Македонија
Тошковски за Денот на настава на турски јазик: Македонскиот и турскиот народ се два блиски народи кои соработуваат и се почитуваат на сите полиња

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес се обрати на свечената манифестација по повод 21 Декември – Ден на наставата на турски јазик во организација на Сојузот на турски невладини организации во Македонија. На настанот присуствуваше и претседателот на Големото народно собрание на Република Турција Нуман Куртулмуш.
Министерот Тошковски во своето обраќање истакна дека во богатиот спектар на ова наше македонско тло, на нашата убава Македонија, турската етничка заедница претставува врзовно ткиво, длабоко фундирано во културниот, историскиот и општествен развој на нашата држава.
„Таа позиција изградена со силната лојалност и добронамерност, со солидарност и уважување на сограѓаните, заслужува највисок можен респект. Македонскиот и турскиот народ се два блиски народи кои соработуваат и се почитуваат на сите полиња, од културно до технолошко.
Оттаму, денешното наше заедничко чествување на Денот на настава на турски јазик, треба да се сфати како одбележување на датум што ја надминува сопствената симболика, како празник кој што безрезервно го заслужува пиететот, почитта и искреното уважување од сите наши граѓани.“, подвлече министерот Тоошковски.
Тошковски го честиташе денешниот празник, Денот на настава на турски јазик, со уверување дека исто како и нашите претходници и ние сегашните генерации ќе им оставиме на оние што ќе дојдат по нас наследство изградено од цврсто заедништво, меѓусебно почитување и партнерство, како темелни вредности на заедничкиот натамошен опстој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ја поддржуваме одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Во врска со објавите на социјалните мрежи, за директорот на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува одлуката да биде разрешен од функцијата. Немаме сомневање дека јасно и недвосмислено институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности.
Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво и управувањето на институциите мора да биде во согласност со вредносниот систем на одговорност за кој се залагаме и ќе продолжиме да се бориме“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.