Култура
Објавен превод на збирката раскази „Мали необични луѓе“ од хрватскиот писател Миро Гавран
Деновиве, во превод на Стефан Марковски и Викторија Митрикеска – Марковска, „Современост“ ја објави збирката раскази „Мали необични луѓе“ од меѓународно познатиот хрватски писател, академик Миро Гавран.
Расказите се пишувани во периодот од 1979-та до 1999-та година, а се поделени во три циклуси на 220 страници: 1) Четири различни приказни; 2) Семејни приказни; и 3) Нови приказни.
Некои од расказите се наградени и вклучени во книжевни антологии и прегледи на хрватската литература, а според еден од нив, расказот „Мојот добар татко“ (од 1979-та година) авторот напишал и драмски текст.
Миро Гавран (Горња Трнава, 03.05.1961) е хрватски драматург, романсиер и раскажувач. Неговите книги се преведени на 42 јазици и се објавени во над 250 изданија во Хрватска и во странство. Врз основа на неговите драми и комедии (досега вкупно 55) се одиграни над 400 театарски премиери ширум светот, со над четири милиони гледачи. Тој е единствениот жив драматург во Европа во чија чест има театарски фестивал, надвор од неговата родна земја, каде се изведуваат претстави по негови текстови, а кој е активен од 2003 година во Словачка, во Трнава, под името ГавранФест, од 2013 година во Полска, во Краков, од 2016 година во Чешка, во Прага, во 2019 година се одржува во Аугсбург (Германија), а во 2020 г. во Србија, во Белград.
Од 06.11.2021 година е претседател на Матица Хрватска.
Од 1993 година живее и работи како професионален писател. Неговите драми и раскази се застапени во бројни антологии во земјата и странство.
Станал редовен член на Руската академија на литературата на 22 април 2014 година, додека во мај истата година бил избран за придружен член на Хрватската академија на науките и уметностите во Загреб. Во ноември 2016 година станал член на Словенската академија за литература и уметност во Варна, а на 23 јуни 2022 година е прогласен за почесен академик на ХАЗУ БиХ.
Од мај 2024 година е редовен член на Хрватската академија на науките и уметностите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љутков: Концертот на „Танец“ е прослава на македонската култура и традиција, нашето минато, сегашност, но и иднина…
„75 години Македонски код“ беше насловот на завршниот јубилеен концерт на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, што се одржа вчеравечер во Националната опера и балет. Ова патување низ македонската фолклорна традиција е кулминација на серијата јубилејни концерти што Ансамблот ги одржа низ годината, славејќи ја македонската култура и традиција.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, честитајќи им го јубилејот на сите вработени во Ансамблот, им се заблагодари за нивниот придонес во градењето на реномето на оваа институција, која е национален бренд и е гордост на македонската култура.
– Низ својата културна мисија низ децениите, „Танец“, кој го носи епитетот најстар и единствен државен ансамбл од ваков вид, прерасна во достоен репрезент на најубавото, непроценливото македонско фолклорно богатство и творештво кое го потврдува идентитетот на македонскиот народ. Изведувајќи ги „Тешкото“, „Невестинското“, „Комитското“ и другите македонски фолклорни бисери на многубројните настапи на концертни сцени во светот, „Танец“ одигра историска мисија, покажа и докажа дека Македонија со својата богата етнокореолошка традиција зазема маркантно место во семејството на народите кои ја споделуваат својата богата култура со целиот свет – рече Љутков.
Тој изрази уверување дека и во иднина „Танец“ ќе биде врвен промотор на Македонија, преку кој, како што рече, ќе ја прославуваме македонската култура и традиција, нашето минато, сегашност, но и иднина…
Ансамблот „Танец“ е основан во март 1949 година во Скопје и веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската култура и традиција.
Култура
Промоција на публикацијата „Циклус цртежи Мариово 1936 од Борко Лазески“
Публикацијата „Циклус цртежи Мариово 1936 од Борко Лазески“ ќе биде промовирана во НУ Музеј на македонската борба за самостојност во вторник, 24 декември, со почеток во 12 часот.
Изданието содржи цртежи кои Лазески ги создава во 1936 година, инспириран од неповторливиот пејзаж, традиција и култура на Мариово. Публикацијата вклучува репродукции на цртежите, критички текстови и историски осврти коишто ја доловуваат вредноста на овие дела како и културно-историскиот контекст во кој се создадени. На промоцијата ќе бидат изложени дел од оригиналните записи на Лазески, што ќе ѝ овозможи на публиката автентично доживување на неговото уметничко наследство.
Промоцијата се организира во соработка со Здружението ИКОН, а на присутните ќе им се обратат Росица Лазеска и в.д. директорката на Музејот на македонската борба за самостојност, Анче Илиевска.
Изданието е поддржано од Годишната програма за национален интерес на Министерството за култура.
Култура
„Дeдо Мраз дојде со воз“ – специјална новогодишна театарска претстава за деца на Железничката станица – Скопје
На сценага, музејот и перонот бр. 1 на скопската железнича станица, вечерва (23 декември, 2024) со почеток од 19 часот, премиерно ќе биде изведена мултумедијалната претстава „Дедо Мраз дојде со воз“.
Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата. Приказната се раскажува почнувајќи од музејската поставка „Зошто Дедо Мраз го одбра железничкиот сообраќај?“ преку мултимедијална театарска претстава „Дедо Мраз дојде со воз“ на сцената на Македонски железници – Инфраструктура завршувајќи со разглед на специјалниот новогодишен воз на Дедо Мраз, поставен на перонот бр.1 на Железничка станица во Скопје
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Мила Трајковски, Ведра Димова, Александар Спироски, во кој се вклучени и учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Организатори се Училиштето за театар „Од игра до претстава“, во соработка со Јавните претпријатија: Македонски железници А.Д. Транспорт и Македонски железници – Инфраструктура.
Билети за претставата се останати само за изведбите закажани за 26.28. и 29. Декември 2024 со почеток од 19 часот и истите може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот и преку продажната мрежа на „МК Тикетс“. Резервација на [email protected], како и на телефонскиот број 075 295 905.