Македонија
Завршува санацијата на главниот водовод, за неколку часа сите во Скопје ќе имаат нормално водоснабдување
Во завршна фаза се активностите за санација и децениски задоцнета модернизација на главниот градски водовод, информираа од ЈП „Водовод и канализација“.
„Акцијата започна во раните утрински часови кога сите екипи на Секторите ЕОК, Механизација и Водовод отпочнаа со празнење на магистралниот водовод на предвидените локации. Операција се движи во рамки на предвиденото и очекувано е да заврши во предвидениот рок со вкупно време од помалку од 15 часа, во кои најмногу време се одвојува за празнење и полнење на магистралниот водовод. Полнењето веќе е започнато и се очекува притисокот да се стабилизира за неколку часа“, велат од претпријатието.
Со оваа модернизација се подобрува водоснабдувањето и притисокот во Општина Ѓорче Петров и Карпош, со репарација на 6 сегменти каде во изминати децении се нотирани огромни загуби на вода.
Со затворање на Главниот Градски цевковод Ф1600мм по должина на линија на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булевар Партизански одреди со ул. Никола Парапунов завршени се следните интервенции:
-По должина на траса по Партизанска од кружен тек Ѓорче Петров до хотел Карпош каде се променети 5 воздушни вентили и 5 затварачи за истите на Ф200 поврзани на цевководот Ф1600
-Реконструиран е затварач Ф700 на бул. Партизански одреди со ул. Никола Парапунов
-Променет е затварачот на Ф400 на кружниот тек Порта Влае
-Реконструиран е затварач Ф600 на мостот Обединети Нации
-Реконструиран е затварач Ф500 на ул. Никола Парапунов
Во овој момент во фаза на завршување е последната постапката за реконструкција на затварач Ф700 на ул. Никола Парапунов, која се изведува независно од останатите и за која не е неопходно затворање на главниот довод.
„Согласно Оперативниот План за санација на затварачите на градска водоводна линија Ф1600мм, Сектор Водовод со ангажирани повеќе од 160 стручно вработени меѓу кои ВКВ водоинсталатери, инженери, оперстори и возачи на специјални возила, ВКВ автомеханичари, ВКВ машинобравари, ВКВ механичари, ВКВ електричари, работници за дијагностика на дефекти и техничари кои ка вршат работата на терен и уште толку административни лица заедно со директорот ги подготовија и завршуваат согласно планот за постапување со механизација, алат и пумпи“, стои во соопштението од јавното претпријатие.
„Имајќи предвид дека е најавен прекин на водоснабдувањето, населението треба да биде запознаено и информирано дека ризиците по здравјето на населението може да се јават не само за време на недостатокот на вода туку, дури и да се зголемат после пуштањето на водата за пиење во водоводната мрежа односно по отстранување на дефектот“, велат од ИЈЗ.
Оттаму, како превентивни јавно-здравствени мерки и мерки на внимателност препорачуваат:
– Граѓаните да не ја пијат веднаш водата по нејзиното пуштање во водоводната мрежа зашто контактното време на резидуалниот хлор и водата во мрежата (време потребно резидуалниот хлор да почне да делува врз микробиомот присутен во водата), во услови на пониски амбиентни температури може да потрае и до 1 час;
– Може да се очекува водата за пиење по пуштањето во водоводната мрежа да ја промени бојата, добие невообичаен мирис, да има видлива заматеност или евентуално страни тела (ситни зрнца песок или инсект и сл.). Во таков случај, повторно се препорачува истата да не се пие сè до момент на стабилизација на тие органолептички својства (боја, мирис, вкус, заматеност);
– Непосредно после доаѓањето на водата во водоводните цевки во домовите, потребно е да се испуштат СИТЕ чешми во домот да истечат неколку минути, па да се провери дали органолептичките својства се во ред, па дури потоа да се пие;
– По добро истекување на водата, потребно е почесто и добро да се исчистат мрежичките на чешмите (во средство за чистење бања или бел оцет);
– Како дополнителна мерка на внимателност се препорачува, доколку граѓаните сепак одлучат веднаш да ја пијат водата, истата да се преврие многу кратко (1 -2 минути), потоа да се разлади и консумира;
– Граѓаните треба да имаат предвид дека превриената вода го губи благопријатниот вкус. Истиот може да се подобри доколку водата се претура од една во друга чаша неколку пати, со цел да врзе повеќе кислород од воздухот (процес наречен аерација);
– Најдобро е во текот на првите часови после пуштањето на водата во водоводната мрежа, граѓаните сè уште да консумираат пакувана вода, сè до добивањето на известување од јавното претпријатие дека водата е исправна и безбедна за консумација;
– Во однос на водата за капење, препорачуваме после доаѓањето на водата во водоводната мрежа, задолжително да се зголеми температурата на водата во бојлерите (во кујна, бања и сл.), со цел дополнително превентивно термичко уништување на бактериите доколку потенцијално навлегле во водоводната мрежата;
– Најдобро е температурата на топлата вода во чешмите да биде над 55 степени, сепак потребна е мерка на внимателност да не дојде до изгореници особено кај мали деца или повозрасни лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Економијата и инвестициите во фокусот – работни средби на Муцунски во Литванија
Во рамки на вториот ден од работната посета на Вилнус, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оствари одвоени средби со министерот за економија на Литванија, Едвинас Грикшас, и со претседателот на Конфедерацијата на индустријалци, Видмандас Јанулевичиус.
На средбите, Муцунски го претстави силниот ангажман на Владата за создавање поволна деловна клима преку атрактивни стимулации, современа регулатива и висококвалификувана работна сила. Тој истакна дека привлекувањето нови компании во клучни области како технологијата и иновациите, отворањето работни места и забрзувањето на економскиот раст и развој се врвен приоритет на економскиот ресор.
Разговорите беа насочени и кон можностите за интензивирање на економската соработка, како и кон конкретни иницијативи за унапредување на трговијата и инвестициите меѓу двете држави – на владинo и на компанискo ниво.
Македонија
Водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ е исправна и може непречено да се употребува, велат од „Водовод“ по труењето во училиштето
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје информираат дека по извршениот вонреден мониторинг, водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош е целосно безбедна за употреба.
„ЈП Водовод и канализација – Скопје на ден 26.11.2025 година изврши вонреден мониторинг врз основа на пријава од ООУ Димо Хаџи Димов, општина Карпош.
Секторот за санитарна контрола зема 4 примероци од две локации (училница и кујна) од кои две за физичко-хемиска анализа и две за микробиолошка анализа.
Од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), при што констатираме дека водата во ООУ Димо Хаџи Димов во општина Карпош е санитарно исправна и истата може непречено да се употребува“.
Македонија
(Фото) Отстранета дивоградба на улица „Орце Николов“, Герасимовски најави расчистување на бесправните објекти
Во рамките на обемната акција за отстранување дивоградби, Општина Центар ја урна нелегалната доградба на деловен објект на улица „Орце Николов“ бр. 139 во Дебар Маало, соопштија од Општината.
Конструкцијата била изградена без одобрение за градење и го узурпирала заедничкиот простор предвиден за граѓаните.


„Јавните површини во Центар им припаѓаат на сите граѓани и нема да дозволиме да се претвораат во приватни имоти поради самоволие на поединци. Секој бесправно изграден или незаконски поставен објект ќе биде санкциониран со соодветни решенија и постапки за негово отстранување”, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Градежниот инспектор издал решение со кое на инвеститорот „Екотон Дизајн“ му било наложено да ја отстрани нелегалната доградба. Бидејќи инвеститорот не постапил по решението и по неколкуте опомени, општинските служби ја отстранија бесправно изградената конструкција.


„Општина Центар спроведува континуирана акција за воспоставување ред на јавните површини, со засилени инспекциски контроли и активности за расчистување на нелегално поставени објекти. Целта е заштита на јавниот интерес и враќање на просторот на граѓаните, како дел од пошироката стратегија за уредување и подобрување на урбаниот простор во општината“, соопштија од Општина Центар.

