Свет
Канада треба да стане 51. американска држава, вели Трамп
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп вчера на социјалните мрежи ја обнови идејата Канада да стане 51. американска држава нарекувајќи ја можноста одлична идеја.
„Канаѓаните би заштедиле многу на даноци и воена заштита. Мислам дека тоа е одлична идеја. 51. држава!!!“, додаде новоизбраниот претседател на САД на неговата платформа Truth Social. „Многу Канаѓани сакаат Канада да стане 51. држава“, рече тој.
Анкетата спроведена минатата недела од Институтот „Легер“ покажа дека 13 отсто од Канаѓаните би сакале нивната земја да стане американска држава.
Трамп првпат ја изнесе идејата за 51. држава за време на вечерата со канадскиот премиер Џастин Трудо кон крајот на ноември.
За време на таа средба, новоизбраниот американски претседател се пошегува дека ако Канада не може да ги преживее царините од 25 проценти, може да стане 51. американска држава, пренесува каналот „Фокс њуз“.
Оттогаш тој постојано го опишуваше шефот на владата на Канада како гувернер во објавите на социјалните мрежи, титула што во Соединетите Американски Држави го назначува шефот на извршната власт на сојузната држава.
Тие објави беа многу слабо примени меѓу канадските политичари, кои ги сметаа за понижување, па дури и закана од Соединетите Американски Држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пукање во парламентот во Абхазија: еден пратеник убиен, друг ранет
Пратеникот Вахтанг Голанџија, кој беше ранет при пукање во парламентот на Абхазија, им подлегнал на повредите, соопшти прес-службата на претседателството на регионот, пренесе „Ројтерс“.
„Голанџија почина, а на вториот ранет, Кану Кварчија, му е укажана потребната помош, тој е ранет во раката“, соопштија тамошните власти.
Засега не се знае дали некој од осомничените е приведен, ниту кој е мотивот за пукањето.
Абхазија е еднострано прогласена држава на Кавказ.
Прогласи независност на почетокот на 90-тите по распадот на Советскиот Сојуз и војната со Грузија.
Абхазиските власти ја сметаат Абхазија за независна република, а грузиските власти ја сметаат за автономна република во рамките на Грузија и ја оспоруваат нејзината независност.
По војната во Јужна Осетија во 2008 година, независноста на Република Абхазија ја признаа седум држави: Русија, Никарагва, Венецуела, Науру, Вануату, Тувалу и Сирија.
Свет
Зеленски: Единството на ЕУ и САД е неопходно за мир во Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека единството на Европската Унија и Соединетите Американски Држави е неопходно за да се постигне мир во неговата земја.
„За нас, важно е единството на САД, ЕУ и европските земји, особено од почетокот на следната година“, рече Зеленски во Брисел, пренесува „Ројтерс“.
„Ни треба тоа единство за да постигнеме мир. Само заедно САД и Европа може да го запрат рускиот претседател Владимир Путин и да ја спасат Украина“, рече Зеленски во пресрет на самитот на ЕУ.
Зеленски изјави дека за време на престојот во Брисел ќе разговара за заштитата на енергетскиот сектор на Украина, зголемувањето на производството на украинско оружје и помошта поврзана со образовниот систем.
Свет
Ја почитувам одлуката на судот, рече Жизел Пелико – нејзиниот сопруг и силувачите добија 400 години затвор
Откако нејзиниот сопруг и 46-те мажи кои ја силуваа беа осудени на повеќе од 400 години затвор во судот во Франција, се огласи Жизел Пелико.
Таа се заблагодари на здружението на жртвите кое, како што вели, секогаш и давало помош без исклучок. Им се заблагодари и на новинарите кои го следеа случајот од самиот почеток, истакнувајќи дека цело време се однесувале со почит кон неа.
„Мислам и на сите други семејства погодени од оваа трагедија. Конечно, мислам на сите непознати жртви на приказните кои често се случуваат во сенка. Сакам да знаете дека ја делиме истата борба“, изјави Жизел, додавајќи дека таа размислува за нејзините деца, внуци и на сите други семејства и жртви.
„Овој процес беше исклучително тежок и во овој момент прво мислам на моите три деца: Дејвид, Керолин и Флоријан“, рече таа.
Нагласи дека никогаш не жали што се откажала од правото на анонимност и ја отворила вратата на судењето за општеството да види што се случило.
„Верувам во нашата заедничка способност да најдеме подобра иднина во која мажите и жените ќе можат да живеат хармонично заедно, со меѓусебно почитување“, заклучи таа.
На новинарско прашање што мисли за денешните пресуди, таа одговори: „Ги почитувам судовите и ги почитувам нивните одлуки“.