Македонија
Во Битола почнаа консултациите за отповикување на градоначалниците
Битола денеска беше домаќин на првата консултативна средба за најавените измени и дополнувања на Законот за локалната самоуправа, организирана од страна на Министерството за локална самоуправа, а поддржана од проектот „Зајакнување на општинските совети“, финансиран од владата на Швајцарија и од Министерството за локална самоуправа, кофинансиран и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, во соработка со други национални институции и ЕЛС.
„Како што најавивме, до изменет, подобрен и модернизиран закон за локална самоуправа, приспособен на потребите на нашите граѓани и општини, ќе дојдеме преку широки, отворени и јавни дебати. Токму денешниот настан е првиот од низата планирани во процесот во кој безрезервна поддршка и партнерство добиваме од владата на Швајцарија и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП. Вашето учество и конструктивни мислења ќе бидат од големо значење бидејќи токму во оваа фаза на консултации ги обликуваме неопходните чекори за изменување и дополнување на законот“, истакна министерот Златко Перински на отварањето на настанот, на кој учествуваа градоначалници од Полошкиот и Југозападниот Регион, домаќинот, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, дел од експертскиот тим вклучен во процесот за измените на законот, проф. д-р Александар Спасеновски, проф. д-р Гордан Георгиев и проф. д-р Мемет Мемети, како и претставници од граѓанскиот и невладиниот сектор.
Според министерот Перински, причините поради кои ќе се менува, односно дополнува Законот за локалната самоуправа, се идентификуваните слабости по неговата дваесетгодишната примена. Клучните аспекти на планираните измени, посочи Перински, вклучуваат зголемена транспарентност и отчетност, унапредување на учеството на граѓаните, воведување комунални редарски служби и развој на недоволно развиени подрачја.
Министерот истакна дека главната иницијација за отворање на законот е можноста за отповикување градоначалник, со што ќе се зголемат транспарентноста и отчетноста во секојдневното работење на локалните самоуправи, како и воведување комунален надзор под ингеренции на локалната самоуправа.
„Тоа треба да се доуреди со Законот за комуналните дејности бидејќи таму е опишана целата материја, но како обврска во иднина градоначалниците мора да ја имаат и затоа сакаме да ја имплементираме во ова ново законско решение со што ќе превенираме девијатните промени. Комуналните редари ќе бидат облигаторна работа за градоначалниците“, дополни министерот.
„Токму овие планирани измени ќе бидат од голема полза за граѓаните и општините“, истакна градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој изрази задоволство што министерот Перински одлучил подобрувањето на законската рамка да се врши транспарентно преку јавни и широки дебати, кои почнуваат токму од Битола.
Во процесот на подготвка на подобрената законска рамка е вклучена и експертска група, ангажирана од страна на УНДП и швајцарската влада, а еден од нив е и проф. д-р Александар Спасеновски, кој истакна дека сега имаме добро принципиелно законско решение, кое го изржало тестот на времето.
„Сепак, како резултат на неговата дводецениска примена природно се појавуваат одредени слабости, кои се настојува да се надминат. Ние како експерти ангажирани од УНДП, како дел од овој процес, имаме цел преку анализа на најдобрите компаративни европски практики, како и сугестиите на општините, да дизајнираме измени што ќе го рефлектираат најширокиот консензус во општеството и во Собранието“, посочи Спасеновски.
Дел од експертскиот тим е и проф. д-р Гордан Георгиев, кој изрази благодарност до министерот Перински и УНДП за одлучноста да го отворат овој сложен процес.
„Волјата е силна, намерата е добра и искрена. Ние како експерти сакаме да докажеме дека станува збор за добра намера, која верувам дека ќе вроди со плод“, рече Георгиев.
„Станува збор за отворен и инклузивен консултативен процес, кој сака да адресира слабости што ќе бидат прифатени од сите граѓани“, додаде проф. д-р Мемет Мемети, дел од експертската група.
На консултативната средба беше појаснето дека процесот на работа на експертската група се состои од четири клучни методолошки чекори, односно ќе се врши темелна анализа на постојната рамка, ќе следува консултативен процес, кој ќе резултира со изработка на нацрт-измени, кои финално ќе се презентират и достават на усвојување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

