Македонија
МВР има видео материјал од минувањето на границата од страна на Груби, полицаецот е суспендиран, вели Тошковски за обвинувањата на СДСМ
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски попладнево се огласи на обвинувањата на СДСМ во врска со бегството на Артан Груби, по кој е распишана меѓународна потерница за случајот со Државна лотарија. Тој посочува дека МВР има видео запис за настанот, а на полицискиот службеник му е изречена суспензија.
-Благодарност до госпоѓа Кузевска и СДСМ за тоа што повторно покажаа дека единствено нешто кое што знаат и умеат да го прават е да ја лажат македонската јавност и македонските граѓани. МВР поседува видео запис на којшто јасно се гледа повреда на закон и повреда на стандардни оперативни процедури од страна на полицискиот службеник којшто бил во тој момент во рамки на граничната полиција, вели Тошковски.
Додава дека против истиот, наредниот ден се преземени сите истражни постапки и врз основа на истите е доставено известување до надлежното јавно обвинителство, а тоа е Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
-Во текот на денешниот ден по консултација со надлежниот јавен обвинител ќе биде изготвена кривична пријава која што ќе биде наредниот ден, односно утре поднесена до надлежното јавно обвинителство, информира Тошковски.
Исто така, додава, од страна на МВР е изречена суспензија во однос на предметното лице и потврдува дека ниту лично го познава предметното лице, ниту лично потпишал или издал било каков акт во однос на неговото назначување за да работи во рамки на граничната полиција во Македонија.
-Жалам што навистина една партија која што себеси се нарекува за државотворна партија повторно ги брани нивните партнери, тоа се ДУИ, нели, и повторно покажува дека не работи во интерес на македонските граѓани, туку работи во лукративен интерес на нивните најблиски соработници коишто патем, еве слободно можам да кажам дека токму лицето кое што е недостапно на органите на прогон на времето, нели, кога беа во љубов изјавуваше дека тие биле едно. Епа дека тие се едно повторно докажуваат и потврдуваат со нивниот начин на однесување. Но, нека не се секираат, МВР ги има соодветните капацитети и покрај тоа што го оставија во фаза на швајцарско сирење и ќе си постапи согласно законите и согласно Уставот и секој еден којшто се огрешил ќе одговара пред лицето на правдата, посочува Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот за реформа на јавната администрација го усвои ревидираниот акциски план 2023 – 2026
Денес се одржа третата седница на Советот за реформа на јавната администрација, како највисоко координативно тело задолжено за управување со реформските процеси во јавната администрација, со која претседаваше премиерот Христијан Мицкоски.
На седницата членовите на Советот го разгледаа и усвоија ажурираниот Акциски план 2023–2026 година од Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030, кој е усогласен со приоритетите од Програмата за работа на Владата 2024–2028, како и со документите од процесот на европска интеграција – Патоказот за РЈА и Реформската агенда.
Планот е во корелација и со измените во Законoт за организација и работа на органите на државната управа, со што се идентификувани водечките институции надлежни за реализација, како и другите органи вклучени во спроведувањето на активностите, дополнително интегрирани се и препораките од Извештајот од оценската мисија на SIGMA за 2024 година, информираат надлежните.
Во рамки на дискусијата беше истакната важноста од планираното и навремено спроведување на реформските активности со цел унапредување на ефикасноста, професионалноста и транспарентноста во работењето на јавната администрација.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во своето излагање ја нагласи значајната улога на Советот и континуитетот во неговата работа.
„Одржувањето на вакви седници на Советот за реформа на јавната администрација е од исклучително значење, бидејќи нивната редовност, транспарентност и конструктивност беа поздравени и нотирани во Извештајот за напредокот на Европската комисија како позитивна практика во управувањето со реформските процеси.“
Тој додаде дека Министерството за јавна администрација ќе продолжи активно да го координира спроведувањето на реформските мерки и да обезбедува поддршка на институциите, со крајна цел создавање модерна, услужна и професионална администрација во служба на граѓаните.
Македонија
Јаневска во Брисел: реализирани над 80 отсто од задачите во акцискиот план 2024 – 2025 на Стратегијата за паметна специјализација на Македонија
Владата е цврсто определена да ја имплементира Стратегијата за паметна специјализација на Македонија која ќе овозможи да изградиме општество базирано на знаења и иновации, а Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија останува наш најважен партнер во исполнувањето на целта. Благодарни сме за досегашната поддршка и ги прифаќаме сите сугестии за унапредување на идните политики поврзани со развој на науката и иновациите.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на конференција за процесот на паметна специјализација на земјите од Западен Балкан, што денес се одржува во Брисел, во организација на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, а каде таа ги презентираше досегашните резултати од спроведувањето на Акцискиот план 2024-2025 на Стратегијата за паметна специјализација на државата.
„Акцискиот план за периодот 2024–2025 опфаќа 35 мерки и 63 активности со буџет од 6,1 милион евра. Министерството за образование и наука е вклучено во 31 активност, а според анализата, досега се реализирани над 80% од предвидените обврски“, рече Јаневска, додавајќи дека новиот акциски план за периодот 2026–2027 е во подготовка и во него ќе бидат интегрирани препораките на Заедничкиот истражувачки центар на ЕК за зајакнувањето на финансиската одржливост, ангажманот на приватниот сектор и подобрување на механизмите за мониторинг и евалуација на Стратегијата за паметна специјализација.
Министерката рече дека оваа година Владата речиси двојно го зголеми буџетот за наука и истражувања споредбено со 2024 година, финансираше имплементација на проекти на јавните научни и високообразовни установи, на МАНУ и бизнис заедницата, кои се во тесна релација со целите од Стратегијата за паметна специјализација, како и дека е усвоен нов Закон за иновациска дејност, научно – технолошки развој и претприемништво, врз основа на кој е основана и нова Национална агенција за иновации и претприемништво – ИНОВА. Во процес на изработка се и нови закони за високо образование и за научно – истражувачка дејност.
„Би сакала да ја споделам нашата неодамнешна национална иницијатива за воспоставување на Научно-технолошки парк, што претставува клучен стратешки приоритет за Владата. Целосно сме посветени на неговата успешна реализација и во моментов ја подготвуваме потребната документација во тесна соработка со сите релевантни засегнати страни. Планирано е имплементацијата на проектот да започне во 2026 година, означувајќи значајна пресвртница во унапредувањето на технолошкиот развој и иновациите во нашата земја“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека државата има одлична соработка со Заедничкиот истражувачки центар на ЕК, со кого минатата година МОН потпиша меморандум за соработка, а лабораториите на Центарот станаа достапни за македонските научници и истражувачи. Рече дека следната година ќе биде објавен и повик за финансиска поддршка на научниците, за да се стимулира поголема искористеност на лабораториите.
На конференцијата, покрај министерката Јаневска, учествуваа и еврокомесарката за проширување Марта Кос, генералниот директор на JRC Бернард Магенхан, како и министри и претставници од земјите од Западен Балкан.
Македонија
Целосно реконструирани сместувачките капацитети на Клиниката за пластична хирургија
На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија е извршена целосна реконструкција на сместувачките капацитети, каде изминатиот период се лекуваа дел од повредените лица од пожарот во Кочани и по тој повод министерот за здравство, Азир Алиу денеска ја посети оваа Клиника.
„Целосно се реконструирани сместувачките капацитети на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија. Реновиран е посебен апартман во клиниката, како и собата за преврски, со што пациентите добиваат унапредени услови за престој и третман, а значително е подобрена и функционалноста на просторот, што директно влијае на квалитетот на грижата за пациентите. Со донацијата од Големата ложа на Македонија, во вредност од 25 илјади евра, обезбедена е и нова медицинска опрема, која опфаќа антидекубитални душеци, медицински лопатки, сталаци за инфузија, и други апарати“, истакна министерот Алиу при посетата.

