Македонија
Денеска, врнежи од дожд, од утре се очекува снег
Променливо облачно, претпладне со услови за појава на магла по котлините. Попладне и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд, а на планините и на некои од повисоките места од снег. Наместа врнежите ќе бидат пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје претпладне ќе има појава на магла, во текот на денот променливо облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Попладне под влијание на циклонска активност ќе започнат врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места од снег. Во сабота поради спуштање на студена воздушна маса од север ќе дува засилен северен ветер (над 65 км/час) и врнежите ќе преминат во снег и во некои од пониските места. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 л/м2), па на планините снежната покривка позначително ќе се зголеми. Помала снежна покривка се очекува и во некои од пониските места. Преодно стабилизирање на времето ќе има во недела, а од понеделник се очекуваат нови врнежи претежно од снег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Град Скопје: Најсовремени интерактивни дигитални табли за 23 средни училишта
Градот Скопје реализира уште едно ветување од програмата “За Модерно Скопје” во која е предвидено унапредување и модернизација на образовните институции на градот Скопје, соопштија од оваа институција.
„За опремување и модернизација на 23 средни училишта на Град Скопје, набавени се најсовремени интерактивни дигитални табли со цел следење на трендовите на дигитализација во образованието.
Современите интерактивни дигитални табли имаат можност за безжично поврзување со повеќе уреди и шест микрофони способни да го преклопат секој амбиентален шум. Taблите имаат вклучена камера со ултра широк агол од 120°, а квалитетот на сликата 4K Ultra HD обезбедува совршена боја и детали. Екранот на допир од термички обработено калено стакло спречува оштетување на панелите, а оптичката технологија овозможува јасен и видлив екран од секој агол што е важно за учениците во образовниот процес. На овој начин преку можностите кои ги нудат интерактивните дигитални табли се олеснува процесот за учениците и наставниот кадар“, истакнуваат од Град Скопје.
Македонија
Од 01.01.2025 година задолжително регистарски таблички со ознака или налепница НМК
Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека краен рок да ги заменат регистарските таблички со нови кои имаат ознака НМК или на истите да залепат налепница НМК е до 31.12.2024.
Тоа значи, регистарските таблички кои ја содржат буквената ознака МК (регистарски таблици со четири броеви) и регистарски таблици кои не ја содржат буквената ознака МК (со три бројки) треба да бидат променети со нови регистарски таблици кои ја содржат националната ознака НМК или на истите да се стави налепница со национална ознака НМК до 31.12.2024 год.
Налепници НМК граѓаните може да обезбедат бесплатно во сите станици за технички преглед.
Македонија
Почина професор Тодор Јакимов, редовен професор во пензија на ФЕИТ
Проф. д-р Тодор Јакимов беше редовен професор во пензија на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Роден е во 1926 година во Велес, а високото образование го оформил на Техничкиот факултет во Загреб, каде и докторирал во 1981 година. Тој е дел од Факултетот уште од неговото основање, а од 1977 година е избран за редовен професор.
Проф. Јакимов имаше плодна научна кариера и беше истакнат член на академската и на инженерската заедница. Автор е на повеќе книги, учебници и трудови со повеќе од 150 единици. Се смета за еден од пионерите и долгогодишен носител за истражување, развој, проектирање, изградба на комплексни електроенергетски индустриски и технолошки постројки и системи за автоматско управување и моделирање на електромоторни погони.
Во работниот век извршуваше повеќе значајни функции, меѓу кои и декан на тогашниот Електротехнички факултет. Одликуван е со повеќе признанија, од кои најзначајна е наградата „11 Октомври“ за животно дело.