Црна хроника
Предлог за продолжување на притворот за мажот од Штип кој по расправија си ја уби девојката

Основното јавно обвинителство Штип поднесе Обвинителен акт против 33-годишник против кого се спроведуваше истрага за кривично дело – Убиство согласно член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
Во текот на истрагата се обезбедија докази според кои обвинетиот на 1 ноември, при вршење семејно насилство, со умисла ја лишил од живот својата вонбрачна партнерка. Откако се договориле и се сретнале пред нејзиниот дом, заедно отишле во напуштен објект на ЈП Исар за да разговараат за проблемите во нивната повеќегодишна врска. Разговорот преминал во расправија, по што обвинетиот физички ја нападнал жртвата и започнал да ја удира со тупаници. Кога таа паднала на подот, тој започнал силно да ја стега во пределот на вратот додека не дошло до прекин на дишењето и нарушување на дотокот на крв во мозокот, како резултат на што жената починала. Кога се уверил дека не дава знаци на живот тој го напуштил местото и сам се пријавил во полициска станица.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Штип достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Пронајдени седум мигранти од Египет и Ирак, уапсени двајца криумчари од Неготино

Вчера полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово ги лишија од слобода Б.М.(25) и В.Ч.(27), двајцата од Неготино.
На 08.10.2025 околу 18:20 часот на автопатот Демир Капија-Неготино, на место викано „Острово“, полициски службеници извршиле контрола во патничко возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки, при што затекнале седум лица мигранти (шест од Египет, меѓу кои пет малолетници и едно од Ирак).
По преземени мерки констатирано е дека В.Ч. со патничко возило „опел астра“ со неготински регистарски ознаки бил претходница и го известувал Б.М. за поставеноста на полициски патроли на патот.
Известен е јавен обвинител, а лицата се задржани во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Истрага против четири лица за препродавање на дрога

По повеќемесечна предистражна постапка, во текот на вчерашниот ден во координација со предметен обвинител од ОЈО ГОКК, единиците на МВР спроведоа акција на повеќе локациии низ Градот Скопје. При претресите е пронајдена количина на наркотични дроги – кокаин и марихуана, а во домот на еден од осомничените се пронајдени и куршуми за пиштол, за чие набавување и поседување е потребно одобрение и дозвола за поседување.
Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, а еден од осомничените сторил и кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од чл.396 ст.3 од Кривичен законик.
Осомничените од февруари до октомври годинава се здружиле заради неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога-кокаин и наркотична дрога – марихуана. За таа цел купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластената продажба на наркотичната дрога така што првоосомничениот неовластено ја набавувал, ја пренесувал и сокривал на безбедна локација на подрачје на Скопје. Потоа дел од неовластено набавената наркотична дрога ја предавал на останатите осомничени лица кои секој посебно преземал дејствија за неовластена продажба, продавајќи ја по 4.000,оо денари за 1 грам кокаин и по 500,оо денари за 1 грам марихуана.
Ценејќи дека се исполнети условите за определување на мерка притвор, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје достави предлог оваа мерка да биде определена спрема сите осомничени.
Црна хроника
Претреси во Скопје, пронајдена дрога и муниција, уапсени четири лица

Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, спроведе акција на повеќе локациии низ Скопје. При претресите пронајдени се наркотични дроги – кокаин и марихуана, а во домот на еден од осомничените се пронајдени и куршуми за пиштол.
МВР поднесе кривична пријава до ОЈО ГОКК против Н.Г (29), Б.П. (27), Д.Б. (24) и Ф.С.(30) сите од Скопје заради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции“ од член 215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, а против Ф.С. и за кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“ од член 396. ст.3 од Кривичен законик.
Осомничените од февруари до октомври годинава се здружиле заради неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога-кокаин и наркотична дрога – марихуана. За таа цел купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластена продажба на наркотична дрога така што првоосомничениот неовластено ја набавувал, ја пренесувал и сокривал на безбедна локација на подрачје на Скопје. Потоа дел од неовластено набавената наркотична дрога ја предавал на останатите осомничени лица и секој посебно преземал дејствија за неовластена продажба, продавајќи ја по 4.000 денари за 1 грам кокаин и по 500 денари за 1 грам марихуана.