Македонија
Царинската управа: Спречено шверцување злато, лекови, фотоапарати, опрема за борачки вештини

Во текот на минатата недела царинските службеници открија и спречија повеќе обиди за шверцување разна стока, при што запленети се златни монети, лекови, фотоапарати, делови за мобилни телефони, автоделови, како и опрема за борачки вештини.
„Странски државјани кои патувале со автомобил управуван од државјанин на Србија се обиделе да криумчарат злато преку граничен премин Табановце. Во нивната намера се спречени од царинските службеници коишто извршија контрола на автомобилот при што во чантата на сопатничката, државјанин на Украина, открија 5 златни монети со проценета вредност од половина милион денари. По откривањето на монетите за нивен сопственик се пријавил трет патник инаку германски државјанин кој исто така патувал со истиот автомобил.
– На Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ е спречен шверц на 1.200 таблети Plaquenil, што се употребуваат за третман на лица со автоимуни болести. Таблетите се пронајдени во куфер на државјанка на Босна и Херцеговина, која патувала со лет од Истанбул.
– Професионални фотоапарати и опрема за фотографирање е пронајдена при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, на влез во државата на граничниот премин Табановце.
– Мобилни телефони и 74 делови за мобилни телефони со вкупна вредност од 204 илјади денари се пронајдени во просторот за резервна гума на автомобил со косовски регистарски таблички управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце.
– Службата за мобилен скенер во надворешна преграда на влекач на товарно возило пронајде четири турбо компресори за патнички и товарни возила. Непријавените производи се откриени во возило со српски регистарски таблички, управувано од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце.
– Во друг случај Службата за мобилен скенер при контрола на камион, во просторот за палети, откри 13 кимона за карате и 47 пара боксерски ракавици, кои не биле пријавени. Делото е откриено на царински терминал на граничен премин Табановце, каде што при скенирање на камионот со македонски регистарски таблички се утврдени неправилности по што е извршена контрола на возилото“, посочуваат од Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.