Регион
Објавени резултатите од пописот во Косово

Населението на Косово е намалено во последните 13 години од 1,74 милиони на 1,6 милиони, покажуваат резултатите од пописот објавени вчера.
Претходно оваа година беше спроведен вториот попис откако Косово прогласи независност.
Агенцијата за статистика објави дека Србите го бојкотирале пописот „во значителна мера“ по повиците на српските политички партии да го сторат тоа. Агенцијата го процени вкупното српско население на околу 53.000, што е за 28.000 повеќе отколку на пописот во 2011 година.
Повеќето Срби живеат во четири северни општини – Лепосавиќ, Звечан, Зубин Поток и Северна Митровица. Таму ги има речиси 37.000, пренесува „Асошиејтед прес“.
Просечната возраст во Косово е под 35 години, втора најмлада во Европа. Просечната возраст на пописот од 2011 година беше близу 30 години. Пописот покажа и дека војната 1998-1999 година резултираше со 11.417 смртни случаи и 1.047 исчезнати. Материјалната штета се проценува на 5 милијарди евра.
Муслиманите се мнозинство, со 93,49 проценти. Православните христијани сочинуваат 2,31 отсто, а католиците 1,75 отсто.
„Резултатите од пописот претставуваат основа за развивање политики за реалните потреби на граѓаните“, рече премиерот Албин Курти.
Косово беше српска покраина сè додека 78-дневната воздушна кампања на НАТО во 1999 година не стави крај на војната меѓу српските владини сили и албанските сепаратисти во Косово и ги протераа српските сили. Белград не ја признава независноста на Косово, а односите помеѓу двете држави остануваат напнати и покрај напорите на меѓународната заедница да ги нормализира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
15-годишно девојче загина по удар од автобус во Земун, повредени се неколку лица

15-годишно девојче загина денеска во сообраќајна несреќа во Земун, додека четири лица се пренесени во болница, меѓу кои бремена жена и шестгодишно дете, пишуваат медиумите во регионот.
Девојчето што починало било удрено од автобус, по што се судриле три патнички возила, според Танјуг.
Според сведоците, жена трчала преку улицата, а возачот на автобусот се обидел да ја избегне, па всушност преминал на тротоарот, каде што го удрил детето.
И јавното комунално претпријатие GSP се огласи по повод тешката сообраќајна несреќа во Земун во која девојче (15) почина кога беше удрено од автобус а неколку лица беа повредени, стои во написите на српските медиуми.
„Денес околу 12:20 часот, на улицата Цар Душан на број 136, се случи тешка сообраќајна несреќа со смртоносен исход и неколку полесни повреди. Во оваа несреќа учествуваа неколку патнички возила и автобус од линија 18 што ја напушти гаражата и се упати кон терминалот за да се вклучи во сообраќајот. Околностите под кои се случи оваа сообраќајна несреќа се уште се непознати и полицијата работи на нивно утврдување“, изјави GSP.
Како што пишува „Телеграф“, автобусот се обидел да избегне жена која трчала преку улицата надвор од пешачкиот премин, поради што свтел на тротоарот, удирајќи го девојчето кое завршило под возилото. На патот, тој удрил во неколку паркирани автомобили, а потоа се забил во порта на куќата.
Телото на девојчето било извлечено од под автобусот од пожарникари, а екипите за итни случаи можеле само да констатираат смрт. Во несреќата биле повредени десет лица, меѓу кои деветмесечна бремена жена, мајка и шестгодишно дете, 74-годишна жена.
Фото: принтскрин
Регион
Девојки скокнале од воз во движење бидејќи ја пропуштиле својата станица, едната е во критична состојба: хорор во Бугарија

Две девојки, на возраст од 20 и 21 година, биле итно префрлени во болница во Пловдив откако скокнале од патнички воз на линијата Софија-Бургас во близина на железничката станица „Клисура“, потврди вчера прес-центарот на Одделот за внатрешни работи во Пловдив. 20-годишната девојка се здобила со тешки повреди и е во критична состојба, објавува порталот 24chasa.bg.
Инцидентот бил пријавен во службите за итни случаи во вторник околу 13:30 часот. Според првичните информации, девојките скокнале од прозорецот додека возот се движел, објавува БНТ.
Се наведува дека тие скокнале од возот во движење бидејќи ја пропуштиле станицата од каде што требало да слезат.
Наводно, не успеале да ја отворат вратата од вагонот на време. Кога конечно успеале да го сторат тоа, решиле да скокнат, но возот веќе добивал брзина.
Покрената е прелиминарна истрага и е известено Окружното обвинителство.
Поради инцидентот, сообраќајот помеѓу станиците „Клисура“ и „Стрјама“ е привремено прекинат.
Според Антонија Иванова од прес-центарот на Универзитетската болница за активен третман „Свети Георги“ во Пловдив, состојбата на 20-годишното девојче е исклучително лоша, објавува 24chasa.bg.
„Во моментов не можам да дадам никакви дополнителни информации. Другото девојче, кое има 21 година, е хоспитализирано во клиника во здравствена установа во стабилна состојба“, рече таа.
фото: принтскрин
Регион
Дете остана без рака при експлозија на плажа кај Будва

Страшна несреќа се случи на плажа во близина на Будва, каде што вчера експлодираше боца за нуркање. Во таа прилика, едно дете беше тешко повредено.
Црногорската полиција го уапси М. Б. (45), граѓанин на Белград, кој е обвинет за предизвикување јавна опасност и нелегални активности. Според официјалните информации, осомничениот управувал со опрема за нуркање без потребната регистрација или одобрение, што, како што е наведено, ги загрозило животите на присутните.
Детонацијата се случила во непосредна близина на плажата, кога експлодирала боцата за нуркање. Делови од неа одлетале на поголемо растојание и го погодиле детето, странски државјанин, во раката, што довело до ампутирање на неговата рака. Повреденото дете веднаш било пренесено во болница.
До него, уште две лица се здобиле со полесни повреди од експлозијата и побарале медицинска помош.
На местото на настанот дошол обвинителот на Основното државно обвинителство во Котор, заедно со експерти од машинската струка, каде што била спроведена истрагата. По спроведените мерки и дејствија, М.Б. бил уапсен и приведен од надлежните органи.
Несреќата предизвика голема вознемиреност кај туристите и локалните жители, додека истрагата треба да ги утврди сите околности и одговорноста на осомничениот, пренесуваат медиумите во соседството.
Фото: принтскрин