Македонија
Денеска сонце, од утре снег

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност.
Кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголемува.
Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен до југозападен правец.
Минималните температури ќе се движат од -7 до 1, а максималните од 1 до 9 степени целзиусови.
Во Скопје, утрото ведро и студено, преку денот претежно сончево и тивко. Кон крајот на денот и во текот на ноќта облачно.
Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека денеска ќе има само преодно стабилизирање на времето.
„Од понеделник под влијание на циклонска активност и студен воздух од север ќе започнат нови врнежи претежно од снег, во делови од Повардарието од дожд. Особено во западниот дел и на исток каде што во понеделник врнежите ќе бидат пообилни ќе се зголеми и ќе се прошири и снежната покривка, а снег ќе има понекаде и во пониските места“, велат од УХМР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Kостадиновски: Нашето современо илинденско наследство е вистинската посветеност на владеењето на правото и правната држава

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, упати честитка по повод Денот на Републиката, 2 август – Илинден.
„Денес, 122 години од Илинденското востание и 81 година од Првото заседание на АСНОМ, со воодушевеност си припомнуваме за епохалните победи и незаборавените жртви на нашите илинденци, на создателите на нашата Република.
Илинден е вечна инспирација за современа и праведна држава, симбол на визионерство и непокор, но и потсетник за должноста којашто ја имаме кон нашите предци и иднината којашто им ја должиме на нашите деца.
Чекориме во слободна држава, во земја која ги слави и возвишува идеалите на патриотизмот преку слободно и достоинствено живеење.
Чин на највисок патриотизам денес претставува вистинската посветеност на владеењето на правото и градењето на правната држава. Тоа е нашето современо илинденско наследство.
Да продолжиме со истиот жар и стремеж за правда, секој од нас да ја исполни обврската кон илинденците и никогаш да не згасне борбата за просперитетна, прогресивна, но пред сè правна држава!
Нека ни е честит Денот на Републиката!
Честит Илинден!“, стои во честитката на Костадиновски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Илинден е ден на обединување, ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината

ВМРО-ДПМНЕ упати честитка по повод Илинден.
„Илинден е симбол на нашата непокорност, заветот на Крушево и борбата на партизаните за слободна Македонија. Тоа е ден кога се преклопуваат идеалите на сите генерации кои сонуваа за држава своја, слободна и праведна.
Илинден е и Крушевската Републикa, замислена како дом на сите луѓе, без разлика на вера и народност. Илинден е и АСНОМ, темелот на современата македонска држава, каде што повторно се повтори истиот идеал: Слободна Македонија, за македонскиот народ и за сите нејзини граѓани.
Денес, на нас е да ја чуваме слободата, да ја унапредуваме демократијата, да ја развиваме државата. И тоа во услови кога има многу предизвици, негаторски политики и разлилни пропаганди.
Илинден е и ден на обединување.Тоа е ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината.
Нашата мисија е јасна, Македонија мора да победи. Да ја вратиме правдата, да го зачуваме идентитетот, да ја изградиме државата која ќе биде дом на достоинството и просперитетот. Илинден е најголемата вистина која живее, епопејата на народот за слобода и своја држава.
Честит Илинден!
Да живее Македонија!“, стои во честитката на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Гаши: Овој ден е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка по повод 2 Август – Денот на Републиката.
„Во име на пратениците и Собранието на Република Северна Македонија, упатувам најискрени честитки по повод 2 Август – Денот на Републиката. Овој ден е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество, вредности што денес претставуваат темел на нашето заедништво и на институциите на државата. Оваа дата не е само дел од историјата на државата, туку и обврска да ја зачуваме и понатаму да ја унапредуваме визијата за современа држава насочена кон мир, напредок и евроатлантска интеграција.
Нека овој ден биде поттик за размислување за заедничкиот пат што го изградивме како држава и како општество, како и за понатамошно охрабрување на меѓусебното разбирање, соработка и посветеност кон доброто на татковината, без разлика на етничките, верските или политичките разлики“, стои во честитката на претседателот на Собранието, Гаши.