Македонија
Ѓорѓиевски: Од понеделник почнува исплатата на субвенции за пелети, печки на пелети и огревно дрво за жителите на Кисела Вода
Општина Кисела Вода предновогодишно започнува со исплата на субвенции за граѓаните кои аплицираа и ги исполнија критериумите од јавните повици кои беа објавени во изминатиот период. Исплатата, која започнува од понеделник, опфаќа средства за поддршка на граѓаните кои поднеле барања за субвенции за пелети, печки на пелети и огревно дрво. Целта е да се помогне на семејствата кои се соочуваат со финансиски предизвици за одржување на животниот стандард.
-И оваа година продолжуваме со континуираната поддршка за нашите граѓани, бидејќи ја препознаваме важноста на социјалната поддршка, особено за ранливите категории граѓани, и продолжуваме да вложуваме во мерки кои ја олеснуваат нивната секојдневна борба со финансиските предизвици. Овие субвенции, кои се во вкупен износ од околу 4 милиони денари, се наш придонес за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Сакам да им се заблагодарам на сите кои аплицираа и сакам да ги информирам дека исплатата ќе започне од понеделник. Продолжуваме да бидеме партнер на нашите жители и заедно со нив секојдневно да го унапредуваме квалитетот на живот во локалната заедница-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
За субвенционирање и поддршка за кофинансирање за набавка на пелети за домаќинствата на територија на општина Кисела Вода, до комисијата за утврдување на исполнување на условите за доделување на финансиски средства, пристигнати се вкупно 301 Барања, одобрени се 297, додека 4 се одбиени поради некомплетна документација. Финансискиот надомест е во висина од 50%, но не повеќе од 10.000 денари.
За субвенционирање и поддршка за кофинансирање за набавка на печки на пелети за домаќинствата на територија на Општина Кисела Вода, пристигнати се вкупно 22 Барања, 20 се одобрени, додека 2 се одбиени поради некомплетна документација.
За купување на дрва за огрев за 2024 година на жителите на општина Кисела Вода, пристигнати се 278 барања, а одобрени се 249 барања со комплетна документација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фетаи на COSP11 во Доха: Стратегиите против корупцијата бараат лидерство, имплементација и јавна доверба
Заменик претседател на Владата, задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, учествуваше на 11-тата сесија на Конференцијата на државите членки на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (COSP11), која се одржува во Доха.
Заменик претседателот, Фетаи, се обрати на панел-дискусијата посветена на сеопфатните антикорупциски стратегии во Југоисточна Европа, при што истакна дека антикорупциските политики и стратегии можат да обезбедат одржливи резултати само доколку се поддржани од силно владино лидерство, ефикасна институционална координација и активно учество на граѓанското општество.
Во своето излагање, Фетаи нагласи дека стратешките документи имаат суштинска вредност единствено доколку се преточат во конкретни механизми за имплементација, следење и отчетност, со што фокусот се пренасочува од формални заложби кон мерливи и конкретни резултати.
Осврнувајќи се на искуствата на Република Северна Македонија, тој ја потенцираше важноста на пристапите базирани на податоци, дигитализацијата на процесите и институционалната транспарентност како клучни алатки за намалување на ризиците од корупција и за зајакнување на јавната доверба во институциите.
Македонија
Петрушевски: Ниту еден пратеник од СДС не присуствува на собраниската седница, на повидок нов раскол во СДС?
Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ објави дека денеска ниту еден пратеник од СДСМ не присуствува на собраниската седница. Тој прашува дали на повидок е нов раскол во СДС?
„Денес, ниту еден пратеник од СДС не присуствува на собраниската седница. Дали е случајност или некому испраќаат порака? Особено што вчеравечер Филипче го објави новиот тим на СДС во кој речиси и да нема актуелен пратеник. Очигледно, незадоволството не може да се сокрие“, вели Петрушевски.
Според него, кога внатрепартиските калкулации им се поважни од институциите, резултатот ќе е уште подлабока криза во редовите на опозицијата.
Македонија
Јаневска: За забрзување на напредокот, во 2026 рекордни вложувања во науката
Јавните ресурси се ограничени. Нашата определба, како Министерство и како Влада, да насочуваме од година во година сé поголеми средства кон наука и истражувања, ја покажува решеноста да градиме општество засновано на знаење, иновации и одржлив развој, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде беа презентирани прелиминарните резултати од истражувањето „Иновативни научни решенија за намалување на социјалната нееднаквост и сивата економија во Македонија преку даночната регулатива“.
Истражувањето го спроведува тим од Правниот факултет, со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука, за стимулирање на научно-истражувачки проекти.
Македонија не може да продолжи со практиката на мали инвестиции во наука. Државите во опкружувањето ги интензивираат вложувањата во научно-технолошки развој и земјата, ако сака да остане релевантна и на меѓународна научна сцена, неопходно е да направи исчекор кон системско и значајно зголемување на средствата за истражувања, создавање современа инфраструктура и поттикнување на иновацискиот капацитет.
Министерката Јаневска посочи дека следната, 2026 година ќе имаме рекордни 773 милиони денари за наука, што е континуиран раст, од 380 милиони денари во 2024 година и 680 милиони денари во 2025 година.
„Преземаме бројни активности насочени кон јакнење на научно-истражувачкиот капацитет на државата. Една од нив е можноста за вклучување на македонските научници и истражувачи во европските истражувачки мрежи, за што потпишавме договор со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија. Со пристапот до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти со европски партнери, нашите научници добиваат мобилност, а државата развојна перспектива“, нагласи Јаневска.
Укажа на зголемените плати на универзитетските професори за 14% и обезбедениот бесплатен пристап до научните бази Web of science и Scopus. Се подготвуваат, како што беше речено и две нови законски решенија, за високо образование и за научно-истражувачка дејност, што, заедно со реформата на Агенцијата за квалитет во високото образование и отворањето на првиот државен научно – технолошки парк, ќе овозможат значајно подобрување на условите за научни истражувања.

