Скопје
Дел од село Кучково денеска без струја
Поради планирани технички интервенции во електро дистрибутивната мрежа денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат следните корисници:
– Во период од 09 до 14 часот дел од село Кучково, општина Ѓорче Петров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Поставена божикна пештера на плоштад „Македонија“
Денес на плоштадот Македонија беше поставена Божикна пештера.
Се работи за уметничко дело кое ги обединува традицијата, верата и уметноста. Пештерата, претставува автентична подготовка за празникот на Христовото раѓање е изработена по идеја на Ангел Мицевски, додека реализацијата е дело на познатиот вајар, г. Зоран Тошески.
Помагатели на овој проект кој е вовед во манифестацијата ”Божикни поворки” се градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и Претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
„Слава Му на Бога! Огромна е мојата чест што заедно со нашиот премиер Христијан Мицкоски, сме помагатели на овогодинешните Бадникови поворки и на најубавата и најимпозантна Божикна пештера во регионот! Од оваа вечер, сите посетители кои во текот на целиот месец ќе поминуваат на плоштадот Македонија, ќе имаат можност да уживаат во прекрасната глетка, но и да застанат, да се задлабочат и да размислуваат за тој Божиќен настан кој ја промени историјата на човештвото. Нека се среќни и бериќетни претстојните празници и нека мирот Христов, биде постојано во вашето срце“-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Скопје
Герасимовски: Со граѓаните креираме буџет за подобра патна инфраструктура, современа спортска сала, нови паркинг-места
На завршниот Буџетски форум, организиран од oпштина Центар и одржан во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, граѓаните и општинската администрација ги дефинираа приоритетите за 2025 година.
Се дискутираше за нацрт-програмите за наредната година, тековните предизвици и потребите на граѓаните, а беа дадени предлози и сугестии кои ќе бидат вградени во новите програми и проекти.
„Со заеднички ангажман и соработка меѓу граѓаните и општинската администрација, транспарентно и отчетно ја градиме иднината на нашата општина“, истакна Герасимовски во обраќањето.
Во нацрт-предлог буџетот за наредната година, предвидено е 45% од средствата да бидат насочени кон капитални проекти, додека останатите 55% ќе се користат за тековно и оперативно функционирање на општината.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги презентираше клучните приоритети од нацрт-развојната програма за наредната година:
– Изградба на катна гаража во Буњаковец – Гаражата ќе има капацитет од 300 паркинг места, распределени на два подземни и два надземни ката, со почитување на хуманото живеење на околните згради. Објектот ќе биде понизок од предвиденото во Деталниот урбанистички план.
– Модернизација на јавното осветлување – Со поставување на енергетски ефикасни ЛЕД светилки и паметни ормари, процесот ќе заврши до март 2025 година, со што ќе се постигне заштеда на енергија и подобрување на безбедноста.
– Изградба на нова општинска зграда – Комплексот ќе вклучува простор за администрација, подземен паркинг со капацитет од 300 паркинг места и 100 места за велосипеди. Конкурсот за идејни решенија е завршен, а наградените идеи ќе обезбедат современи услови за жителите и администрацијата.
– Реконструкција на сала Работнички – Првата фаза на реконструкцијата започна, а се очекува целосно завршување до летото 2025 година. Просторот ќе биде обновен според сите современи стандарди.
– Реконструкција на патната инфраструктура во Тасино Чешмиче и Капиштец, како и пренамена на улицата „Мирослав Крлежа“ во пешачка зона.
– Реконструкција на паркингот зад Домот на градежници и паркот во Клиничкиот блок, на барање на граѓаните, овие два проекти ќе бидат интегрирани во развојната програма.
Градоначалникот Герасимовски потенцираше дека сите предлози на граѓаните ќе бидат внимателно разгледани и интегрирани во финалната верзија на буџетот.
Седницата за усвојување на буџетот ќе се одржи на 27.12.2024 година.
Скопје
Герасимовски: Преку хуманитарни базари ги учиме децата на солидарност и емпатија да помагаат онаму каде што е најпотребно
Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски вчера присуствуваше на предновогодишните хуманитарни базари што се одржаа во двете основни училишта „Кирил и Методиј“, „Коле Неделковски“ и градинката „13 Ноември“. На овие базари, изложени беа креативни рачни изработки на учениците и дечињата.
Герасимовски, потенцираше дека ваквите хуманитарни активности се важен дел од образовниот процес, затоа што најмладите од мали нозе се учат за солидарност и за емпатија да се помогне онаму кадешто е најпотребно.
„Упатувам огромна благодарност до сите ученици кои учествуваат на базарот, до наставниот кадар и до родителите кои ги подготвуваа изработките. Ваквите хуманитарни базари не само што носат радост и новогодишна атмосфера, туку исто така ги учат нашите деца на важноста на солидарноста, љубовта и помагањето на другите. Собраните средства ќе се донираат во хуманитарни цели“, изјави Герасимовски.