Македонија
Укината забраната за камиони на патот Дебар – Маврово

Се укинува забраната за движење на тешки моторни на патниот правец Дебар – Маврово, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози.
Од 15.11.2024 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Давкова благодарна до сите земји кои ни помогнаа по трагедијата, објави листа на државите кои пружија помош

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во име на македонските граѓани и во свое лично име, изразува најискрена благодарност до сите пријателски држави што во моментите на национална трагедија и шок, предизвикани од кочанската апокалипса, пружија и сè уште пружаат навремена и несебична помош, водени од принципите на солидарност и хуманост.
„Ангажманот на нивните медицински тимови, подготвеноста на авионите и хеликоптерите за итна интервенција, отворањето на здравствените установи за повредените граѓани, како и активирањето на европскиот механизам за цивилна заштита, испратија недвосмислена и силна порака дека во најтешките моменти не сме сами. Тие ја делеа болката со нас, а нивната грижа стана наш заеднички лек“, вели Давкова.
Во нејзината порака со благодарност се наведува дека ја почувствувавме силата на вистинското пријателство преку нивната присутност и поддршка, којашто ќе остане врежана во колективната меморија на нашиот народ.
Тажно е, додава Давкова, што низ болката и ненадоместливата загуба ја спознавме суштинската поврзаност со светот и длабокото чувство на припадност, нешто што не требаше да биде плод на трагедија. Од срце сме им благодарни, никогаш нема да ја заборавиме помошта од:
Република Србија
Република Бугарија
Република Турција
Хеленската Република
Кралството Шпанија
Република Австрија
Унгарија
Република Хрватска
Кралството Белгија
Италијанската Република
Република Литванија
Република Словенија
Кралството Шведска
Република Полска
Државата Израел
Република Чешка
Обединетото Кралство
Сојузна Република Германија
Големото Војводство Луксембург
Кралството Норвешка
Романија
Република Албанија
Босна и Херцеговина
Кралството Холандија
Република Финска
Француската Република
ЕУ
Македонија
Мицкоски и Филипче утре ќе се сретнат во Владата

Премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, утре ќе остварат средба во владината зграда.
Претходно денес, Мицкоски изјави дека е подготвен да го прими на средба лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во кое било време.
„Стојам на располагање во секое време, ќе го прераспределам мојот распоред – ако треба на полноќ, или после полноќ за да го сослушам неговиот план и да видиме дали по тој план нешто може да се реши. Но ако планот опфаќа пристап каков што беше во минатото за време на ковидот, тогаш јас такви планови не можам да прифатам“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Пред новинарите денес се обрати и Филипче, кој пак предложи нов концепт за политички и општествен дијалог. Тој очекува во фокусот на средбата да бидат бразованието, здравството, правосудството, заштитата на животната средина и партизацијата во институциите.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Децата со аутизам се само поразлични, не се деца со маана

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими родители од Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергерог синдром „Во мојот свет“, по повод 2 април – светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот.
На средбата, родителите истакнаа дека сè уште се сами во борбата за подобрување на животот на своите чеда. Отсуствува системско решавање на проблемите. Родителот, велат тие, нема никаква поддршка. Има многу малку лични асистенти кои им помагаат, тешкиот товар паѓа на нив и затоа дел од нив не работат. Истовремено, поради отсуство на емпатија, секојдневно се соочуваат со чудни погледи и стигматизација на нивните деца. Најболно и најстрашно за нив, истакнуваат, е кога ќе помислат кој ќе се грижи за детето по нивната смрт.
Слушајќи ги проблемите со кои се соочуваат родителите, претседателката потенцираше дека децата треба да ни се најважни, бидејќи, како што рече, „убедена сум дека секое дете може да дојде до израз ако му се даде шанса“.
Таа, во волонтерството препознава едно од можните решенија на проблемот. По примерот на САД и многу други држави, учениците, средношколци и студентите, како волонтери би добивале поени што ќе се земаат предвид при евалуацијата. „Да дадеш нешто, без да бараш ништо за возврат, тоа е едноставно љубов“, смета таа.
Уште еден голем проблем на којшто посочија родителите е отсуството на разбирање и прифаќање, за жал, не се разговара ниту во семејството. Децата уште од градинка треба да учат дека некои нивни врсници се поразлични од нив и да ги прифатат како такви. Само на тој начин ќе се развие инклузивната свесност, велат родителите.
Во оваа насока претседателката се заложи за креирање интегрално решение, коешто ќе вклучи измени не само во законите за основно и за средно образование, туку и во други закони каде посебен дел ќе им биде посветен на децата со попреченост. „На тие деца им е потребно да учествуваат во социјалниот живот, а не да бидат оставени на маргините на општеството“, заклучи таа. Час поскоро треба да се обезбеди простор за Центарот за аутизам во Тетово, со оглед на веќе пристигнатата бугарска донација.
Од здружението „Во мојот свет“ укажаа дека забрзано расте бројот на лица со аутизам, од 2000 година до сега, пораснал за 317%. Поради недостиг на национален регистар, според статистиката на ЕУ и на СЗО, се претпоставува дека во земјава има од 15 до 20 000 лица со аутистичен спектар на нарушување кои нестрпливо очекуваат разбирање и помош.