Македонија
Од 01.01.2025 година задолжително регистарски таблички со ознака или налепница НМК

Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека краен рок да ги заменат регистарските таблички со нови кои имаат ознака НМК или на истите да залепат налепница НМК е до 31.12.2024.
Тоа значи, регистарските таблички кои ја содржат буквената ознака МК (регистарски таблици со четири броеви) и регистарски таблици кои не ја содржат буквената ознака МК (со три бројки) треба да бидат променети со нови регистарски таблици кои ја содржат националната ознака НМК или на истите да се стави налепница со национална ознака НМК до 31.12.2024 год.
Налепници НМК граѓаните може да обезбедат бесплатно во сите станици за технички преглед.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајот на магистралниот пат Крива Паланка – Деве Баир е нормалзиран

Сообраќајот на магистралниот пат Крива Паланка – Деве Баир, кој беше во прекин поради сообраќајна незгода, е нормалзиран, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Град Скопје: Одржување на одводните канали и коритото на Маркова Река е во директна надлежност на општина Студеничани и Министерството за животна средина

„Согласно актуелните акти на Министерството за животна средина и просторно планирање, и актуелниот ГУП донесен во време на Коце Трајановски надлежноста за одржување на одводните канали и коритото на реката Маркова Река е во директна надлежност на општина Студеничани и Министерството за животна средина и просторно планирање“, соопштуваат од Град Скопје.
„Градот Скопје нема никаква надлежност за постапување на овие канали и коритото на реката.
Градот Скопје во неколку наврати досега апелираше до надлежните во општината за потребата од чистење на каналите и коритото, но апелите за жал не наидоа на резултат од страна на одговорните.
За дезинформациите ќе бараме и правна одговорност. Во овој момент екипи од Противпожарната бригада на Град Скопје, ЈП Водовод и Канализација и останатите претпријатија на градот Скопје се на терен и активно помагаат во спречување на дополнителни штети и санирање на веќе настанатите“, се наведува во соопштението на Град Скопје.
Македонија
Ѓорѓиевски во Студеничани по поплавата од излеаната Маркова Река: Механизацијата е на терен и нема опасност по населението

По добивањето на информацијата за излевањето на Маркова Река во соседната општина Студеничани, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, веднаш се упати кон најпогодените подрачја со цел да им се помогне на жителите од поплавените области. Mу се приклучи на градоначалникот на општина Студеничани, Азем Садику, за ситуацијата што побрзо да се стави под контрола и нагласи дека Општина Кисела Вода останува подготвена да мобилизира сите свои ресурси за помош при ублажување на штетите, како и тоа дека постојано се координира со институциите на централно и локално ниво. Во комуникацијата се вклучени премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, со цел да се осигура брза и ефикасна реакција на сите засегнати страни.
Градоначалникот Ѓорѓиевски ја изрази својата загриженост поради неадекватното функционирање на некои институции, посебно градот Скопје, наведувајќи дека, и покрај неколкуте барања упатени до Градот Скопје за чистење на коритото на реката, одговорот на градоначалничката Данела Арсовска бил дека за таа намена не им се предвидени средства.
„Веднаш по добиената информација за излевање на Маркова Река поради обилните врнежи во општина Студеничани, од гостување на телевизија се упатив на најкритичните места да помогнеме на нашите соседи.
Сакам да нагласам дека во постојана комуникација сме со Премиерот Христијан Мицкоски кој веднаш се понуди доколку е потребно да ги мобилизира сите расположливи ресурси за што јас, а и сите жители на Студеничани му се заблагодаруваме.
Механизацијата е на терен и нема опасност по населението, силно се работи на враќање на реката во своето корито. Со колегата градоначалник на Студеничани Азем Садику сме на тука и будно ќе ја следиме ситуацијата да биде под контрола, во текот на целата ноќ.
Спремни сме со сите расположливи сили да помогнеме. Во постојана комуникација сме и со колегата Дејан Митески од Аеродром, така што и тој е подготвен да помогне во случај да тоа е потребно.
Она што вистински загрижува е што сите институции не си ја вршат својата работа – со акцент на градот Скопје од кој лично имаме побарано во неколку наврати да се среди речното корито но, од страна на градоначалничката во заминување ни беше одговорено дека немаат предвидено средства за тоа. Замислете…
Временските непогоди не можеме да ги спречиме, но можеме да делуваме да нема големи последици.
Материјалното ќе го поправиме заеднички – Бог нека нѐ чува сите, тоа е најважно“, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.