Економија
Ангеловска-Бежоска – Васле: Mакропрудентните мерки ја зајакнаа финансиската стабилност

Централните банки преку преземените макропрудентни мерки, како што е на пример противцикличниот заштитен слој на капиталот, му помогнаа на банкарскиот систем да се справи со економските предизвици и имаа клучна улога во зачувувањето на финансиската стабилност во сложеното глобално окружување, полно со неизвесности.
Ова се дел од пораките коишто ги упатија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и гувернерот на Банката на Словенија, Боштјан Васле, на средбата во Народната банка.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека во текот на кризите, не само што се задржа, туку и дополнително се зајакна отпорноста на банкарскиот систем, којшто во целиот овој период постојано обезбедува кредитна поддршка за економијата.
„Главниот параметар преку којшто се утврдува стабилноста на системот е адекватноста на капиталот, којашто во моментов изнесува околу 19% и е највисока во последните 16 години, но и стабилната и солидна ликвидност и добриот квалитет на кредитното портфолио. Ова покажува дека банкарскиот систем има капацитет да обезбеди поддршка за економскиот раст, особено за инвестициите. Позитивни промени се забележуваат во рочната и валутната структура и на депозитите на банките, видливи преку значителниот раст на долгорочните депозити и штедење во денари, коишто бележат двоцифрен раст. Ова е показател и за довербата на јавноста во банкарскиот систем и во политиките коишто ги води централната банка“, нагласи гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Во рамките на посетата на Народната банка, гувернерот на Банката на Словенија, Боштјан Васле, одржа презентација на тема „Најновите движења во банкарскиот сектор и патот напред“, пред претставниците на банките и регулаторните тела во земјава.
„Банките во еврозоната и во Словенија работат многу успешно во последно време, со високи стапки на профитабилност слични на оние на банките во С Македонија и со историски поволни показатели за квалитетот на средствата. Банките главно се добро капитализирани и одржуваат солидна ликвидност. Нивната поволна позиција е резултат на зајакнувањето и унифицирањето на банкарската регулатива и супервизија во еврозоната, подобрувањата на рамките на макропрудентната политика и на големата поддршка од монетарната и фискалната политика за време на пандемијата и енергетската криза. Сепак, европските банки се соочуваат со долгорочни предизвици поврзани со нивните деловни модели, дигитализацијата и зголемената конкуренција од небанкарските институции“, посочи гувернерот Васле.
Гувернерите Ангеловска-Бежоска и Васле истакнаа дека и покрај поповолниот макроамбиент во текот на годинава и натаму постојат ризици и неизвесности главно поврзани со надворешното окружување и влијанието на геополитичките превирања и геоекономската фрагментација, при што централните банки ја задржуваат внимателноста во водењето на макропрудентните политики, како поддршка за зајакнување на финансиската стабилност во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерство за енергетика: Стабилни инвестиции во обновливи извори, започна подготовката за воведување на CfD механизам во Македонија

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), го започна процесот за воведување на механизмот „договори за разлика“ (Contract-for-Difference – CfD) како нов модел за поддршка на инвестициите во обновливи извори на енергија.
Моделот CfD, веќе докажан низ ЕУ, ќе ги забрза инвестициите во капацитети за обновливи извори на енергија, а истовремено ќе ги заштити потрошувачите од нестабилноста на пазарот.
На денешниот кик-оф состанок, министерката Сања Божиновска истакна дека CfD не е само финансиски инструмент, туку системска промена што обезбедува стабилност за инвеститорите и заштита за потрошувачите.
„Со оваа реформа поставуваме предвидливи и одржливи услови за инвестиции во соларни и ветерни капацитети, со што ги забрзуваме нашите амбициозни цели – 1.7 GW обновлива енергија до 2030 година. CfD механизмот создава сигурност, пониски трошоци и конкурентен пазар, што е клучно за забрзаната транзиција кон чиста енергија.“ изјави министерката Божиновска.
Со поддршка на ЕБОР и експертиза од меѓународни партнери, Македонија ќе го приспособи овој механизам на локалниот енергетски пазар, отворајќи нови можности за инвеститорите. Очекувањата се дека ова ќе доведе до забрзан развој на обновливите извори и стабилни долгорочни цени за потрошувачите.
Процесот на подготовка продолжува во наредните месеци, со детална анализа на регулативата и финансиските аспекти, со цел да се создаде модел што ќе донесе реални и одржливи резултати за македонската енергетика.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,84% во однос на одлуката од 24.3.2025 година.
Од 2.4.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 69,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 69,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 41,705 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), се зголемуваат за 1,00 ден/лит
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се зголемува за 0,950 ден/кг и сега ќе изнесува 41,705 /кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 3,381%, кај дизелот зголемувањето е во просек за 1,884%, кај екстра лесното масло зголемувањето е во просек за 1,987% и кај мазутот зголемување во просек за околу 2,396%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7218%.
Економија
Николоски: Креираме нов едношалтерски систем и поефикасни постапки за увоз, извоз и транзит на стока

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска претседаваше со Комитетот за управување со Националниот едношалтерски систем.
Комитетот го усови предлог на Законот за едношалтерска околина, нов закон со кој ќе се обезбеди збир на едношалтерски услуги кои ги обезбедуваат 15 институции во делот на увозот, извозот и транзитот на стока.
Целта на оваа регулатива е да се олесни трговијата преку рационализација на процесите при апликација и издавање на дозволи, нивната обработка и процесот на царинење на стоките при увоз, извоз и транзит низ државата.
Исто така со Законот се постигнува интероперабилност, односно размена на податоци меѓу сите инститиуции на национално ниво, подобра соработка како и координирани активности во рамки на овој систем.
Законот има за цел да направи и услогласување со европската регулатива, како и целосно усогласување со нецаринските системи во земјите од ЦЕФТА.
Република Македонија е дел од проектот за олеснување на транспортот и трговијата во земјите од Западен Балкан каде една од компонентите е имплементацијатa на овој Нов Национален Едношалтерски Систем што подразбира целосна замена на тековниот систем за управување со дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки со нов систем.
Во рамките на оваа активност, Министерството за транспорт преку Проектната единица во рамки на самото министерство е во фаза на подготовна на тендерска документација за нова електронска “Платформа за дозволи” како и хардверска опрема, која се очекува да се распише во месец мај оваа година.
Овoj софтвер подразбира дека во иднина сите дозволи за увоз, извоз и транзит како и плаќањето, ќе се одвива по електронски пат на една точка.