труд, во рамки на програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и средните претпријатија за 2024 реализираше две мерки. Едната се однесуваше за финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија во вкупен износ од 57.000.000 денари, и за субвенционирање на трошоци на занаетчии во вкупен износ од 6.500.000 денари.
За реализација на овие мерки Министерството за економија и труд објави јавни повици во кои беа дефинирани условите за учество и потребните документи за аплицирање“ кажа Дурмиши.
Предмет на јавниот повик беше субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија кои вработуваат најмалку две лица, преку кофинансирање на 40% од докажаните трошоци, настанати во текот на 2023 и 2024 година а направени за набавка на нови машини, но не повеќе од 350.000 денари по барател.
За претпријатијата во сопственост и управувани од жена имаше олеснителен критериум, односно да вработува најмалку едно лице при што вработеното лице треба да биде сопственик (над 50%) и управител на претпријатието.
Заклучно со 01.11.2024 година пристигнати се вкупно 222 барања од кои 190 се одобрени, 31 се одбиени пооради неисполнување на условите од јавниот повик и 1 барател побара запирање на постапката. Предвидените средства за оваа мерка од 57.000.000 денари, во целост се реализирани.
„Со цел придонесување кон рамномерен регионален развој, при распределбата на средствата, покрај утврдениот износ за кофинансирање на докажаните трошоци направени за набавка на нови машини,за секој барател се утврди и дополнителна финансиска поддршка во зависност од планскиот регион од каде е седиштето на барателот. Истовремено сакам да напоменам дека поединечниот износ на средства за кофинансирање на секој апликант кој ги исполни условите од овој јавен повик, беше процентуално рамномерно намален за 12.6%, бидејќи вкупно одобрениот износ на средства за субвенционирање на сите баратели кои ги исполнуваат предвидените услови во Јавниот повик го надмина планираниот износ на средства од 57.000.000 денари за реализација на оваа мерка“ појасни Дурмиши.
Предмет на јавниот повик беше субвенционирање на занаетчии и вршители на занаетчиска дејност преку кофинансирање на 40% од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари по барател, направени во текот на 2023 и 2024 година зa:
– набавка на нови машини и/или алати и
– дизајн на нов производ
Заклучно со 01.11.2024 година, до Министерството за економија и труд пристигнаa вкупно 43 барања, од кои 37 се одобрени а 6 се одбиени поради неисполнување на условите од јавниот повик.
И за оваа мерка, при распределбата на средствата, покрај утврдениот износ за кофинансирање на докажаните трошоци за предвидените намени, за секој барател се утврди и дополнителна финансиска поддршка во зависност од планскиот регион од каде е седиштето на барателот.
„Имајќи ги во предвид потребите на МСП и занаетчиите Министерството за економија и труд и во иднина ќе продолжи со реализација на мерки и активности за поддршка на нивниот развој и подобрување на нивната конкурентност“ кажа Дурмиши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Соработка за економски напредок“: средба меѓу гувернерот на Народната банка и претседателот на Стопанската комора

Во духот на заедничката определба за поттикнување на економскиот развој и за зајакнување на институционалната соработка, во Народната банка денес се одржа средба меѓу гувернерот Трајко Славески и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.
На средбата беше нагласена важноста на постојаниот дијалог помеѓу носителите на економската политика и бизнис-заедницата, особено во контекст на актуелните светски и регионални економски предизвици. Претседателот Азески истакна дека Комората е подготвена за понатамошна активна соработка со Народната банка, изразувајќи поддршка за професионалноста и кредибилитетот што гувернерот Славески ги носи на оваа позиција, известува Народната банка.
Во разговорот беа отворени теми поврзани со монетарната политика, финансиската стабилност, пристапот до финансии за стопанството, како и улогата на Народната банка во создавањето поволно деловно опкружување. Двете страни се согласија дека со заемна отвореност и координација може да се придонесе за поефикасно исполнување на стратегиските економски цели на земјата.
Гувернерот Славески ја истакна заложбата на Народната банка за транспарентност, предвидливост и поддршка на стабилноста, како предуслов за одржлив раст. Тој упати благодарност за поддршката и изрази задоволство од иницијативите на Комората за продлабочување на комуникацијата со институциите од финансискиот сектор.
Средбата заврши во конструктивен дух, со договор за засилување на соработката преку редовни консултации и размена на анализи и мислења од заеднички интерес, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Се зголемува цената на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,93 % во однос на одлуката од 2.06.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,833%, кај дизелот за 3,057%, кај екстра лесното масло за 3,388% и кај мазутот зголемувањето е за 3,088%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,5243%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,624 ден/кг и сега ќе изнесува 38,486 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 10.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
Објавени повици за самовработување, за млади до 29 години грант до 10.000 евра, а за невработени над 29 години грант до 7.000 евра

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Селајдин Белули, денеска официјално го објавија отворањето на јавниот повик за Мерка 1.1 и Мерката 1.2 во рамки на Оперативниот план за вработување за 2025 година, кои имаат за цел поддршка на самовработувањето на невработените граѓани регистрирани во Агенцијата за вработување.
Мерката 1.1 е наменета за лица над 29 години и обезбедува финансиска поддршка од 430.500 денари односно 7.000 евра за основање на нов бизнис, а Мерката 1.2 се однесува за млади до 29 години, кои имаат можност да добијат поддршка до 615.000 денари или 10.000 евра за основање сопствен бизнис.
Двете мерки, исто така, вклучуваат обука за претприемништво, подготовка на бизнис план и менторство за 6-месечен период за целните групи, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, припадниците на ромската заедница и жените од руралните средини.
„Овие мерки не се само финансиска помош, туку се директна инвестиција во потенцијалот на граѓаните и во развојот на локалната економија“, истакна министерот Дурмиши на прес-конференцијата.