Македонија
Мисајловски од годишниот брифинг на одбранбените аташеи: И во 2025 година продолжуваме со инвестициите и вложувањето во одбраната
Денеска во Регионалниот центар за односи со јавноста во Касарната „Гоце Делчев“ во Скопје се одржа редовниот годишен брифинг со одбранбени аташеа на кој се обратија министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и доајенот на Асоцијацијата на одбранбени аташеи, хрватското одбранбено аташе полковник Стјепан Домјанчиќ.
Мисајловски во своето обраќање потенцираше дека денешниот брифинг како и средбите кои се реализираат со одбранбените аташеи е јасен доказ за нашата посветеност на билатералната и мултилатералната одбранбена политика и соработка.
„И мојата татковина, и државите кои ги претставувате се дел од еден глобален меѓународен поредок кој може да функционира и да ја гарантира безбедноста на своите граѓани само ако соработуваме искрено и посветено и ако имаме една цел пред нас – а, тоа е мирот, стабилноста и демократијата“, рече Мисајловски.
Се осврна и на идниот развој за одбраната и Армијата и одбранбениот буџет од кој 32 проценти се наменети за модернизација и опремување.
„Споредено со 2024 година тоа се над 18 милиони евра повеќе за нова и модерна опрема, за посилна Армија, за посилна колективна одбрана во НАТО – Алијансата. Тоа е уште еден неоспорен доказ дека нашата држава е активен и посветен сојузник“, истакна Мисајловски.
Трите развојни приоритети во одбраната – стабилното буџетирање, засилувањето на процесот на модернизација и целосното почитување на правата и обврските кон вработените, успешно се реализирани, рече Мисајловски и додаде дека на ист начин ќе продолжиме да работиме и следната година.
Генералот Лафчиски упати благодарност до одбранбените аташеи за помошта во градењето и модернизацијата на одбранбените капацитети преку билатералната соработка, но и преку многубројните вежбовни активности. „Следната 2025 година оваа поддршка, оваа соработка и со вас, меѓутоа онаа поддршка која ќе ја добиеме од Министерството и од Владата ќе биде уште повеќе изразена“, потенцираше тој.
Полковникот Стјепан Домјанчиќ упати благодарност до раководството во Министерството и Генералштабот за можноста од прва рака да се слушнат пораките за развојот на одбранбениот сектор и нагласи дека земјава е препознаена и ценета членка во НАТО и дека македонската надворешна политика е целосно усогласена со надворешната и безбедносна политика на Европската Унија.
На брифингот со одбранбените аташеа се дава целосен осврт на меѓусебната соработка во годината што изминува, а се разговара и за чекорите кои ќе се превземат следната, 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Иницијатива на Лајка: „Биди мојот Валентајн за еден ден” – прошетка и љубов за бездомни кучиња
Во месецот посветен на љубовта, ЈП Лајка започнува посебна иницијатива за љубителите на животни – „Биди мојот Валентајн за еден ден”. Со оваа акција, јавноста има можност да подари љубов и внимание на бездомни кучиња кои со месеци, а некои и со години, не излегле надвор од ѕидовите на прифатилиштето, известуваат од Лајка.

„Иницијативата им овозможува на граѓаните да изберат куче и да поминат еден цел ден со него надвор од прифатилиштето – на прошетка, во парк, на кафе, или дури и во локален пет-шоп. Целта е да им се овозможи на кучињата социјализација, збогатување на денот и да се покаже колку љубов може да направи разлика, дури и за само еден ден.
Со оваа иницијатива сакаме да ја покажеме убавината на социјализацијата и да создадеме емотивни врски помеѓу луѓето и нашите кучиња. Секое куче заслужува своја мала радост и да почувствува љубов.

Сите заинтересирани можат да се пријават на нашите телефонски броеви или преку нашите социјални мрежи.
Иницијативата е отворена за сите над 18 години, а учесниците ќе добијат инструкции за безбедно дружење со кучињата“, соопштуваат од Лајка.
Македонија
СДСМ бара украденото да се врати кај народот
Опозициската СДСМ обвини дека власта спроведува, како што наведуваат, грабеж преку криминални тендери, во време кога во државниот буџет недостасуваат две милијарди евра.
Од партијата посочуваат дека 161 тендер биле доделени на една фирма, 51 тендер на, како што велат, омилената фирма на ВМРО-ДПМНЕ преку општините, девет милиони евра на фирма со двајца вработени, како и 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта на Северна Македонија.
Според СДСМ, станува збор за милионски суми и голем број тендери кои, како што тврдат, завршуваат кај исти фирми.
„Украденото мора да се врати кај народот“, наведуваат од партијата, додавајќи дека за тоа да се случи мора да има одговорност за криминалните тендери.
Од СДСМ сметаат дека одговорноста треба да започне од, како што ја нарекуваат, тендер коалицијата ВМРО–ЗНАМ и дека нема борба против криминалот и корупцијата без одговорност на врвот на власта.
Во соопштението се наведува дека наместо празни зборови за промоција, премиерот Христијан Мицкоски треба да ги повика обвинителите и судиите кои ги поставува и постапките да започнат од 161 тендер, потоа од 51 тендер и од тендерот во Поштата.
Македонија
(Фото) „Водовод“ отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, известува, дека со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници, отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров. По тој повод, директорот на претпријатието, Иван Митровски, изврши увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

„Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите.

Наплатниот пункт е лоциран во постоечкиот објект на ЈП Водовод и канализација -Скопје, на улица Ѓорче Петров, до Тинекс маркетот, и ќе работи секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот“, соопшти „Водовод“.

Од таму информираат дека наплатниот пункт во Сарај е затворен.

