Македонија
За Дурмиши, најголеми инспектори се граѓаните: Секое изигрување на цените пријавете го на бесплатниот број 191
Во првите шест дена откога стапи во сила новогодишната кошничка со 10 отсто поевтини цени на над 1.000 производи, нема трговци што не ја почитуваат мерката, соопшти денес министерот за економија, Бесар Дурмиши. Тој денес излезе на терен заедно со директорот на Државниот пазарен инспекторат.
„Денеска, бевме во посета на маркетите ‘Рамстор’ и КАМ за да видиме дали производите што беа понудени од самите трговци, производители и дистрибутери се ставени во новогодишната кошничка. Видовме дека со ознака се означени оние производи што се ставени во новогодишната кошничка, а цените се намалени 10 % и повеќе. Тоа што ме радува е фактот што за многу краток период бројката на производите стигна повеќе од 1.100 од 95 трговци, кои понудија производите да бидат ставени во новогодишната кошничка во 42 синџир-маркета. Оваа бројка ќе се надополнува и понатаму. Листата е отворена, може да се приклучат и другите трговци“, рече министерот Дурмиши.
Министерот апелира трговците да ја почитуваат мерката до истекот, односно до 15 јануари, на ист начин како што ја почитуваат сега во првите денови откога стапи во сила оти се работи за нивен предлог поддржан од Владата.
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) е постојано на терен, но Дурмиши смета дека најважната улога ја имаат граѓаните.
„Најголеми инспектори се граѓаните. Јас од овде ги известувам, ако забележат изигрување на цените, да се јават на бесплатниот број 191 или на веб-страницата на Државниот пазарен инспекторат“, повика министерот Дурмиши.
Листата на производи со намалени цени е објавена на веб-страницата на Министерството за економија и труд за лесно да може да се направи споредба.
Директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски, вели дека добиле поплаки од граѓаните за зголемени цени, но во маркетите нашле само ситни пропусти.
„Во овие шест дена ДПИ константно е на терен, врши мониторинг како кај синџир-маркетите така и кај доставувачите, односно производителите. Можам да кажам дека, освен ситни забелешки, во смисла на соодветно обележување на производите и ситни корекции на цените кај два-три трговски субјекти, во поголеми размери не се забележани неправилности. Можам да заклучам дека трговците, сите фактори во овој процес, го почитуваат договореното“, рече директорот Стојкоски.
Пазарните инспектори продолжуваат со засилени контроли на терен, а директорот Стојкоски вели дека постапуваат и по секоја пријава од граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.
Македонија
Левица: Центарот за социјални работи во Тетово дувло на криминал и корупција
Скандалот во Центарот за социјални работи во Тетово со незаконски исплатени социјални пензии и додатоци за туѓа нега ја разоткрива длабоката системска корупција и злоупотреба во институцијата која треба да им служи на најранливите. Социјални пензии добивале лица кои што воопшто не исполнуваат услови за тоа, додека лица на кои што им е од суштинска важност да добијат социјална пензија или надоместок за туѓа нега се одбивани, велат од Левица.
„Според досега изнесените податоци неколку вработени во Центарот, меѓу кои и еден раководител исплаќале социјални пензии, туѓа нега и други социјални надоместоци и тоа ретроактивно, на лица кои не исполнувале услови за тоа, со што го оштетиле Буџетот за неколку стотици илјади евра.
Дополнително загрижува фактот што, и покрај тоа што Јавното обвинителство покренало постапка против овиелица, по признание на вина за несовесно работење во службата тие биле задолжени да платат по 18.000 денари по што продолжиле со работа во Центарот за социјални работи во Тетово. Ова испраќа опасна порака дека злоупотребата на јавните пари и газењето на социјалната правда поминуваат без реални последици.
Јавно прашуваме зошто Министерството за социјална политика и министерот Лимани молчат за овој скандал?
Исто така прашуваме како е можно лица кои самите признале дека несовесно работеле и го оштетиле буџетот да бидат сѐ уште вработени во Центарот?
Кого штити Министерството и дали Владата на ДПМНЕ знae воопшто на кои и на колку лица неосновано им биле испраќани социјални надоместоци?
Ова е уште еден доказ дека државата за некого е мајка, за некого маќеа!“, се вели во соопштението на политичката партија.
Македонија
(Видео) Клучката „Момин Поток“ се гради со забрзано темпо, Ѓоргиевски порача: „Наскоро скопјани ќе возат по нов булевар“
Скопје наскоро ќе добие нов булевар, откако со забрзано темпо продолжува реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти – изградбата на клучката „Момин Поток“ и булеварот „Никола Карев“.
Како што информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски, во моментов е во напредна фаза поставувањето на атмосферската канализација во средишниот дел на булеварот, на потегот од реката Серава до раскрсницата со булеварот „Словенија“.
Овој сегмент, како што истакнува Ѓоргиевски, е клучен за безбедна, современа и одржлива сообраќајна инфраструктура.
Паралелно се гради и левиот крак од мостот над реката Серава, преку кој ќе се поврзат булеварот „Словенија“ и клучката „Момин Поток“. Со тоа ќе се овозможи побрза и поефикасна врска меѓу неколку важни градски сообраќајници.
„Како што ветив, Скопје пишува нова страница во својата историја. Со дела, не со зборови. Скопјани заслужуваат“, порача градоначалникот Ѓоргиевски.

