Македонија
Лимани: Граѓанските организации – даватели на социјални услуги се наш партнер во обезбедувањето на благосостојба на граѓаните
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска се сретна со претставници на неколку граѓански организации- даватели на социјални услуги. На средбата се разговараше за заедничките заложби и цели на кои работат двете страни, а тоа е обезбедување на благосостојба на граѓаните, корисници на услугите.
Соговорниците разговараа за резултатите на социјалната реформа, со акцент на деинституционализацијата и социјалните услуги, кои претставуваат одличен пример во регионот за тоа како системот на социјална заштита е во корист на корисниците на услуги.
Од страна на Министерството, беше посочено дека со почетокот на 2025 година предвидена е ревизија на Законот за социјална заштита, уредување на подзаконските акти и мониторинг евалуација на социјалните услуги.
Како и дека, наскоро ќе биде објавен и нов јавен повик за изразување интерес на општините за воспоставување и проширување на социјалните услуги и зголемување на бројот на корисници.
Соговорниците се согласија во заедничките цели – јакнење на системот на социјална заштита, а тоа најдобро се прави преку зајакнување на социјалните услуги преку кои корисниците се подготвуваат за живеење со поддршка и нивно вклучување на пазарот на труд, како активни чинители во општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Екстремно загаден воздух вечерва во повеќе македонски градови
Екстремни нивоа на загаденост на воздухот вечерва се измерени во повеќе македонски градови. Според податоците од мерните станици на Министерството за животна средина, најкритична е состојбата во Кавадарци, каде се измерени над 500 микрограми ПМ10-честички на метар кубен, што е осумпати повисоко од дозволеното и спаѓа во загаденост која претставува директна опасност по здравјето. Концентрацијата на ПМ2.5 честички во Кавадарци вечерва е 12 и пол пати повисока од дозволената (313 микрограми на метар кубен).
Алармантна загаденост вечерва е измерена и во Охрид (205 микрограми ПМ10-честички на метар кубен), Струмица (220 микрограми), Скопје-Ново Лисиче (218), Скопје-Ректорат (192).
Со почетокот на грејната сезона, загаденоста на воздухот очигледно е зголемена, особено во градот Скопје, кој е меѓу градовите со најголемо загадување во светот.
Македонија
Меџити: Борбата против аерозагадувањето ќе се води преку „Планската програма за чист воздух 2024-2030“
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање г. Изет Меџити денеска учествуваше на конференцијата за чист воздух организирана од Светска банка во рамки на Регионалната програма за техничка поддршка за квалитетот на воздухот, каде што беше презентиран ‘Институционалниот и функционалниот преглед за управувањето со квалитетот на воздухот во Северна Македонија’.
Меџити, во присуство на менаџерот на Светска банка за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи, изрази благодарност за тимот експерти кои го идентификуваа подобрувањето на квалитетот на воздухот како стратешка цел во Рамката за партнерство на Светска банка со Северна Македонија за периодот 2024 година. – 2030 година.
Во својот говор, Меџити рече дека се идентификувани изворите и причините за сериозни проблеми со квалитетот на воздухот, иако тие може да варираат во и меѓу градовите.
“Со оглед на тоа што најголемиот дел од домаќинствата во земјава сè уште користат дрво како примарен извор на греење, тоа предизвикува сериозни проблеми со квалитетот на воздухот во зимскиот период, особено во густо населените станбени места. Сообраќајот на патиштата е извор на загадување на воздухот во урбаните средини, додека производството на енергија и индустријата имаат локално влијание врз квалитетот на воздухот, особено во близина на индустриски инсталации кои немаат современи системи за намалување на емисиите”, рече Меџити.
Нашата земја, додаде министерот Меџити, презема активности за подобрување на квалитетот на воздухот преку спроведување на краткорочни превентивни мерки кои веќе стапија на сила во оваа грејна сезона на национално ниво, како и од други надлежни институции, што покажува дека се трудиме да целосно одговараме на оваа обврска за подобрување на квалитетот на воздухот во нашата секојдневна работа.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити рече дека борбата против аерозагадувањето ќе се води преку „Планската програма за чист воздух 2024-2030“, стратешки документ во кој се идентификувани главните причини и мерките што мора да се преземат на среднорочни и долгорочни периоди за подобрување на ситуацијата.
Македонија
ВЛЕН: Блерим Беџети уште еднаш ја демонстрира неспособноста на ДУИ да се дистанцира од своето криминално минато
Блерим Беџети уште еднаш ја демонстрира неспособноста на ДУИ да се дистанцира од своето криминално минато. Настапот на Блерим Беџети е доказ дека ДУИ останува партија која ја водат криминални интереси. Наместо да понуди нова визија за опозицијата, Беџети продолжува со старите и компромитирачки политики, велат од ВЛЕН.
„Блерим Беџети, како наследник на политиката „а ла Артан“, го користи истиот реторички речник што го доведе ДУИ до меѓународна изолација. Наместо да покаже одговорност и да понуди конструктивни решенија, тој игра со опасни алузии кон криминални групи, што е неодговорно и неприфатливо.
Не треба да се заборави неговата лична историја. Беџети беше уапсен за време на средба со криминални кругови поврзани со незаконски активности, беше соработник и чувар на тефтерчињата на Никола Груевски и Сашо Мијалков.
Јавноста заслужува одговори за веќе јавно познатата трета телеграма на Никола Груевски, пратена од Будимпешта, која наводно, била адресирана и се однесувала токму на Блерим Беџети.
Прашањето што треба да го одговори Блерим Беџети е: што му должат на Груевски тој самиот, Али Ахмети, Бујар Османи и Талат Џафери? Без одговор на ова прашање на сите ни е јасна дилемата за сериозните сомнежи за нивните меѓусебни односи и улогата на ДУИ во мрачните политички и криминални игри од минатото.
Денес, наместо да ја искористи шансата за политичка трансформација, тој продолжува со истите практики, кои го уништија кредибилитетот на ДУИ. За ВЛЕН, ваквиот пристап е штетен за политичката сцена и општеството. Опозицијата треба да биде пример за транспарентност, морал и конструктивност, а не повторување на истите грешки што ја доведоа власта на ДУИ до крајот“, велат од ВЛЕН.